Посен грашок на старински начин: Брз и вкусен ручек без месо

Рецепт на денот

Со малку состојки, но богат со вкусови, едноставен за приготвување, хранлив и приспособлив – грашокот секогаш ќе остане класик на домашната кујна кој никогаш не излегува од мода

Никогаш не ни е доста од едноставните домашни јадења кои потсетуваат на детството – а едно од нив е и посниот грашок. Ова густо, миризливо вариво од зеленчук е совршен избор за лесен, но богат ручек, особено за време на постот.

Состојки (за 3-4 лица):
  • 500 г грашок (свеж или замрзнат)
  • 1 голема главица кромид
  • 1-2 моркова
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 компир (по желба)
  • 200 мл доматен сок (или 2 лажици концентрат)
  • 1 лажица брашно (по желба)
  • 1 лажиче црвен пипер
  • 1 лавров лист
  • сол и бибер по вкус
  • свеж магдонос
  • масло и вода
Приготвување:

Ситно исечкајте ги кромидот, морковот на крукчиња или коцки, а компирот (ако го користите) на помали коцки.

Во тенџере загрејте масло, па додајте кромид и морков. Динстајте додека омекнат. Додајте ситно сечкан лук и кратко пропржете додека замириса.

Додајте ги грашокот и компирот, па сето тоа динстајте го заедно уште неколку минути, со непрекинато мешање.

Додајте црвен пипер, промешајте, па сипете топла вода за да ги прекрие состојките. Ставете лавров лист, поклопете и гответе на тивок оган, 20-25 минути.

Ако сакате погусто вариво, разматете брашно со малку вода и додајте го во грашокот. Додајте доматен сок, посолете и забиберите, па гответе уште 10 минути додека се соедини убаво.

Посниот грашок посипете го со свежо сечкан магдонос и послужете го топол со тазе домашен леб или со додаток риба за време на постите или месо кога не постите.

Совети:
  • Посно на вода: Наместо масло, користете вода или зеленчуков бујон за динстање.
  • Природна густина: Згмечете неколку коцки компир од варивото наместо да додавате брашно.
  • Грчки стил: Додајте малку повеќе маслиново масло и мирудија за поинаква арома.

ФОТО: Freepik

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе