Ручек во кутија: Три одлични предлози за оброк што можете да си го понесете на работа!

Гастро-инспирација

Еве што можете да си приготвите за последните три работни дена

Ако работите од 9 до 17, можеби имате навика да си купите некакво печиво по пат, да нарачате храна со колегите или да го прескокнете ручекот. Сепак, овие опции не се толку добри за здравјето и буџетот, па најдобро е да си понесете зготвена храна од дома. Мислите дека немате време и идеја? Овие рецепти ќе ви го сменат мислењето!

Свинско филе и брокула во соја-сос

Ана Марија Кузмановска (@anamarija.kuzmanovska) ни даде одличен предлог за ручек што се приготвува за 15 минути, а го задржува својот вкус во наредните два-три дена. „За мене, ова е совршен ручек за на работа. Нешто што ќе ме најаде, што има доволно протеини, но е и многу вкусно!“, порачува таа.

Состојки:

  • 400 г свинско филе (бифтек)
  • 200-300 г свежа или одмрзната брокула
  • 1/2 коцка за супа (може да се замени со малку вегета или сол)
  • 1/2 чаша топла вода
  • 1-2 лажици маслиново масло

За сосот:

  • 4-5 лажици соја-сос
  • 1 лажица мед
  • 1 лажиче лук во прав или свеж лук
  • 1 лажиче ѓумбир во прав
  • 1 лажиче буковец
  • 1 лажица сусам

Приготвување:

1. Исечете го филето на помали и потенки парчиња и ставете го да се потпржи во нелепливо тавче, на една-две лажици маслиново масло.

2. Кога ќе добие боја, измешајте ја половината коцка за супа со топлата вода и ставете ја во тавчето со филето. Оставете да се динста и за тоа време измешајте ги состојките за сосот.

3. Кога водата ќе испари, сипете го сосот во тавчето и по 1-2 минути додајте ја брокулата и оставете да се готви уште 2-3 минути.

4. Сервирајте со ориз или прилог по желба.

Брз печен фалафел (+ предлог за пита лепче со пилешко месо)

Ручекот на работното место знае да биде предизвик, но оброкот на Валентина Пргомет (@homemadefoodcorner) е лесен за пакување и уште полесен за носење на работа: „Убавината на овој рецепт е тоа што фалафелот и питите може да бидат однапред приготвени, замрзнати и да се користат по потреба. Пригответе и свежа салата и уживајте во вашиот ручек.“

Состојки за 10 фалафел топчиња:

  • 540 г наут од тегла (веќе подготвен)
  • ½  бел кромид
  • 1 до 2 чешниња лук
  • 1 мала китка свеж магдонос
  • Сок од 1 среден лимон
  • ½ лажичка куркума
  • ½ лажичка буковец
  • ½ лажичка црвен пипер
  • Сол и црн пипер по желба
  • 2 до 3 лажици брашно
  • 4-5 лажици сусам

За салата:

  • Тенко сечкани зелена салата, црвен кромид, ротквица, зелка + маслиново масло, оцет и сол и црна пипер по вкус

За сос:

  • 150 г грчки јогурт или котиџ сирење или кисело млеко
  • 1-2 лажички сок од свеж лимон
  • Сол и црн пипер по вкус
  • ½ свежа краставица, рендана, или кисели краставички по желба
  • 3-4 листови свежo нане, ситно сечкано
  • + пита лепињи или тортилји

За опција со пилешко месо:

  • Свежо пилешко месо, исечкано на долги и тенки листови
  • Куркума, лук во прав, сол и црна пипер
  • Лажичка маслиново масло

Приготвување:

1. Сите состојки за фалафелот, освен брашното и сустамот се ставаат во блендер или сецко. Се пулсираат додека да се соединат. Се ставаат во длабок сад и се мешаат со брашното. Од добиената смеса се прават топчиња. Топчињата се валкаат во сусам.

2. Фалафел топчињата се печат во загреана рерна на 200’Ц околу 30 минутиили додекадобијат светло златна боја.

3. Во сад се мешаат состојките за салатата. Се зачинуваат со маслиново масло и оцет. Се додава сол и црн пипер по вкус.

4. За сосот се мешаат сите состојки и се остава да се олади до сервирање или пакување.

5. 10-тина минути пред да бидат готови фалафел топчињата, се ставаат питите да се потпечат.

6. Ако се одлучите за опција со пилешко месо, измешајте го месото со зачините и маслото. Печете го во загреана рерна на 180’Ц околу 18 до 20мин.

За сервирање или пакување:

Секоја пита се мачка со лажичка сос. Потоа се става салата и се редат 2 до 3 фалафел топчиња  зависно од големината на питата. Се додава уште малку сос и се пакува во кутија со капак.

Истата постапка се повторува во случај да користите месо. Питата се мачка со сос, потоа се додава салата и на крај се додава месото.

Добар апетит!

Пилешко месо со индиски ореви во слатко-кисел сос

Ако сè уште сте во дилема што да си приготвите за ручек што ќе биде здрав и ќе можете да го понесете на работа, предлогот на Тања Ѓореска (@tanjas.kitchen) сигурно ќе ви помогне во одлуката: „Ручекот на работа секогаш треба да биде вкусен за да уживате во него и за да имате енергија за сите работни обврски. Овој оброк е многу едноставен за пакување во сад и наедно е нутритивно богат“, објаснува таа.

Состојки:

  • 1 поголемо парче пилешки стек (500 г)
  • 1 зелена пиперка
  • 2 моркова
  • 1 кромид
  • 4 големи парчиња лук
  • 8 цветчиња замрзната брокула
  • 250 мл доматно пире
  • 3 лажици соја-сос
  • 1 лажица сув магдонос
  • 2 лажичиња сол
  • 1/2 лажиче шеќер
  • 2 лажичиња црвен пипер
  • 1 лажиче бибер
  • 1 лажиче лук во гранули
  • 1 лажица маслиново масло за маринадата + 2 лажици масло за пржење на месото
  • 1 голема лажица сусам
  • 100 г индиски ореви

Приготвување:

1. Стекот се сечка на коцки, па се зачинува со сол, црвен пипер, бибер, лук во гранули, масло и се остава да се маринира околу половина час во фрижидер или на поладно место. Потоа се пржи во загреана тава околу 7 минути, колку да зарумени од сите страни, па се трга во сад настрана.

2. Зеленчукот се сечка на ленти, па се става во тавата да се пржи. Брокулата се додава последна, колку само да се одмрзне.

3. Месото се враќа во тавата заедно со зеленчукот, се додава доматно пире, половина лажиче шеќер, соја-сос, сув магдонос и се остава да се динста 15-20 минути на потивок оган. На крајот, пред да се тргне од оган, се додаваат сусам и индиски ореви.

4. Во меѓувреме се вари оризот во сооднос 1:2, односно 1 чаша ориз и 2 чаши вода, зачинет со малку сол.

5. Кога ќе го пакувате оброкот, ставете од оризот како подлога, а одозгора ставете го месото со сосот. На здравје!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Вкусен афродизијак: Три специјалитети што го зголемуваат либидото и претставуваат вистинско уживање за непцата!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.