Храната за утеха не мора да биде калорична: Пробајте ги овие рецепти и ќе се уверите во тоа!

Рецепти од нашите гастро-блогери

Наредниот пат кога ќе сакате да си го подобрите расположението, наместо пица, пробајте некој од овие специјалитети!

Дали посегнувате по одредени типови храна кога сте тажни или минувате низ стресен период? Храната за утеха буди носталгични чувства, лесно се приготвува и изобилува со јаглехидрати. Иако најчесто има негативна конотација, бидејќи се поврзува со емоционалното прејадување, таа не мора да биде нездрава и висококалорична. Наредниот пат кога ќе сакате да си го подобрите расположението, наместо пица, пробајте некој од овие специјалитети!

ДОМАШНА ПИЛЕШКА СУПА

Научно е докажано дека домашната пилешка супа е најпопуларното јадење што буди пријатни емоции во најголем број култури. Таа е едно од омилените варива и на нашите простори, а освен што стоплува за време на ладните денови, многу е здрава и вкусна. Во секој дом се приготвува на различен начин – ова е нашиот.

Состојки:

  • 500 г пилешки батаци
  • 1 главица кромид
  • 1 чешне лук
  • 3 компира
  • 3 лажици ориз
  • 1 коцка пилешка супа
  • прстофат мелена пиперка
  • 2 лажици масло
  • 1 лажица путер
  • бибер по желба
  • 1 јајце
  • 2 лажици павлака
  • малку грашок и морков по желба

Приготвување:

1. Измијте ги пилешките батаци и така, цели, сосе коските, прелејте ги со вода и ставете ги на рингла. Кога водата ќе проврие, истурете ја и сипете чиста топла вода. Додајте масло, бибер по вкус и путер. Оставете да се готви.

2. Излупете ги кромидот, компирот и лукот. Измијте ги и ситно исечкајте ги, па додајте ги во тенџерето со батаците. Ако сте одлучиле да ставите и грашок и морков, сега додајте ги и нив. Ставете и измиен ориз, коцка за супа и прстофат мелена пиперка.

3. Кога батаците ќе се сварат, извадете ги од супата и одвојте ги од коските. Искинете го месото на парчиња и вратете го во тенџере. Ако треба, додајте уште топла вода. Варете уште неколку минути, па тргнете ја чорбата од ринглата.

4. Во сад изматете јајце и кисела павлака. Промешајте, па сипете малку чорба и кога ќе се соедини, сипете ја во тенџерето со чорба. Промешајте и исклучете ја ринглата. Уживајте во густата домашна пилешка чорба!

КРУШИ СО ГОРГОНЗОЛА НА ПУТЕР-ВАФЛИ

Поимот „храна за утеха“ има различно значење за секого, а Ивана Темелкоска (@madmona7) ни го објасни нејзиното: „Пред неколку години кога ќе помислев на утешна храна, најчестата слика ми беше чинија со топла супа или тестенини. Но со текот на времето, поимот ми стана доста широк, па сега ледено сорбе на зајдисонце на плажа или декадентен појадок на есенско неделно утро ми се еднакво топли и утешителни. Овие вафли можете да ги приготвите за појадок, бранч, па дури и како предјадење. Фантастично одат со чаша „просеко“ или шолја силен „ерл греј“.

Состојки:

  • 2 помали или 1 голема круша
  • 150 г горгонзола
  • 50 г стопен путер
  • 50 г белки од јајце
  • 40 г интегрално брашно
  • 10 г пченкарно брашно
  • сол, бибер, маслиново масло и мајчина душичка

Приготвување:

1. Во длабок сад измешајте ги двата вида брашно, путерот, белките и прстофат сол, па со жица матете додека се соединат и добиете хомогена смеса.

2. Врз плех обложен со хартија за печење, со лажица формирајте 8 круга со пречник од околу 8 см и печете ги во загреана рерна на 180°Ц, десетина минути, односно додека заруменат.

