РЕТРО-ДЕСЕРТИ: Подзаборавени фаворити од минатото што ќе ве освојат на прво залаче!

Пробајте!

Пробајте ги десертите на нашите гастро-блогери

Ретродесертите повторно го зазедоа гастрономскиот престол! Сигурно имате омилени колачи, торти и слатки што секогаш ве враќаат назад во детството и ви будат најубави спомени со својот мирис и вкус. Ние се потсетивме на неколку подзаборавени фаворити од минатото што сè уште освојуваат на прво залаче!

ПРАСКИ-КОЛАЧИ

Колку што се декоративни и убави на изглед, толку се и вкусни! Овие ретроколачиња се топат во уста и ви гарантираме дека нема да можете да изедете само едно. „Ме потсетуваат на едно убаво детство и ми будат незаборавни спомени. Долго време ми беа предизвик, но дефинитивно вредат за секоја потрошена минута и енергија“, порачува Ана Крстаноска (@ana_kitchen_corner), авторката на рецептот.

Состојки:
  • 3 јајца
  • 180 г шеќер
  • 225 мл масло
  • 3 лажици млеко
  • 2 мали лажичиња печиво
  • 450 г брашно и повеќе ако ви се лепи тестото

За полнење:

  • 300 г мармалад од кајсии
  • 38 мл арома на рум
  • трошки од праските

За боење:

  • 80 мл вода измешана со црвена прехранбена боја во прав
  • 80 мл вода измешана со жолта прехранбена боја во прав
  • кристал-шеќер за валкање на праските

Приготвување:

1. Замесете тесто од наведените состојки и додајте го потребното брашно (никако наеднаш за да не се направат грутки). Месете додека тестото стане нелепливо. Додајте уште брашно по потреба.

2. Поделете го тестото на два дела. Од секој дел вадете топчиња и мерете ги да бидат сите исти, идеални се со 9 г. Убаво обликувајте го секое топче за да бидат со мазна структура и да не испукаат додека се печат.

3. Редете ги на хартија за печење со растојание меѓу нив, бидејќи ќе нараснат малку додека се печат. Печете ги околу 5 минути во загреана рерна на 150˚Ц, па намалете ја температурата на 120˚Ц. Треба малку да заруменат, но не премногу, важно е да останат бели.

4. Додека се топли, со остар нож нежно направете им вдлабнатина од внатрешната страна, а трошките зачувајте ги за филот. Не притискајте премногу за да не ви испукаат.

5. Измешајте ги трошките од праските со мармаладот и румот. Аромата на румот треба повеќе да преовладува. Наполнете ги сите колачиња, па спојувајте ги по две. Повторете ја постапката со сите колачиња.

6. На крајот, праските една по една потопете многу кратко во црвена боја од едната страна, па во растворената жолта боја од другата страна. Потоа валкајте во шеќер и ги оставате ги да се сушат.

ПОЛНЕТИ КНЕДЛИ СО СЛИВИ

Кој може да му одолее на еден од најпознатите традиционални десерти? Ивана Костадиновска (@lostinbaking) ни одржа корисна кулинарска лекција и ни покажа како се приготвуваат добропознатите кнедли со сливи.

Состојки:

За кнедлите:

  • 500 г сварени и излупени компири
  • 250 г остро брашно
  • 1 јајце
  • прстофат сол
  • околу 10 сливи, измиени, исушени и без семки

За валкање:

  • 150 г лебни трошки
  • 1 лажица путер
  • 4 лажици шеќер
  • цимет по желба

Приготвување:

1. Сварените и излупени компири се рендаат со ренде. Се додаваат јајцето, солта и брашното и се замесува тесто.

2. Тестото се дели на 8-10 топчиња, во зависност од големината на сливите. Секое топче се сплескува со рацете и во средината се става по една слива, добро се затвора и се формира кнедла.

3. Готовите кнедли се ставаат во тенџере со зовриена вода и се варат 7-8 минути или додека испливаат на површината.

4. По вадењето, кнедлите се валкаат во смесата од лебни трошки и шеќер. Оваа смеса се приготвува со растопување на путерот во тава на оган, по што се додаваат лебните трошки, кои неколку минути се пржат на среден оган. На крајот, се додаваат шеќерот и циметот и се остава смесата да се олади. Уживајте!

КРЕШЕНТО-КОЛАЧИЊА

Целиот дом ќе ви замириса на ореви од овие превкусни колачиња! Кристина Колевски (@solenoblagiprikazni) нè потсети на овој брз и лесен десерт, кој отсега сигурно ќе биде редовно застапен на вашата трпеза.

Состојки:
  • 350 г брашно
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 1 јајце + 2 жолчки
  • 200 г путер или маргарин
  • рендана кора од лимон
  • 150 г шеќер
  • 2-3 капки екстракт од рум (или 1 лажица рум)
  • прстофат сол

Друго:

  • 200 г ореви
  • белка од јајце
  • За филот:
  • 100 г чоколадо за готвење
  • 50 г путер

Приготвување:

1. Изматете го пенесто маргаринот или путерот (од собна температура) заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Потоа, додајте ги преостанатите состојки и на крајот постепено додавајте го брашното, па замесете тесто.

2. Ставете го готовото тесто во најлонска фолија и оставете го во фрижидер околу половина час.

3. Од тестото направете топчиња и потопете ги во белка од јајце, а потоа во грубо мелени ореви.

4. Наредете ги топчињата во плех обложен со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 200˚Ц, 10-15 минути, во зависност од рерната.

5. Додека се печат, пригответе го филот. Стопете ги чоколадото и путерот на пареа, со непрекинато мешање.

6. Откако колачињата ќе се испечат, оставете ги убаво да се оладат, а потоа филувајте ги и спојте ги едно со друго. Наместо домашно приготвен фил, може да користите и чоколаден крем.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Вкусен афродизијак: Три специјалитети што го зголемуваат либидото и претставуваат вистинско уживање за непцата!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.