Омилениот десерт: Ви откриваме како да приготвите божествени вафли!

Слаткарски трикови

Вафлите можете да ги декорирате со шеќер во прав, слатка павлака, овошје, сладолед, прелив од чоколадо, крем по желба…

Следете ги нашите прецизни упатства за да направите вафли со совршена текстура и вкус, а кои можете да ги декорирате на интересни начини

Состојки:
  • 370 г екстра бело брашно тип 400 на „Жито лукс“
  • 150 г шеќер
  • 2 ќесиња прашок за печиво
  • 3 јајца
  • 500 мл млеко
  • 100 г путер

Приготвување:

1. Во сад се поврзуваат шеќерот и јајцата, се додава 250 мл млеко, па се мати со жица додека се добие компактна смеса.

2. Посебно се поврзуваат екстра белото брашно тип 400 на „Жито лукс“ и прашокот за печиво, па се додаваат во смесата и се меша да не останат грутки. Потоа се налева преостанатото млеко и се мати додека се соединат состојките.

3. Добиената смеса се цеди и се остава да отстои 30 мин.

4. По мирувањето, се топи путерот, па се додава во приготвената смеса.

5. Се вклучува апаратот за вафли, се намрсува и се остава добро да се загрее. Потоа во него внимателно се додава смесата, па се пече на 200°Ц, околу 3 минути.

Во продолжение ви даваме и неколку идеи како да ги декорирате вашите божествени вафли…

Вафли во боите на виножитото

Познато е дека децата сакаат вафли, а ако се и многу колоритни – тогаш ги обожаваат. За да им ја разубавите дополнително роденденската прослава, брзо и лесно пригответе вафли во боите на виножитото. Потребно е основната смеса да ја поделите на шест дела и во нив да ставите прехранбени бои по желба. Потоа смесата ставете ја во вреќичка за украсување и на краевите засечете помали отвори. Една по една боја кружно нанесувајте, однадвор навнатре, во апаратот за вафли.

Торта со вафли

Ако класичните торти сакате да ги замените со малку поинакви слатки со необичен и интересен изглед – тортата со вафли секако ќе биде забележана, особено од децата. Овие меки вкусни колачи во комбинација со вкусни овошни филови и шлаг од слатка павлака и со додаток од зрнесто овошје по желба никого нема да го остават рамнодушен.

Вафли на стапче

Развеселете ги своите деца, бидете креативни и имагинативни, па пригответе им вафли на сосема поинаков начин. Овие брзи, а омилени, десерти сервирајте им ги на стапче. Одберете вкусни филови: чоколадни кремови, џем, мед, кремови од ванила или некои други по желба, па посипете ги со чоколадни или шарени трошки, шеќер во прав, какао… Тркалезните вафли пресечете ги на триаголници, а правоаголните на помали коцки, втиснете во нив дрвени стапчиња, па наполнете ги по желба. Овие декоративни и вкусни слатки ќе ги снема вчас од чинијата – загарантирано!

Извор: Добра храна

Вафли со цимет, меки како душа: Незаборавен десерт од детството!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.