Кифлички со маргарин: Превкусни и меки, а готови се за миг!

Меки кифлички

Ви предлагаме рецепт за неодоливо вкусни и меки кифлички со маргарин што ќе ве воодушеват

Кифличките со маргарин се неодоливо вкусни и меки, а одличен избор се и за посвечени трпези. Едноставно се приготвуваат, а добро е што можат да бидат и посни и мрсни.

Состојки:
  • 500 мл вода
  • 40 г свеж квасец
  • 20 г шеќер
  • 20 г сол
  • 2 лажици масло
  • 250 г маргарин (може и посен маргарин)
  • околу 1 кг меко брашно (900 г за месење)
  • 1 жолчка
Приготвување:

Во потопла вода ставете квасец и шеќер, па промешајте. Додајте половина од брашното, сол и половина од маргаринот, па повторно измешајте. Најдобро е маргаринот да биде на собна температура, бидејќи полесно ќе се меси.

Постепено додавајте брашно, па замесете тесто. Добро замесете го тестото, па прелејте го со масло и оставете го 5 минути да одмори, за да се впие маслото во тестото. Потоа, поделете го тестото на три дела и секој дел расучете го во круг.

Од преостанатиот маргарин оставете една лажица на страна. На првиот круг намачкајте половина од преостанатиот маргарин, поклопете го со вториот круг, па премачкајте го со преостанатиот маргарин и поклопете го со третиот круг. Притиснете малку со рака, па расучете тесто во голем круг. Исечете го на 4, па на 8 делови и потоа уште на 2 или 3 дела, зависи колку кифлички сакате.

Завиткајте ги, па наредете ги во плех, потоа премачкајте ги со изматена жолчка или со стопен маргарин. Ако се пости, тогаш премачкајте ги само со посен маргарин. Кога ќе ги наредите и премачкате кифличките, тогаш вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени.

Оставете ги кифличките да отстојат додека се загрее рерната. Ставете ги да се печат 15-20 минути, зависно од рерната. Додека се сè уште во плехот, премачкајте ги кифличките со маргаринот што сте го оставиле на страна и оставете го да се стопи малку, па дури потоа извадете ги од плехот.

Добар апетит!

Домашни кифлички на старински начин: Со само 4 состојки и без квасец – меки и воздушести!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.