Испробајте ги рецептите на нашите кулинарски експерти
Трендот „girl dinner“ („женска вечера“) стана многу популарен на социјалните мрежи последниве години, но, всушност, стар е колку и нашите фрижидери. Под овој тип оброк се подразбира импровизирана комбинација од мали, вкусни залачиња што заедно создаваат изненадувачки добра вечера. Оброк без правила, без компликации и без чувство дека мора да биде совршено балансиран (барем не секогаш). Во продолжение, неколку едноставни идеи како да составите мало, шарено и екстремно вкусно јадење од само неколку состојки.
ПИЦА ОД ЧИА-СЕМКИ
Има ли подобар „женски оброк“ од пицата приготвена на малку попрефинет и поздрав начин? Тестото од чиа-семки нема да биде погубно за вашата линија, а превкусно е и може да се користи за здрави крекери и грицкање без гризење на совеста. Специјалитетот е дело на Елизабета Пешовска – побарајте ги нејзините рецепти на инстаграм-профилот @my_little_kitchen_stories.

Состојки:
- 2 1/2 чаши (од 250 мл) овесно брашно (блендирани овесни снегулки)
- 4 лажици чиа-семки потопени во 320 мл вода и отстоени најмалку 2 часа или цела ноќ
- 2 лажици ленено семе
- 1-2 лажици маслиново масло
- 3 лажички прашок за печиво
- сув босилек
- куркума
- лук
- сол и црн пипер
- додатоци по желба: урда, домати, тиквички, маслинки…

Приготвување:
1. Во длабок сад замесете тесто од отстоената чиа, овесното брашно, лененото семе, маслиновото масло, сувиот босилек, лукот, куркумата и солта и црниот пипер. Ако е суво, додајте масло и вода по потреба, а ако е влажно, повеќе овесни снегулки.
2. На хартија за печење формирајте круг со рацете и ставете го 10 минути да се потпече на 180˚Ц.
3. Наредете ги посакуваните состојки и вратете во рерна уште 10-15 минути да се допече.
ПИЛЕШКО МЕСО СО ЛИСИЧАРКИ И КАШКАВАЛ
Со помош на само неколку состојки, пригответе вечера достојна за Мишелинска ѕвездичка – луксуз што секоја жена го заслужува и треба да си го дозволи. Пилешкото месо приготвено по рецепт на Кристина Колевски (@solenoblagiprikazni) ќе ве засити и ќе ве разгали со својот богат вкус.

Состојки:
- 1 кг пилешки стек
- 500 г грчки јогурт
- 250 г кашкавал
- 150 г маринирани лисичарки
- 100 мл бело вино
- зачини: сол, црн пипер, мешан сушен зеленчук, босилек, лук во гранули, кари

Приготвување:
1. Исечкајте го пилешкото месо на коцки и ставете го да се пржи.
2. Исечкајте ги лисичарките и додајте ги во месото. Посолете и зачинете по вкус. Додајте го виното и оставете го месото да се крчка на тивко.
3. На крај, додајте грчки јогурт, едно филџанче вода и 100 г рендан кашкавал. Убаво промешајте и префрлете го месото во тава за печење. Врз месото посипете го преостанатиот кашкавал.
4. Печете во претходно загреана рерна на 220˚Ц, 10-15 минути во зависност од рерната. На здравје!
РИЖОТО СО ЛИГНИ
Можете ли да си замислите подобро женско јадење за вечера? Вкусно, пријатно и естетски привлечно, а се приготвува исклучително лесно. Соло-оброк што се чини како вистинско луксузно задоволство, по рецепт на Мартина Трајковска (@martinas_healthy_kitchen).

Состојки:
- 1 коцка зеленчукова супа без квасец
- 500 мл вода
- нелеплив спреј
- 40 г црвен кромид
- 5 г лук
- 40 г арборио ориз
- 50 мл бело вино
- 5 г путер
- 150 г лигни во сопствен сос
- сол, бибер
- 10 г путер
- 10 г магдонос
- 20 г цеден сок од лимон
- кора од лимон

Приготвување:
1. Во тенџере ставете водата да зоврие. Кога ќе почнат да се појавуваат меурчиња, додајте ја коцката супа и варете 5 минути.
2. На страна во вок-тава, ставете 5 г путер и пржете ги лигните 2-3 минути на средна температура, па тргнете ги на страна.
3. Во истото тавче напрскајте нелеплив спреј и ставете го кромидот да се пржи на средна температура, со малку водичка и покриен со капак. По неколку минути, додајте го лукот и пржете уште минута.
4. На страна, измијте го оризот, па додајте го во вок-тавата. Пржете две минути, па сипете вино. Динстајте додека испари алкохолот.
5. Постепено додавајте ја супата. Кога ќе испари, додајте нова лажица и продолжете така додека ја потрошите целата.
6. При крај, кога ќе има уште малку течност, додајте ги лигните и пржете 3-4 минути додека испари вишокот течност, па тргнете ја тавата од рингла и додајте путер, сол, бибер и лимон. Измешајте убаво и на крај додајте ситно сечкан магдонос и кора од лимон.
7. Овој оброк има: 491 калории, 40,9 г јаглехидрати, 15,7 г масти, 37,8 г протеини и 3,6 г шеќери.
БАНАНА-ПАЛАЧИНКИ СО ЗДРАВА НУТЕЛА
Појадок за вечера? Немаме ништо против! Теодора Павловска (@myglutenfreecorner), авторката на овој рецепт, ни призна дека токму овие палачинки си ги приготвува за вечера кога е сама. Здрави се и вкусни, па можете да уживате во нив без да се грижите за килограмите.

Состојки:
За палачинките:
- 2 јајца
- 1 банана
- 2 полни лажици кокосово брашно
За здравата нутела:
- 1 лажиче какао
- 1 лажиче јаворов сируп или мед
- 1 лажиче путер од кикирики
- малку млеко

Приготвување:
1. За палачинките, во длабок сад испасирајте ги бананите со виљушка. Додајте ги двете јајца и кокосовото брашно и убаво измешајте.
2. Печете ги палачинките на загреана тава, премачкана со малку масло или путер.
3. Пригответе го преливот. Ставете ги сите состојки во шолја и мешајте додека добиете текстура на крем. Доколку сакате потечен крем, додајте повеќе млеко.
4. По желба, ставете неколку малини одозгора.
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА