Пред дефинитивно да заврши сезоната на смоквите, искористете ги за да приготвите малку поинаква пица – рецепт на Мартина Трајковска
Мартина Трајковска редовно споделува здрави рецепти на својот инстаграм-профил martinas_healthy_kitchen, па така овој пат објави рецепт за здрава пица од белки, со смокви и јаворов сируп. Многу е вкусна и одличен избор е за сите љубители на солени и благи комбинации. Целиот оброк има: 488 калории, 39 г јаглехидрати, 12 г масти, 50 г протеини и 27,4 г шеќери.
Состојки:
- 220 г белки
- 10 г прашок за печиво
- 1/2 мала лажица сол
- 70 г доматен кечап
- 50 г моцарела со помалку масти
- 50 г говедска пршута
- 10 г млада рукола
- 10 г пармезан „грана падано“
- 100 г смокви
- 15 г јаворов сируп без шеќери
- сол и бибер
View this post on Instagram
Приготвување:
Пуштете ја рерната да се загрее на 180˚Ц. Во длабок сад издвојте ги белките и додајте сол и прашок за печиво. Матете со миксер додека се формира цврст шлаг.
На хартија за печење испрскајте нелеплив спреј и додајте го шлагот во посакувана форма за пица. Ставете го плехот во рерна и печете околу 15 минути, или додека добие златно-кафена боја по краевите.
Извадете ја пицата надвор, додајте доматен кечап, пармезан, говедска пршута и моцарела. Вратете ја пицата назад во рерна и печете уште 10-15 минути, додека се стопи моцарелата.
Потоа извадете ја пицата надвор, додајте рукола, смокви, јаворов сируп, сол и бибер.
ФОТО: ИНСТАГРАМ