Уживајте во брзиот и едноставен рецепт за кремлив колач со праски
Ако ви се јаде нешто слатко, а не сакате да поминете многу време во кујна, тогаш овој брз рецепт за кремлив колач со праски е идеален за вас.
Превкусен е и одличен е за периодите со високи температури, бидејќи убаво освежува, а се приготвува за само 10 минути.
Состојки:
- 1 кг праски
- 200 г шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 700 мл вода
- 2 пудинга од ванила
- 1 лажица шеќер
- околу 300 г бисквити
- 1 кесичка шлаг-крем
- 150 мл ладно млеко
Приготвување:
1. Најпрво, излупете ги праските и исечкајте ги на поситни парчиња. Ставете ги во тенџере заедно со 200 г шеќер, ванилин шеќер и 700 мл вода, па варете ги додека праските омекнат и пуштат сок.
2. Кога праските ќе се зготват, извадете дел од овошјето на страна, а во преостанатата течност, додајте пудинг од ванила што претходно сте го разматиле со една лажица шеќер и малку ладна вода. Гответе со постојано мешање додека се згусне, па вратете ги праските и убаво измешајте.
3. Додека филот уште е топол, почнете со редење на колачот. Во соодветен плех, наредете ред бисквити (по потреба потопете ги малку во сок од компот или вода), потоа, ставете слој топол фил со праски. Повторувајте ја постапката додека го потрошите материјалот и завршете со слој од фил.
4. Оставете го колачот потполно да се олади и стегне.
5. Во меѓувреме изматете шлаг-крем со 150 мл ладно млеко, па рамномерно распоредете го преку оладениот колач.
Напомена: Пред да го сервирате колачот, добро разладете го во фрижидер, најдобро неколку часа. По желба, одозгора можете да додадете парчиња праски или малку рендано чоколадо.