Домашната супа од јунешки коски е хранлива и вкусна
Оваа домашна супа е богата со зеленчук, тестенини и природни минерали од коските, а еве кои се нејзините нутритивни предности…
- богата е со протеини и колаген од коските, што ги зајакнува зглобовите и коските
- минерали (калциум, магнезиум, фосфор) за здравје на коските и мускулите
- витамини од зеленчукот (А, Ц, К) за имунитет и енергија
Оваа супа од коски има богат, полн вкус и хранливи материи кои го греат и зајакнуваат организмот.
Состојки (за 4-6 лица):
- 300 г јунешки коски
- 2 пашканата
- 1 кромид
- 120 г корен од целер
- 4 моркови
- 3 компира
- сол и бибер по вкус
- 100 г тестенини за супа
- магдонос (за декорација)
Приготвување:
Добро измијте ги јунешките коски и ставете ги во голем лонец. Сипете ладна вода (околу 2-3 литри) и полека загревајте до вриење.
Кога водата ќе зоврие, намалете ја температурата и отстранете ја пената што ќе се создаде на површината за да биде супата побистра.
Додека коските се крчкаат, пригответе го зеленчукот: излупете пашканат, кромид и целер и исечкајте ги на големи парчиња.
Додајте го зеленчукот во лонецот со коските и продолжете да загревате на ниска температура 2-3 часа.
Зеленчукот ќе ѝ додаде природна слаткост и арома на супата, додека од коските се ослободуваат минерали и желатин.
Откако супата се варела окколу 2 часа, додајте 4 моркова и 3 компира исечкани на коцки.
Посолете и забиберите по вкус.
10-15 минути пред крајот на готвењето додајте тестенини за супа. Внимавајте да не се преварат – треба да останат меки, но да не се распаднат. Посипете ја супата со сечкан свеж магдонос пред послужувањето. Послужете ја топла, со парче домашен леб по желба.
Подолгото готвење на коските (3-4 часа) доведува до поинтензивен вкус и похранлива супа.