3. Крушата исечкајте ја на 8 парчиња по должина и на малку маслиново масло кратко пропржете ја од двете страни, зачинета со мајчина душичка по ваш вкус.

4. Изгмечете ја горгонзолата со виљушка и мешајте ја додека стане кремлива. Испечените вафли сервирајте ги со парче круша одозгора, една лажица горгонзола, бибер и по желба по малку сенф во зрно.

ПИТА СО ЈАБОЛКА

Има ли нешто што повеќе асоцира на есен од питата со јаболка? Сите ја обожаваме и мора да признаеме дека одлично ни доаѓа во деновите кога не сме најдобро расположени. Пробајте го овој популарен десерт по рецепт на Дијана Иваноска (@dashofspicee).

Состојки:

За кората:

  • 400 г брашно
  • 1 лажица шеќер во прав
  • 1 лажиче сол
  • 250 г путер, ладен и исечкан на ситни коцки
  • 90-120 мл ладна вода

За филот:

  • 600 г јаболка (излупени и исечени на тенки резанки)
  • 150 г кафеав шеќер
  • 2 лажичиња цимет
  • 20 г густин
  • 20 мл сок од лимон
  • 1 лажиче екстракт од ванила
  • 1 јајце за премачкување
  • 1 лажица млеко

Приготвување:

1. Во брашното додајте ги шеќерот и солта и измешајте. Додајте го и ладниот путер. Тријте го путерот во брашното додека добиете ронлива смеса.

2. Додавајте полека од ладната вода и замесете тесто. Поделете го тестото на два дела. Обликувајте дискови, завиткајте ги во проѕирна фолија и оставете ги во фрижидер минимум еден час.

3. Во сечканите јаболка додајте ги сокот од лимон, шеќерот, густинот, ванилата и циметот и измешајте.

4. Расучете ја едната кора и ставете ја на дното од садот за печење пита. Избоцкајте ја кората со виљушка. Ставете ги јаболката над кората и покријте ги со втората кора. Составете ги краевите и одозгора засечете со нож за да излегува пареата додека се пече.

5. Премачкајте ја питата со јајцето измешано со млеко. Печете на 180°Ц, 50-60 минути. Добар апетит!

ПРОТЕИНСКИ БАНАНА-ЛЕБ

Да, и храната за утеха може да биде богата со протеини, ако го направите вистинскиот избор на состојки. Пример за тоа е банана-лебот на Мартина Трајковска (@martinas_healthy_kitchen) – сигурни сме дека ќе ви го разведри и најмрачниот ден!

Состојки:

  • 250 г банани
  • 2 јајца
  • 80 г јаворов сируп
  • 60 г бадемово млеко
  • 1 мала лажица екстракт од ванила
  • 30 г стопено кокосово масло
  • 130 г бланширано бадемово брашно
  • 60 г протеин со вкус на ванила
  • 10 г прашок за печиво
  • прстофат сол
  • 60 г чоколадни капки за во смесата
  • 20 г чоколадни капки за одозгора

Приготвување:

1. Загрејте ја рерната на 180°Ц. Во блендер ставете ги течните состојки: банани, јајца, јаворов сируп, бадемово млеко, ванила, масло и блендирајте. Истурете ја течната смеса во длабок сад.

2. Во друг длабок сад настрана ставете ги брашното, протеинот, печивото, солта и измешајте за да се соединат состојките. Потоа истурете ги сувите состојки во течните и измешајте. Следно, ставете ги чоколадните капки за во смесата и убаво измешајте.

3. Во плех ставете хартија за печење и размачкајте секаде со четка потопена во кокосово масло. Истурете ја смесата во плехот и одозгора додајте ги преостанатите чоколадни капки.

4. Ставете го банана-лебот да се пече 25-30 минути. Кога ќе боцнете со чепкалка за заби, не треба да ви останува од смесата.

5. Кога ќе биде готов, оставете го дваесетина минути да се олади пред да го извадите од плехот. На здравје!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

РОДЕНДЕНСКО МЕНИ: Вкусни и оригинални рецепти за вашата свечена трпеза!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.