Една смеса за пирошки со 3 различни вкусови: Со сирење, месо и компир!

Пирошки со 3 различни фила

Едноставен рецепт за вкусни и меки пирошки за целото семејство

Научете како да приготвувате пирошки со една смеса и три различни вкусови – сирење, месо и компир.

Состојки (за 20-25 пирошки):

За тестото:

  • 500 г брашно
  • 250 мл млеко (млако)
  • 1 јајце
  • 50 г путер или маргарин (стопен)
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажиче сол
  • 7 г сув квасец (или 25 г свеж квасец)

За месниот фил:

  • 200-250 г мелено месо (свинско, говедско или мешано)
  • 1 мал кромид (ситно сечкан)
  • сол, бибер по вкус
  • малку масло за пржење

За филот со сирење:

  • 200 г ситно сирење (или фета)
  • 1 јајце
  • малку сол и магдонос по желба

За филот со компир:

  • 2 поголеми компири, сварени и згмечени
  • 1 лажица путер
  • сол, бибер и малку мускатно оревче по желба
Приготвување:

За тестото, во млако млеко растворете шеќер и квасец и оставете го 10 минути да се активира (да запени). Додајте јајце, сол и стопен путер.

Постепено додавајте брашно и месете додека добиете мазно и меко тесто. Покријте го со крпа и оставете го да нарасне на топло, еден-еден и пол час, додека не се удвои.

За месниот фил, на малку масло пржете кромид додека стане стаклест. Додајте мелено месо, посолете, забиберите и пржете додека зарумени.

За филот со сирење, во чинија измешајте сирење и јајце. По желба, додајте сечкан магдонос и малку сол.

За филот со компир, згмечете ги варените компири со виљушка. Додајте путер, сол, бибер и малку мускатно оревче.

Потоа, формирајте ги пирошките. Нараснатото тесто расучете го на дебелина од околу 0,5 сантиметри. Исечкајте го на квадрати или кругови. На секој дел од тестото ставете лажица фил по желба – месо, сирење или компир. Преклопете го тестото и добро затворете ги рабовите со виљушка или со прсти.

Доколку сакате да ги пржите пирошките, загрејте масло во тавче. Пржете ги пирошките додека заруменат од двете страни. Вадете ги на хартиена салвета за да се впијат вишокот маснотии.

Доколку сакате да ги печете, загрејте ја рерната на 180 степени. Наредете ги пирошките на плех обложен со хартија за печење. Премачкајте ги со изматено јајце, па печете ги 20-25 минути додека добијат златна боја.

Совети:

По желба, може да додадете и други филови; печурки, шунка, зеленчук или џем.

Тестото можете да го подготвите од претходно и да го чувате во фрижидер, а филовите додавајте ги непосредно пред печењето или пржењето.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе