Дозволете ни да ве вратиме во времето кога рецептите беа напишани рачно, готвењето исполнето со душа, а храната лек за сè. Старовремската кујна на Марта (Marta’s Vintage Kitchen) ќе ве инспирира да готвите со љубов и трпение – како во старите добри времиња.
Инстаграм-профилите посветени на готвењето се многу чести и кај нас и во светот, но тој на Марта се издвојува по специфичната старовремска (vintage) естетика, која буди носталгија за топлите, убави моменти поминати во нашите домашни кујни. Нејзините рецепти претставуваат уникатен спој на традиционалните и модерните вкусови, а нејзината главна цел е да ја врати магијата на готвењето со душа. Во продолжение ви ја пренесуваме нејзината приказна, како и рецептите за полнети модри домати, торта со ф’стак и чоколадни колачи.

Како ти се роди идејата за Marta’s Vintage Kitchen?
Идејата за креирање на профилот произлезе од мојата желба за нестандарден начин на готвење, инспириран од старовремскиот стил, при што мојот фокус најмногу е на францускиот и англискиот „винтиџ“. Целта ми беше да ѝ прикажам на публиката кратки видеа со рецепти што би ги вратиле во минатото, кога готвењето било некој вид на ритуал и средство за изразување креативност.
Отсекогаш ли те интересирало кулинарството? Се сеќаваш ли на првото јадење што го имаш зготвено?
Иако мојата професија е сосема различна од кулинарството, сепак готвењето ми е хоби, нешто што ме исполнува и ми дава можност да ја истакнам мојата креативна страна. Се интересирам за готвење откако знам за себе, но готвење каде што можам да додавам мои состојки и да ги спојувам вкусовите на мој начин. Првото јадење што го имам зготвено веројатно било некоја домашна торта, бидејќи токму приготвувањето десерти ме навлече на готвењето.
View this post on Instagram
Идејата на твојот профил е да ја врати магијата на готвењето со душа од старите добри времиња. Кое е јадењето што тебе секогаш те враќа во детството и на кое се сеќаваш со носталгија?
Токму така, во овој брз начин на живот, кога одвојувањето време за готвење стана луксуз, идејата ми е да ги поттикнам луѓето барем еднаш неделно или месечно да зготват јадење на коешто целосно ќе му се посветат и ќе му дадат душа, дури и да е тоа некој обичен рецепт за појадок. Тешко ми е да издвојам само едно јадење кое ми буди носталгија, но тоа веројатно би биле традиционалните рецепти, како домашен зелник, пита со печени кори, а како десерт би ги издвоила домашните пржени крофнички.
Иако профилот е во старовремски стил, сепак, дел од рецептите што ги објавуваш се модерни. Како да се зачува традицијата, а истовремено да се биде во чекор со кулинарските трендови?
Кога готвам некој модерен, современ рецепт, тоа го правам на старовремски начин, со домашни состојки, односно целосно од почеток. Често знам да направам домашен путер, домашна моцарела, рачно направени тестенини или да користам домашен зеленчук и овошје за подготовка на рецептите, за што би рекла дека вкусот е незаменлив. Доколку сакаме да ја зачуваме традицијата, а притоа да ги следиме светските кулинарски трендови, според мене, треба да готвиме традиционални јадења, но и да експериментираме, односно да користиме некои нови состојки, зачини и модерни техники на готвење.
Постои ли јадење што ти претставува предизвик и многу би сакала да го зготвиш еден ден?
Постојат неколку попредизвикувачки рецепти за мене од повеќе традиционални кујни, но најверојатно како поголем предизвик би ги издвоила класичните француски путер-кроасани. Но, секако, приготвени со со домашни состојки, односно домашен путер и рачно подготвено тесто. Се надевам дека во скоро време ќе го најдете и овој рецепт на мојот профил.
View this post on Instagram
РЕЦЕПТИ ОД СТАРИНСКАТА КУЈНА НА МАРТА
ПОЛНЕТИ МОДРИ ДОМАТИ
Состојки:
- 2 модри домати со средна големина
- 200 г доматен сос
- 100 г рендан кашкавал
- рендан пармезан
- сол
- оригано
- маслиново масло

