Најубавиот сладолед по турски рецепт: Се разликува од другите и е неодоливо кремлив!

Вистинско летно освежување

Задолжително мора да го испробате овој сладолед по турски рецепт – многумина велат дека не постои повкусен!

Ако некогаш сте ги виделе продавачите на улиците во Турција како развлекуваат сладолед со долги метални стапчиња, веројатно сте чуле за познатиот Мараш дондурма. Овој необичен турски сладолед се разликува од другите по густата, жилава и еластична текстура, поради која не се топи толку брзо и може да се развлекува како тесто.

По потекла од градот Караманмараш, на југот од Турција, овој сладолед со векови се прави по традиционален рецепт кој се заснова на неколку внимателно одбрани состојки. Тајната на неговата посебност се крие во комбинацијата на полномасно млеко, салеп, мастика која му ја дава препознатливата арома и посебната техника на мешање.

Иако за оригиналниот Мараш дондурма потребни се посебни состојки, со неколку адаптации може да се направи и дома, а резултатот е кремлив, ароматичен и различен сладолед што ќе го воодушеви целото семејство.

Состојки:
  • 750 мл полномасно млеко
  • 250 мл слатка павлака
  • 165 г шеќер
  • 65 г салеп
  • 3 г зрна мастика
  • мелен цимет за послужување
  • сечкани ф’стаци за декорација
Приготвување:

Мастиката претходно оладете ја во замрзнувач (околу 15 минути), па сомелете ја со малку шеќер во убав прав. Во посебен сад разматете салеп во 125 мл млеко. Мешајте додека добиете потполно мазна смеса, без грутки.

Во тенџере сипете ги преостанатото млеко и слатка павлака и загревајте на средна температура (не треба да зоврие). Додајте мелена мастика, а потоа полека додајте го разматениот салеп, со непрекинато мешање.

Во текот на готвењето, непрекинато мешајте и повремено развлекувајте ја смесата – зафаќајте со лажица и истурајте назад од висина. Оваа постапка трае најмалку 20 минути (идеално до 40) и му ја дава на сладоледот карактеристичната еластична, растеглива текстура.

Оладете ја готовата смеса, потоа изматете ја во апарат за сладолед или замрзнувајте ја со повремено мешање. Оставете ја во замрзнувач неколку часа или прекуноќ. Пред послужување, омекнете ја малку и посипете со цимет и ф’стаци.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе