Мени: 7 рецепти за ручек за 7 дена во неделата

Лесни оброци

Ви носиме рецепти за приготвување седум лесни јадења – нема потреба веќе да се мислите што да готвите денес

Летна манџа

Искористете ја летната сезона која изобилува со зеленчук, па пригответе летна манџа.

Состојки: 1/2 кг пиперки, 1/2 кг домати, 2 главици кромид, 3 чешниња лук, малку масло, малку сол и бибер, свеж магдонос.

Приготвување: Издинстајте ги кромидот, лукот и пиперката, па додајте го доматот. Оставете сето тоа да се крчка околу половина час. Повремено мешајте. Пред самиот крај, додајте зачини и свеж магдонос, па сето тоа промешајте го и исклучете ја ринглата. Некои додаваат и јајца или сварен ориз. Изборот е ваш.

Полнети пиперки

Можете да ги полните со сирење, компир или месо. Бидејќи е лето, ние одбираме полесна варијанта, па ги полниме со компир и ги потпекуваме во рерна.

Состојки: 1/2 кг компир, 2 главици кромид, малку сол и бибер, масло, 6 пиперки со средна големина, 1 домат.

Приготвување: Изрендајте ги компирот и кромидот и посолете ги или додајте сув зачин. Додајте и бибер. Сето тоа добро измешајте го, па со оваа смеса наполнете ги исчистените пиперки, кои ќе ги затворите со домат исечен на кругови. Пиперките наредете ги во огноотпорен сад или помала тепсија, па печете ги во рерна на 200 степени Целзиусови околу половина час.

Ќофтиња

Омиленото јадење на секое дете. Без разлика дали ги комбинирате со шпагети или со пире, децата ќе ги „смачкаат“ за миг.

Состојки: 1/2 кг мелено месо, 1 јајце, грст презла, 1 кромид (изрендан), 1 чешне лук, сув зачин, црвен пипер, магдонос (свеж).

Приготвување: Соединете ги сите состојки и направете топчиња кои ќе ги пржите во врело масло, додека поруменат рамномерно, а потоа префрлете ги во тенџере, во кое сте додале доматен сос и гответе околу половина час. Посолете го сосот, згуснете го со малку брашно и јадете го со шпагети или со пире.

Риба и блитва

Секое балансирано мени треба да содржи риба, и тоа најмалку еднаш неделно. Скушата е една од најздравите риби, но и лесно се приготвува.

Состојки: 4 скуши со средна големина, масло, лимон, сол, рузмарин, а како прилог: компир и блитва.

Приготвување: Добро исчистете ги рибите и измијте ги. Во средина на рибата ставете кругови лимон и гранче рузмарин, но може и сушен рузмарин или друга билка. Добро посолете, па завиткајте ја рибата во алуминиумска фолија. Така замотаната риба ставете ја во плех или во огноотпорна чинија, па печете ја во загреана рерна на 200 степени Целзиусови околу половина час. Додека рибата се пече, сварете компир, а при крајот, додајте блитва и варен компир. Кога блитвата сосем малку ќе омекне, исцедете го сето тоа, па префрлете го во тавче во кое сте загреале масло, па сето тоа пропржете го 3 минути. Можете да додадете и чешне лук. Уживајте!

Рижото

Можете да комбинирате многу различни намирници и да приготвите вкусно рижото.

Состојки: 200 г ориз, 1 морков, 1 главица кромид, 200 г пилешко бело месо, 3 чешниња лук, сол, бибер, куркума, магдонос, бујон.

Приготвување: Белото месо ставете го во вода и варете го со зачини по избор. Во тавче ставете малку масло да се продинста ренданиот кромид и морков, а потоа и исцедениот лук. Кога сето тоа убаво ќе продинста, додајте добро измиен ориз. Кога оризот ќе почне да се лепи за тавчето, постепено додавајте пилешки бујон, односно водата во која се варело белото месо. Потоа, исечкајте го белото месо на коцки и додајте го во рижотото. Оставете го полека да крчка, а потоа, додајте зачини: сол, куркума, бибер и свеж магдонос (ситно сечкан). Загревајте го сето тоа со повремено додавање пилешки бујон и мешање, околу 15 минути.

Јагнешка чорба

Ако имате деца, задолжително вклучете им го овој оброк во исхраната. Јагнешката чорба се приготвува многу лесно.

Состојки: околу 200 г јагнешко месо, 1 јагнешка коска (најдобро од бутот, но може и ребро), 1 главица кромид, 1 главица лук (чешнињата не мора да бидат излупени), 2 компира, 2 моркова.

Приготвување: Варете го јагнешкото месо заедно со коската во 2 литри вода околу еден час. Потоа, во таа вода додајте ги сите преостанати состојки. Гответе уште половина час, а може и подолго. Потоа, исцедете ја чорбата. Одвојте го месото од коските, исечкајте го ситно и вратете го во тенџерето. Добро изгмечете го зеленчукот со виљушка, сосема извадете го лукот од лушпите и сето тоа така изгмечено повторно вратете го во чорбата. Додајте зачини како сол, бибер и свеж магдонос. Варете уште десетина минути и тоа е тоа.

 

Мусака

Омиленото јадење на нашите мајки и баби. Освен што брзо се приготвува, станува збор за оброк што заситува и што сите го обожаваат.

Состојки: 4 компира, 2 тиквички, 250 г мелено месо, 1 главица кромид, малку сув зачин, малку масло, 200 мл млеко, 1 јајце, малку солена павлака.

Приготвување: Продинстајте го кромидот, па додајте ги месото и зачините. Излупете ги компирите и тиквичките, па исечкајте ги на кругови. Наредете во тепсија ред компири и тиквички, ред месо, па покријте со компир и тиквички. Изматете јајца, млеко и павлака. Сето тоа посолете го, па со тоа прелејте ги компирот и месото. Печете на 200 степени околу половина час.

 

Летна манџа на 3 начина: Ова е рецептот за вистинско летно уживање!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.