5 одлични рецепти за здрава пица: Да, и тоа е можно!

Пица на поздрав начин

Пицата не мора да биде полна со калории и штетни состојки – постојат многу здрави алтернативи за нашето омилено јадење!

Да, и тоа е можно! Не мора повеќе да се воздржувате од ова кулинарско задоволство доколку внимавате на линијата – сè што треба да направите е да ги пробате овие неколку варијанти на здрава пица…

1. Здрава пица без брашно

Веруваме дека ќе уживате во оваа поинаква, здрава и вкусна пица, за која нема да ви треба брашно! „Топло го препорачувам овој рецепт. Навистина се приготвува брзо и лесно“, гарантира Ангела Котевска, авторка на инстаграм-профилот @tastyland_no1.

СОСТОЈКИ:

  • 1 тиквичка со средна големина
  • 2 модри патлиџани
  • 3 лажици лебни трошки
  • 3 јајца
  • 100 г пилешки гради
  • 150 г рендан кашкавал
  • 200 г сечкани шампињони
  • 1 домат
  • 1/2 лажиче сол
  • 1/2 лажиче бибер
  • 1 лажиче оригано

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Во сад се ренда тиквичката и се додаваат модрите патлиџани, исечкани на ситни коцки. Смесата се посолува и се остава да отстои 15 минути. Потоа се цеди течноста од зеленчукот, па се додаваат изматените јајца, лебните трошки и биберот. Се меша додека се соединат состојките. Смесата се нанесува во тава обложена со хартија за печење. Се пече 15 минути, на 220˚Ц. Потоа се вади од рерната и врз неа се редат парчињата пилешки гради, шампињоните, кашкавалот и исечканиот домат. Врз пицата се посипува оригано, па се враќа во рерната уште 10-15 минути. Добар апетит!

2. Пица со тесто од овесни снегулки

Оваа пица со тесто од овесни снегулки не само што не предизвикува грижа на совеста туку и се препорачува поради нејзините хранливи состојки. „Овесот е зрно на здравјето и содржи протеини, витамини, јаглехидрати и минерали, а истовремено се бори против лошиот холестерол. Секој може да ја приготви само за 30 минути и вкусна е како стандардната пица“, порачува Катерина Стојановска, која своите здрави рецепти ги споделува на својот инстаграм-профил @betyouarehungry и на веб-сајтот www.betyouarehungry.com.

СОСТОЈКИ:

За тестото:

  • 1 шолја овесни снегулки
  • 3 белки од јајце
  • 1/4 шолја млеко
  • 1/4 лажиче прашок за печиво
  • 1/4 лажиче сол

За филот:

  • 3 лажици песто-сос
  • 6-7 шери домати
  • 1 парче моцарела (125 г)
  • 10-12 несолени маслинки
  • 1 лажиче сушен босилек
  • листови босилек по желба

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Овесните снегулки ставете ги во блендер и пулсирајте додека добиете овесно брашно. Додајте ги белките, прашокот за печиво и солта. Пулсирајте додека сите состојки се соединат. Истурете ја смесата во тава, која е претходно обложена со хартија за печење. Со помош на лажица оформете кружна форма на тесто за пица. Печете 10-12 минути во загреана рерна на 200˚Ц. Извадете го запеченото тесто, премачкајте го со песто-сос и наредете парчиња моцарела, шери домати, маслинки и сушен босилек. Вратете ја пицата повторно во рерната, во времетраење од 8 минути, додека моцарелата убаво се истопи и доматите се засушат. Извадете ја пицата, посипете ја со листови босилек и уживајте во секое парче здравје.

3. Пица од тиквичка и три вида сирење

За оваа вкусна и здрава верзија на пица не е потребно никакво замесување тесто, ниту пак негово стасување. „Се приготвува на многу едноставен и брз начин, а крајниот резултат несомнено ќе ве воодушеви. Можете и да ги израдувате најмалите ако ја филувате со нивните омилени намирници“, открива Елена Јакимовска, која стои зад инстаграм-профилот @kitchen_ot_na_elena.

СОСТОЈКИ:

За тестото

  • 350 г рендана тиквичка
  • 2 јајца
  • 20 г рендан пармезан
  • 50 г рендан кашкавал
  • 100 г интегрално брашно
  • 1 лажиче печиво
  • 1/2 лажиче лук во прав
  • 1 лажиче оригано
  • 1/2 лажиче сол

За филот:

  • 200 г моцарела
  • домати
  • 10-20 г рендан пармезан
  • 50 г рендан кашкавал
  • оригано
  • црн бибер
  • поголем прстофат сол

Опционално за филот:

  • свежи печурки
  • пиперки
  • босилек
  • црвен кромид

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Изренданата тиквичка посолете ја, оставете ја да отстои десетина минути, потоа исцедете ја преку кујнска крпа или газа. Соединете ја со сите наведени состојки за тестото, мешајќи со лажица или маталка. Обложете тепсија со големина 26 со хартија за печење, а потоа, со помош на лажица, рамномерно оформете го тестото врз неа. Печете во загреана рерна на 180˚Ц, 20 минути. Почнете со филување по следниот редослед: најпрво целата површина на тестото обложете ја со парчиња моцарела, следни се доматите (колку повеќе домати има толку ќе биде повкусна), печурките, пиперките и така натаму. Одозгора ставете ја преостанатата моцарела заедно со ренданиот кашкавал, пармезанот, солта и зачините. Вратете ја во рерната уште десетина минути.

4. Безглутенска пица маргарита

Состојките за оваа пица се лесно достапни, најверојатно веќе ги имате дома, а приготвувањето нема да ви одземе повеќе од половина час. „Оваа пица е вистински избор за вегетаријанци и за оние што внимаваат на калориите. Не содржи брашно и глутен, што значи дека нема да ви предизвика мачнина или подуеност. Наместо тоа, ќе се чувствувате сито и ќе можете непречено да уживате во денот“, објаснува Маргарита Гацева, авторка на инстаграм-профилот @the.magicbean.

СОСТОЈКИ:

За тестото:

  • 1 шолја овесни снегулки
  • 3 белки од јајце
  • 1/4 шолја млеко (по ваш избор)
  • малку сол
  • 1 мало лажиче прашок за печиво

За филот:

  • 125 г моцарела
  • 3 големи лажици доматно пире
  • свеж босилек
  • шери домати (по желба)

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Вклучете ја рерната на 200˚Ц да се загрее. Во меѓувреме, сите состојки за тестото ставете ги во блендер и блендирајте додека добиете хомогена смеса. Смесата треба да биде доста густа. Обложете кружен сад со хартија за печење. Истурете ја смесата во садот и со помош на лажица формирајте кружна форма. Тестото треба да биде дебело 3-4 мм. Печете околу 8 минути во претходно загреана рерна. Потоа извадете го и свртете го тестото од другата страна. Врз тестото нанесете прво доматно пире, па моцарела. Повторно вратете го садот во рерната и печете 8-10 минути, додека се стопи моцарелата. Кога пицата ќе биде готова, ставете одозгора листови свеж босилек и шери домати. Уживајте!

5. Здрава пица од тиквички

Поради брзиот начин на живот, честопати немаме време да готвиме дома, па јадеме брза храна, без да сме свесни дека понекогаш доволно е многу малку за да направиме нешто здраво и вкусно за нас и за нашите сакани. „Оваа здрава пица од тиквички се приготвува многу брзо и лесно, а вкусот е ист како на обичната пица, дури можеби и подобар! Затоа, застанете. Не брзајте. Земете здив, пригответе ја оваа лесна и здрава пица и уживајте“, порачува Десанка Накева, позната по својот инстаграм-профил @morerecipes_foryou.

СОСТОЈКИ:

  • 1 тиквичка
  • 1 јајце
  • 1/2 чаша (од 2 дл) интегрално брашно
  • 1/4 чаша пармезан
  • сол
  • оригано
  • кечап или доматен сос
  • моцарела или кашкавал
  • печурки
  • маслиново масло

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Најпрво вклучете ја рерната на 200˚Ц и во плех ставете хартија за печење, па набрашнете ја хартијата. Излупете ја тиквичката и изрендајте ја во длабок сад. Посолете ја и оставете ја да отстои околу 10 минути. Откако ќе отстои тиквичката, префрлете ја во крпа и убаво исцедете ја целата течност од неа. Ставете ја во сад и додајте јајце, брашно, пармезан, малку сол и оригано. Убаво размешајте ја смесата. Префрлете ја смесата врз хартијата за печење и со помош на лажица или со раце направете кружна форма на пица. Печете 15-20 минути. Извадете ја пицата од рерна и премачкајте ја со кечап, ставете моцарела и печурки, малку оригано и малку маслиново масло. Печете уште 5-10 минути, додека се растопи кашкавалот.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.