Овој рецепт гарантира мекост и сочност дури и по неколку дена
Меките, миризливи и неодоливо вкусни домашни проички се омилениот избор за појадок или вечера во многу домаќинства. Тајната на нивната сочност се крие во јогуртот, кој на тестото му дава воздушеста структура и помага проите да останат тазе и меки, дури и неколку дена по приготвувањето.
Состојки:
- 300 г пченкарно брашно
- 150 г пченично брашно
- 1 кесичка прашок за печиво
- 1 лажиче сол
- 3 јајца
- 250 мл јогурт
- 100 мл масло
- 150 мл минерална вода
- 200 г ситно сирење
- 50 г стопен путер за премачкување на калапот
Приготвување:
Во поголем сад изматете јајца, па додајте јогурт, масло и минерална вода. Сето тоа добро соединете го со жица за матење. Во друг сад измешајте пченкарно и пченично брашно, прашок за печиво и сол. Постепено додавајте ги сувите состојки во течната смеса, со непрекинато мешање за да добиете мазна смеса, без грутки.
Доколку сакате побогат вкус, додајте здробено ситно сирење. Сирењето ќе им даде сочност и пополн вкус на проичките. Оставете ја смесата да отстои околу 10 минути за пченкарното брашно да ја впие течноста.
Премачкајте калап за мафини со путер или обложете го со хартиени кошнички. Сипете ја смесата во калап со висина до две третини, бидејќи проичките ќе нараснат во текот на печењето. Печете во претходно загреана рерна на 200 степни, 25-30 минути, односно додека добијат златножолта боја.
Совет за совршени проички
Тајната на долготрајната мекост се крие токму во јогуртот, но и додатокот на минерална вода, која ги прави лесни и воздушести. Ако сакате уште помеки проички, може да додадете и две лажици кисела павлака во смесата.
Како да ги послужите?
Проите се највкусни додека уште се топли, со чаша јогурт или кисело млеко. Одлично одат со кајмак, сирење, ајвар или сувомеснати производи.