Приготвување:
1. Модрите домати се сечат на половина и се засекуваат одозгора во форма на ситни коцки. Се посолуваат и се оставаат да отстојат околу 30 минути за да им се извади горчината, а потоа се премиваат со вода.
2. Вака приготвени се редат во обложено тавче со хартија за печење и се печат 30-35 минути на 220°Ц или додека омекне внатрешниот дел.
3. Откако ќе се испечат се вадат од рерна и со виљушка се нагмечува внатрешноста, се посолуваат и се додава погуст доматен сос, и одозгора се наросуваат со рендан кашкавал за целосно да се покрие површината. Се посипува и малку оригано.
4. Вака приготвени се враќаат во рерна и се печат уште 10 минути на 220°Ц, додека кашкавалот се растопи и зарумени. Откако ќе се извадат и изладат малку, се посипуваат со рендан пармезан. Се сервираат додека се топли.
Рецепт за домашен доматен сос: Се печат 4-5 помали домати во рерна околу 20 минути на 230°Ц, потоа се лупат и се гмечат или толчат во аван, се додава маслиново масло, сол и едно чешне лук (опционално). Сето тоа се динста на тивок оган околу 20 минути додека се згусне.
ТОРТА СО КРЕМ ОД Ф’СТАК
Состојки:
За кората:
- 300 г мелени бисквити
- 100 мл слатка павлака
- 2 лажици шеќер во прав
- 90 г растопен путер
За филот:
- 400 г маскарпоне
- 200 г крем-сирење
- 200 г крем од ф’стак
- 130 г шеќер во прав
- 250 мл слатка павлака
За преливот:
- 100 г бела чоколада
- 50 мл слатка павлака
- 1 лажица паста од ф’стак
- 1 лажица бел крем
- 50 г ф’стаци

Приготвување:
1. Мелените бисквити се мешаат со растопен путер, шеќер во прав и слатка павлака, додека се добие хомогена мека смеса. Вака подготвена, смесата се става во тркалезен калап и со помош на лажица се распоредува еднакво по површината (може тавче со димензија 26 сантиметри).
2. Во меѓувреме се приготвува филот. Крем-сирењето се мати заедно со шеќерот во прав и слатката павлака, додека се добие цврста смеса, па се додава кремот од ф’стак и се мати додека се соедини. На крај, се додава маскарпоне и се мати кратко за да се соедини.
3. Вака приготвениот фил се истура врз кората и се распределува рамномерно. Се остава во фрижидер околу 30 минути.
4. Во меѓувреме се приготвува преливот така што се загрева слатката павлака и во неа се додаваат ситно исечканата чоколада, белиот крем, пастата од ф’стак и ситно исечканите ф’стаци. Се меша додека се добие мека и мазна текстура.
5. Вака приготвениот прелив се остава малку да се излади, па потоа со него се полева тортата одозгора. Најдобро е да се остави да отстои 4-5 часа во фрижидер пред сервирање или прекуноќ.
ЧОКОЛАДНИ КОЛАЧИ СО ОРЕВИ И ЛЕШНИЦИ
Состојки:
За колачињата:
- 100 г ситно мелени ореви
- 90 г ситно мелени лешници
- 150 г шеќер во прав
- 2 белки
- 1 лажица ликер од бадеми или лешници
За чоколадниот фил:
- 100 г црно чоколадо
- 50 г млечно чоколадо
- 60 г слатка павлака
- 1 лажиче путер

Приготвување:
1. Ситно сомелете ги лешниците и оревите и измешајте ги со шеќерот во прав. Додајте ги белките и ликерот и мешајте додека добиете хомогена смеса.
2. Префрлете ја смесата во готварски шприц и направете тенки колачиња во форма на круг на тавче обложено со хартија за печење.
3. Печете во претходно загреана рерна на 160°Ц, 12–15 минути, додека краевите поруменат. Колачињата оставете ги целосно да се изладат на тавчето за печење, пред да ги извадите.
4. Во меѓувреме, пригответе го филот. Загрејте ја слатката павлака без да зоврие. Прелејте ја врз ситно исечканото чоколадо и оставете да отстои 1 минута, па мешајте додека се добие мазна текстура. Додајте го омекнатиот путер и мешајте додека целосно се соедини.
5. Оставете филот да се излади на собна температура или во фрижидер околу 20 минути, мешајќи го повремено.
6. Со помош на готварски шприц или лажица нанесете од чоколадниот фил на едната половина од колачето, па преклопете ја со другата половина. По желба, наросете ги со шеќер во прав пред сервирање.
7. Напомена: Не полнете ги колачињата додека се топли, бидејќи чоколадниот фил ќе се растопи.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА