Рецепт за турска чорба од црвена леќа: Брз и здрав оброк готов за 25 минути

Јадење што постојано ќе го приготвувате

Еве како турските домаќинки прават вкусна чорба од црвена леќа

Ако барате брз, хранлив и вкусен оброк, оваа традиционална турска чорба од црвена леќа е одличен избор. Се приготвува од едноставни состојки, не треба претходно да ја киснете леќата и готова е за помалку од половина час. Кремливата текстура и ароматичните зачини ја прават совршена за лесен ручек или вечера.

Состојки:
  • 250 г црвена леќа
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 1 поголем морков
  • 1 л бујон од зеленчук или вода
  • 2 лажици маслиново масло
  • 1 лажиче црвен пипер
  • сол по вкус
  • бибер по вкус
  • малку суво нане
Приготвување:

Добро измијте ја црвената леќа под млаз ладна вода додека водата стане бистра. Ситно исечкајте ги кромидот и лукот, а морковот изрендајте го покрупно.

Во подлабоко тенџере загрејте маслиново масло. Додајте кромид и лук и кратко пропржете ги додека омекнат. Потоа, додајте го ренданиот морков и продолжете со динстање уште неколку минути.

Додајте исцедена црвена леќа и црвен пипер, па промешајте кратко. Сипете бујон или вода, посолете и забиберете по вкус. Гответе на средна температура, 15-20 минути, додека леќата и зеленчукот комплетно омекнат.

Тргнете ја чорбата од шпорет и изблендирајте со миксер по желба, за да добиете мазна и кремлива текстура. Доколку сакате порустична варијанта, оставете дел од зеленчукот неизблендиран.

Посипете ја чорбата со суво нане непосредно пред послужување. Послужете ја топла со парче тазе леб.

Совет:
  • За автентичен турски вкус, додајте неколку капки лимонов сок при сервирањето.
  • Ако сакате погуста чорба, намалете ја количината на течности за 100-200 мл.
  • Љубителите на пикантни вкусови може да додадат прстофат лута толчена пиперка или чили-снегулки.
  • Оваа чорба може да се замрзне и да се чува во замрзнувач до 3 месеца.
Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе