Рецепт за торта „јапонски ветер“: Лесен, кремлив и неодолив десерт кој се топи в уста

Кога ќе посакате нешто посебно за десерт, пригответе ја оваа торта по старински рецепт

Јапонскиот ветер е лесна, пенеста торта со сушени кори и богат фил од жолчки и ореви, која се топи в уста и секогаш изгледа елегантно на трпезата. Иако изгледа софистицирано, лесно можете да ја направите и дома.

Состојки:

За две кори:

  • 10 белки (5 по кора)
  • 300-400 г шеќер (150-200 г по кора)
  • 1 лажица оцет (1/2 по кора)

За филот:

  • 10 жолчки
  • 10 лажици шеќер
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 5 лажици брашно (или густин)
  • 500 мл млеко
  • 250 г путер или маргарин
  • 200-300 г мелени ореви или лешници

За декорација:

  • 500 мл слатка павлака
Приготвување:

Прво, пригответе ги корите. Изматете ги белките во цврст снег. Постепено додавајте шеќер и матете додека смесата стане густа и мазна. На крај, додајте оцет.

Распоредете ја смесата во плех обложен со хартија за печење (во форма на круг или правоаголник). Печете во претходно загреана рерна на 150 степени, потоа намалете на 100-120 степени и сушете 60-90 минути. Кората треба да остане светла и сува. Повторете ја постапката за втората кора. Оставете ги целосно да се оладат.

Потоа, пригответе го филот. Изматете жолчки со шеќер и ванилин шеќер, па додајте брашно и малку ладно млеко за да добиете мазна смеса. Преостанатото млеко загрејте го до вриење, па во него доварете ја приготвената смеса со постојано мешање. Гответе додека се згусне филот.

Тргнете го од оган и оставете го целосно да се олади. Посебно изматете го путерот или маргаринот, па соединете го со оладениот фил. На крај, додајте ги мелените ореви или лешници.

Филувајте ја тортата. На чинија ставете ја првата кора, премачкајте со половина од филот и посипете со ореви. Преку тоа ставете ја втората кора и преостанатиот фил. На крај, премачкајте ја тортата со изматена слатка павлака или шлаг.

Оставете ја тортата во фрижидер најмалку 3-4 часа, идеално прекуноќ, за да се стегне убаво и да се поврзат вкусовите. Сечете внимателно, бидејќи корите се кршливи и послужете ја добро разладена.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе