ЗА ГУРМАНИ: Пита со ЈУНЕШКО МЕСО

Рецепт

Немате инспирација? Пробајте го овој рецепт за вкусна пита со месо!

Состојки за тестото: 225 г брашно, 100 г путер, ¼ лажиче сол, 2-3 лажици вода.

Приготвување: помешајте го брашното со солта, додајте го омекнатиот путер исечкан на коцкички. Гмечете го додека добиете текстура на изронет бисквит. Додајте вода, онолку колку што е потребно да се замеси цврсто тесто. Завиткајте го тестото во проѕирна фолија и оставете го да отстои додека го приготвувате филот.

Состојки за филот: 500 г јунешки бут или плешка, малку брашно, 1 лажица маслиново масло, 2 главици кромид, малку магдонос и мајчина душичка, сол и црн пипер по желба, 300 мл јунешки бујон, две капачиња црвено вино, 1 јајце.

Приготвување: исечкајте го месото на коцкички и зачинете го со сол и црн пипер, а потоа извалајте го во малку брашно. Издинстајте го ситно сечканиот кромид на маслиново масло, а потоа додајте го месото и пржете го додека потемни. Додајте ги јунешкиот бујон и виното, потоа и мајчината душичка и магдоносот и динстајте час и половина на тивок оган.

Поделете го тестото на два дела. Расучете ги со сукало, па едниот дел префрлете го во подмачкана тепсија и исечете го вишокот. Нанесете го филот и намачкајте ги краевите на тестото со изматено јајце. Покријте со другиот лист тесто и притиснете ги краевите со прстите. Со остар нож направете дупка на горниот дел, а потоа премачкајте го со јајце. Печете на 190 степени час и половина. Штом ќе се испечете одозгора, покријте го со фолија и откријте го пред крајот на печењето.

Текст: Ј. Убипарип

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.