ВКУСОТ НА МЕДИТЕРАНОТ: Овој режим на исхрана со причина важи за еден од најздравите – испробајте ги овие фантастични специјалитети!

Сити и вити

Нашите блогери за храна ни приготвија фантастични јадења од медитеранската кујна

Сигурно сте чуле дека медитеранскиот начин на исхрана важи за еден од најздравите режими. Спречува кардиоваскуларни болести, го продолжува животниот век и го намалува ризикот од воспаленија. А најдоброто од сè е што оваа кујна изобилува со фантастични вкусови и специјалитети. Пробајте некои од нив!

МЕДИТЕРАНСКИ ПОГАЧКИ СО МАСЛИНКИ

Меки, ровки и превкусни! Без месење и без миксер – ви требаат ли повеќе причини за да ги пробате? „Целта ми беше да бидат што похранливи и со помалку брашно, со одбрани состојки од една од најдобрите кујни – медитеранската“, вели Катерина Шамбевска Спасеновска, која ги приготви овие вкусни залачиња.

Потребно време за приготвување: 30 минути

  • 400 г изварка
  • 2 јајца
  • 100 мл кисела павлака
  • 4 лажици кисело млеко
  • 100 мл стопен путер
  • 2 полни лажици сечкани маслинки
  • 2 средно големи моркови, рендани
  • 2-3 чешниња сечкан лук
  • 2 лажици сечкан магдонос, по желба
  • 1 лажиче сол
  • 1/4 лажиче црн пипер
  • 1/2 лажиче оригано
  • 2 лажички прашок за печиво
  • 1/2 лажиче сода бикарбона
  • грахам-брашно по потреба (4-5 лажици)

1. Изматете ги јајцата со виљушка. Додајте ги изварката, павлаката, киселото млеко, путерот, сечканите маслинки, лукот, магдоносот и ренданите моркови. Убаво измешајте.

2. Во друг сад измешајте ги сите суви состојки, па соединете ги двете смеси и добро промешајте.

3. Ставајте од смесата во плех обложен со хартија за печење. Не мора да се трудите толку околу обликувањето, погачките самите ќе се оформат при печењето. За една погачка, доволна ви е една полна лажица од смесата.

4. Печете ги 13-15 минути во загреана рерна на 250˚Ц. Уживајте!

ПЕЧЕНА ФЕТА

Доколку ја сервирате со вкусно пита-лепче, освен како предјадење, може да послужи и како целосен оброк. „Море, узо и сиртаки. Така некако го замислувам идеалниот викенд заедно со идеалниот ручек, надополнет со највкусната закуска – кремаста потпечена фета!“, сликовито опишува Симона Попова, креаторката на овој деликатес.

  • 1/2 главица црвен кромид, исечкан на ленти
  • 2 зелени пиперки, исечкани на крукчиња
  • околу 10 шери-домати, исечкани на половинки
  • 2 лажички суво оригано
  • 1 лажиче лут буковец
  • квалитетно маслиново масло
  • 200 г квалитетна фета
  • свежо нане
  • 2 пита-лепчиња, исечени на осмини

1. Загрејте ја рерната на 220˚Ц. Наредете ги кромидот, пиперките и доматите во мала тава, во којашто ќе го печете фета-сирењето и промешајте.

2. Одозгора ставете ја фетата и додајте оригано и лут буковец.

3. Ставете поголемо количество маслиново масло преку целото парче фета.

4. Печете 20-30 минути во претходно загреана рерна. Послужете веднаш со пита-лепче и чашка узо. Добар апетит!

МЕДИТЕРАНСКИ ДОМАШНИ ТЕСТЕНИНИ

Патувањата најчесто ги паметиме по некои вкусови, па ве покануваме да отпатуваме директно во Италија. „Со помош на вкусовите од медитеранската кујна го создадов највкусниот рецепт за домашни тестенини со италијанско бело вино, домашни шери-домати, италијанска мортадела и пармезан“, открива Наталија Деспотовски која е заслужна за овој неодолив специјалитет.

  • 300 г домашни тестенини
  • 10 шери-домати
  • 50 г пармезан
  • 50 г кашкавал
  • 100 г мортадела
  • 1 свежа пиперка
  • маслинки
  • 50 г павлака за готвење
  • 50 г ореви
  • 50 г спанаќ
  • 1 лажица доматно пире
  • свеж лук
  • зачини

1. Ставете ги тестенините да се варат и во меѓувреме пригответе го сосот.

2. Ставете ги оревите, пармезанот, доматното пире, спанаќот и павлаката за готвење во блендер.

3. Изматете ги и ставете ги во тава, заедно со сечканата пиперка, кашкавалот, шери-доматите, маслинките, зачините, свежиот лук и додајте малку бело вино.

4. Загревајте го сосот 10 минути, па додајте ги сварените тестенините. Послужете ги со чаша оладено бело вино. Уживајте во вкусот што ќе ве одведе на едно посебно патување!

ТОМАТО-РИЖОТО СО ЗЕЛЕНЧУЦИ

Ова рижото со медитерански шмек е совршено за летниот период! „Многу сакам рижото и често експериментирам со варијанти и вкусови. За мене нема подобар медитерански шмек од доматот, маслинките и капарите. Во комбинација со многу зеленчук и леќа, се добива одличен нутритивно богат оброк. Се надевам дека ќе ви се допадне“, порачува Марија Старделова, која ни го приготви ова вкусно јадење, а чии рецепти и совети за здрава исхрана можете да ги најдете на нејзиниот веб-сајт marijamarijamarija.com.

  • 1 помал кромид или 1/2 голем
  • 3 месечинки лук
  • 1/2 страк праз
  • 1 тиквичка
  • 1 шолја ситни цветови брокула
  • 1 домат
  • 2 супени лажици црвена леќа
  • 1/2 шолја ориз
  • 1 пакување доматен сос (500 мл)
  • 1/2 лажиче сол
  • 1/2 лажиче димен пипер
  • 1/2 лажиче оригано
  • 1 лажиче мешан сув зеленчук
  • 1 лажица маслиново масло

1. Ситно исечкајте го целиот зеленчук и оставете го на страна.

2. Ставете маслиново масло во поголемо тенџере на оган.

3. Додајте ги празот, кромидот и лукот и гответе ги додека омекнат.

4. Додајте ги тиквичката, брокулата и зачините и гответе неколку минути.

5. Потоа, додајте ги леќата, оризот и доматот. Гответе на средна температура додека испари течноста.

6. Намалете ја температурата и постепено додавајте од доматниот сос со повремено мешање.

7. Варете додека се свари оризот – околу 20 минути со повремено мешање. На крајот, додајте ги маслинките, убаво промешајте и тргнете го јадењето од оган.

8. Ставете го во чинија, посипете го со капари и ситно сечкан магдонос. Оставете го малку да се олади пред да го јадете. Многу е вкусно!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Предлози за вкусни специјалитети со риба и морски плодови!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.