Дознајте како да го приготвите овој автентичен медитерански десерт
Галактобуреко е еден од најпознатите грчки десерти, препознатлив по богатиот крем од гриз, крцкавите кори за пита и миризливиот сируп, кој на колачот му дава сочнот и препознатлив вкус.
Совршен е за свечени пригоди, семејни собири или кога сакате да приготвите автентичен медитерански десерт.
Состојки:
- 2 шолји шеќер
- 1,5 шолја вода
- малку лимонов сок
- малку рендана или цела лимонова кора
- 1 л млеко
- 1 шолја шеќер
- 1 шолја гриз
- 4 јајца
- 150 г стопен путер
- 1 лажиче екстракт од ванила или 1 кесичка ванилин шеќер
- 500 г тенки кори за пита
- малку стопен путер за премачкување на корите
Приготвување:
Прво, пригответе го сирупот. Во тенџере сипете шеќер, вода, лимонов сок и кора од лимон. Гответе околу 5 минути од моментот кога ќе зоврие, па тргнете од оган и оставете целосно да се олади.
За кремот, загрејте млеко со шеќер. Постепено додавајте гриз со непрекинато мешање и загревајте додека се згусне. Тргнете од рингла, додајте ванила и оставете да се олади кратко. Изматете јајца, па постепено додавајте ги во кремот заедно со стопениот путер, додека добиете мазна и изедначена смеса.
Премачкајте плех со путер. Наредете половина од корите за пита, притоа секоја премачкајте ја со стопен путер. Преку корите рамномерно распоредете го приготвениот крем, а потоа покријте го со преостанатите кори, исто така премачкани со путер.
Со остар нож засечете ги малку горните кори на посакуваните порции за да се сече колачот полесно по печењето.
Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 минути, односно додека горните кори станат златнокафени и крцкави.
Врелиот колач веднаш прелејте го со целосно оладениот сируп. Почекајте најмалку 2 часа да се впие сирупот, а потоа, послужете.