Ви откриваме рецепт за највкусната мусака без месо
Посната мусака е едно од оние јадења што го исполнуваат целиот дом со топол мирис на домашна кујна. Лесно се приготвува, не изискува скапи состојки, а резултатот е богат вкус што освојува на прво залаче. Без разлика дали ја приготвувате за време на постот или едноставно сакате, полесен, но оброк што заситува, оваа верзија на мусака ќе биде вистински погодок за целото семејство.
Состојки:
За мусаката:
- 1 кг компир
- 2 моркови (крупно изрендани)
- 1 главица кромид (ситно сечкан)
- 250 г печурки (шампињони или по избор)
- 2 лажици масло
- 1 лажица доматно пире или 2 лажици пасиран домат
- сол и бибер по вкус
- 1 лажиче црвен пипер
- малку сушен зачин (оригано, мајчина душица)
За преливот:
- 300 мл растително млеко или кисела вода
- 3 лажици брашно
- 3 лажици масло
- сол и прстофат бибер
Приготвување:
Излупете го компирот и исечкајте го на тенки кругови. Изрендајте го морковот, а печурките исчистете ги и исечкајте ги на листови. Продинстајте го кромидот на малку масло за да стане стаклест.
Додајте ги печурките и морковот во кромидот и продолжете да динстате 5-7 минути. Додајте доматно пире, посолете, забиберете и зачинете по вкус. Динстајте уште неколку минути за да се поврзат вкусовите.
Во намрсен огноотпорен сад наредете ред компир, ред фил, па повторно компир, додека ги потрошите сите состојки. Завршете со слој компир.
За преливот, во чинија добро изматете брашно, масло, сол, бибер и постепено додавајте растително млеко или кисела вода за да добиете мазна смеса, без грутки. Рамномерно прелејте ја преку мусаката.
Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, 40-50 минути. Кога компирот ќе омекне и ќе фати румена коричка на врвот, мусаката е готова.
Совет за совршен вкус
Можете да додадете и тиквичка, спанаќ или соини лушпи за уште побогата текстура. Со малку лук и магдонос, вкусот ќе биде уште поубав. Оставете ја мусаката да одмори 10 минути пред да ја послужите за да се стегне убаво.