Пригответе вкусни панцероти со кашкавал и шунка според овој едноставен рецепт
Ако обожавате крцкави печива со богат фил и неодолив вкус на топен кашкавал, панцеротите се вистинскиот избор. Овој италијански специјалитет потсетува на пржени крофни полнети со солени состојки, а благодарение на мекото и воздушесто тесто, совршени се за ручек, вечера или дружење со пријателите. Приготвувањето е едноставно, а резултатот ќе ги воодушеви сите љубители на домашно печиво.
Состојки:
За тестото:
- 500 г меко брашно (тип 400 или 500)
- 250 мл топло млеко
- 30 мл масло (2-3 лажици)
- 10 г сув квасец (или пола коцка свеж)
- 1 лажиче шеќер
- 1 лажиче сол
За филот:
- 200 г шунка или печеница, ситно сечкани
- 200 г кашкавал или моцарела, рендани
- 4-5 лажици кечап
- оригано по вкус
За пржење:
- масло
Приготвување:
Во поголем сад сипете топло млеко, додајте квасец, шеќер и малку брашно. Почекајте десетина минути да се активира и запени квасецот. Додајте масло и сол, а потоа, постепено додајте го преостанатото брашно. Месете додека добиете мазно и еластично тесто. Покријте го садот со чиста кујнска крпа и оставете го на топло место околу 45 минути, односно додека тестото го удвои волуменот.
Премесете го нараснатото тесто и поделете го на 10-12 еднакви топчиња. Секое топче расучете го со сукало во круг со дебелина од околу 5 мм и со големина на помала чинија.
На едната половина од секој круг нанесете малку кечап. Додајте шунка или печеница, потоа рендан кашкавал и посипете со оригано.
Преклопете ја другата половина од тестото преку филот за да добиете форма на полумесечина. Добро притиснете ги краевите со прсти, па дополнително втиснете со виљушка за да не ви истече филот при пржењето.
Во подлабоко тавче загрејте доволна количина на масло. Пржете ги панцеротите на средна температура од двете страни додека добијат убава златно-жолта боја и крцкава коричка. Вадете ги на хартиена салвета, за да се впијат вишокот маснотии.
Панцеротите послужете ги топли, додека кашкавалот сè уште е растопен и кремлив. Одлично одат со јогурт, кисело млеко или со омилениот сос.
Совети:
- За побогат вкус, во филот можете да додадете печурки, маслинки, кулен, пченка или свежа пиперка.
- Ако сакате полесна варијанта, можете да ги печете панцеротите во рерна на 200 степени Целзиусови околу 20 минути, додека заруменат.
- Највкусни се тазе приготвени, но можете и да ги подгреете во рерна за да станат повторно крцкави.
ФОТО: Freepik