Има ли подобар „женски оброк“ од пицата приготвена на малку попрефинет и поздрав начин?
Трендот „girl dinner“ („женска вечера“) стана многу популарен на социјалните мрежи последниве години, но, всушност, стар е колку и нашите фрижидери. Под овој тип оброк се подразбира импровизирана комбинација од мали, вкусни залачиња што заедно создаваат изненадувачки добра вечера. Оброк без правила, без компликации и без чувство дека мора да биде совршено балансиран (барем не секогаш).
А има ли подобар „женски оброк“ од пицата приготвена на малку попрефинет и поздрав начин? Тестото од чиа-семки нема да биде погубно за вашата линија, а превкусно е и може да се користи за здрави крекери и грицкање без гризење на совеста. Специјалитетот е дело на Елизабета Пешовска – побарајте ги нејзините рецепти на инстаграм-профилот @my_little_kitchen_stories.

Состојки:
- 2 1/2 чаши (од 250 мл) овесно брашно (блендирани овесни снегулки)
- 4 лажици чиа-семки потопени во 320 мл вода и отстоени најмалку 2 часа или цела ноќ
- 2 лажици ленено семе
- 1-2 лажици маслиново масло
- 3 лажички прашок за печиво
- сув босилек
- куркума
- лук
- сол и црн пипер
- додатоци по желба: урда, домати, тиквички, маслинки…

Приготвување:
1. Во длабок сад замесете тесто од отстоената чиа, овесното брашно, лененото семе, маслиновото масло, сувиот босилек, лукот, куркумата и солта и црниот пипер. Ако е суво, додајте масло и вода по потреба, а ако е влажно, повеќе овесни снегулки.
2. На хартија за печење формирајте круг со рацете и ставете го 10 минути да се потпече на 180˚Ц.
3. Наредете ги посакуваните состојки и вратете во рерна уште 10-15 минути да се допече.