Домашни кроасани: Воздушести и меки како од пекарница – вистински избор за сите оброци!

Меки и вкусни

Ви откриваме рецепт за кроасани чиј вкус нема да можете да го заборавите

Ова е рецептот за највоздушестите кроасани што можете да ги полните по ваша желба. Меки се и многу вкусни, па може да се најдат на трпезата во секоја пригода.

Состојки:
  • 600 мл вода
  • 1 лажица шеќер
  • 40 г свеж или 10 г сув квасец
  • 50 мл масло
  • 1-2 лажици сол
  • 375 г маргарин
  • 1 кг меко брашно
  • 1 јајце за премачкување
Приготвување:

Прво ставете го маргаринот во замрзнувач да се стврдне. Не треба да го направите тоа многу однапред. Во сад за месење сипете топла вода. Додајте шеќер, квасец и 1 лажица брашно, па промешајте го сето тоа со жица. Додајте брашно од око, па повторно измешајте со лажица или со рака. Потоа, додајте сол, половина мерка масло и уште брашно.

Сами одредете колку сол ќе ставите, во зависност од тоа дали правите слатки или солени кроасани. Една лажица е доволна ако се слатки, тестото нема да биде солено, но мора да се додаде за да не биде блуткаво и без вкус. За солени, зголемете ја количината.

Повторно мешајте со лажица или рака и постепено додавајте брашно додека тестото стане потврдо, а потоа месете го. Откако тестото ќе биде замесено, ставете го на работна површина и прелејте го со остатокот од маслото. Месете додека маслото целосно не се впие во тестото. Посипете брашно на масата, па поделете го тестото на 16 делови. Секој дел формирајте го во топче, а потоа покријте го со крпа и оставете го 30 минути да отстои.

По 30 минути, со помош на сукало и со малку брашно секое топче расучете го со пречник од околу 20 см. Одберете две најголеми парчиња тесто и одвојте ги тие кругови. Не мора многу да внимавате секој круг да биде прецизен, бидејќи потоа ќе го обликувате со рака.

Прво, ставете еден од поголемите кругови одоздола, па изрендајте маргарин. Одозгора ставете друг круг тесто и развлечете го по рабовите на тестото. Со рака притиснете го одозгора за убаво да се залепи.

Повторувајте ја постапката сè до последниот дел од тестото. Одозгора ставете го другото поголемо тесто што сте го одвоиле претходно, па повторно притиснете со раката.

Посипете со брашно под и околу нареденото тесто и полека расучете го со сукало, прво притискајќи на средината, па потоа на преостанатите делови. При крај, превртете го тестото, уште еднаш расучете и исечете го на повеќе делови. Филувајте го по желба.

Завиткајте ги кроасаните и наредете ги во обложен плех, а потоа покријте ги со крпа и оставете ги да отстојат 30 минути. Премачкајте ги кроасаните со изматено јајце и печете ги на 200 степени околу 20 минути.

Добар апетит!

Најмеките домашни кроасани што некогаш сте ги пробале: Се топат во уста! (ВИДЕО)
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.