Омилената брза храна приготвена на здрав начин: Рецепти за посни бургери прифатливи и за вегани!

Рецепти на гастро-блогери

Кој вели дека брзата храна не може да послужи како инспирација за здрав, но еднакво вкусен оброк?!

Ако размислувате да направите пролетен детокс на организмот, сигурно веќе знаете кои се придобивките од јадењето полесна храна. Но доколку сте страстен љубител на бургери, веројатно ви е многу тешко да најдете вкусна а посна варијанта на ова неодоливо задоволство. Ние се погриживме за тоа и ви обезбедивме одлични нискокалорични предлози за малку поинакви бургери – прифатливи и за вегани!

Мини-бургери со тиквички и киноа

Рената Митевска (@healthy_corner_mk) ги замени лепчињата со тиквички и ни приготви бургерчиња со минимален број на калории, а полни со нутритивни вредности!

Состојки:

  • 3 млади средно големи тиквички
  • 1 голем варен компир
  • 1 шолја варена киноа
  • 1/2 главица кромид
  • 1 лажиче сув зачин
  • 1/2 лажиче сол

Приготвување:

1. Најпрво се варат киноата и компирот. Во друг сад, се рендаат две тиквички заедно со кромидот.

2. Сварениот компир и киноа се ставаат во блендер и се мешаат додека се добие убава леплива смеса. Се додаваат во смесата со двете тиквички и кромидот, заедно со зачините.

3. Во претходно загреана тава се става 1 лажиче маслиново масло (може, но не мора), па со лажиче се нанесува од смесата во кружни форми. Се пржат 1-2 минути додека заруменат. Може да се испечат и во претходно загреана рерна на 200˚Ц, 15-20 минути.

4. Преостанатата тиквичка се сече на крукчиња, кои потоа се пропржуваат околу 5 минути на тивок оган, додека заруменат од двете страни и омекнат.

5. Се редат бургерчиња: на крукче тиквичка се става од смесата со киноа и компир, се додава салата по избор и се завршува со крукче тиквичка. Добар апетит!

Посни бургери со плескавица од зеленчук

Рецептот на Мартина Трајаноска (@martinascookingg) ќе ве увери дека бургерот може да биде превкусен и без месо!

Состојки:

  • лепчиња за бургер
  • салата (марула, домати)
  • хумус
  • посен кашкавал
  • помфрит

За плескавиците:

  • 1 тиквичка
  • 1 мал морков
  • 1 кромитче
  • 1 компир
  • 1 лажиче печиво
  • 2 лажици масло
  • 2 лажици брашно
  • зачини по избор

Приготвување:

1. Изрендајте ги тиквичката, компирот и морковот, зачинете ги и оставете ги да отстојат малку. Потоа исцедете ја водата, додајте ги сечканото кромитче и преостанатите состојки за плескавиците. Од зачини може да ставите сол, бибер, буковец, сув магдонос, лук во прав и мешан сув зеленчук.

2. Формирајте 4 плескавици и наредете ги во плех обложен со хартија за печење. По желба, посипете сусам и печете ги во загреана рерна на 180˚Ц, 20-30 минути. Додека се топли, ставете им по едно парче посен кашкавал.

3. Намачкајте ги бургер-лепчињата со сос/мачканица по избор, на пример со хумус.

4. Ставете лист марула, плескавица, парче домат и преклопете со лепче. Одличен рецепт за сите што постат или практикуваат веганска исхрана!

Вегански бургери со плескавица од грав и ориз

Специјалитетот на Ана Марија Кузмановска (@anamarija.kuzmanovska) изобилува со здрави состојки, а вкусот е уште подобар од оној на класичниот бургер!

Состојки за 8 големи бургери:

  • бургер-лепчиња
  • салата по избор: марула, домат, црвен кромид

За плескавиците:

  • 200 г кафен ориз (350 г зготвен)
  • 350 г црвен грав од конзерва (или сварен)
  • 80 г лебни трошки
  • половина мал кромид
  • 2 лажици кечап
  • 2-3 лажици масло
  • зачини: црвен пипер, вегета, зачин за скара

Приготвување:

1. Ставете ги сите состојки за плескавиците во процесор и блендирајте ги. Може да останат и парчиња во смесата.

2. Формирајте 8 големи плескавици и згответе ги на малку масло на плотна или во тавче на плоча.

3. Почнете со редење на бургерите! Можете да ги премачкате лепчињата со мачканица по избор, додајте некаков зеленчук, ставете ја зготвената плескавица и уживајте во веганскиот бургер!

Кој вели дека брзата храна не може да послужи како инспирација за здрав, но еднакво вкусен оброк?! Пробајте ги овие рецепти – сигурни сме дека меѓу нив ќе го најдете вашиот нов омилен бургер!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Оброци за енергија: 5 одлични предлози што ќе ви дадат сила да се справите со сите предизвици!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.