Ледено кафе со сладолед: Совршена летна напивка која освежува и буди

Истовремено разладува, засладува и ја дава потребната доза на енергија

Леденото кафе со сладолед е доказ дека наједноставните состојки лесно може да се претворат во луксузно летно уживање

Комбинацијата на силно кафе, ладно млеко и кремлив сладолед е еден од најубавите начини да се разладите за време на топлите летни денови. Оваа напивка е спој на омилениот утрински ритуал и омилениот десерт – доволно силен за да ви даде енергија, а доволно сладок за да замени колач.

Состојки за една голема чаша:
  • 1 шолја сварено силно црно кафе (100-150 мл)
  • 2 топки сладолед од ванила
  • 100 мл ладно млеко
  • неколку коцки мраз
  • 1 лажиче шеќер или мед (по желба)
  • шлаг за декорација (опционо)
  • малку рендано чоколадо или какао за посипување
Приготвување:

Сварете силно кафе и оставете го целосно да се олади. Важно е кафето да биде ладно пред да се измеша со сладоледот, за да не се стопи веднаш и да се изгуби кремливата текстура. Ако сакате поинтензивен вкус, можете да направите еспресо и да го оладите со неколку коцки мраз.

Во висока чаша ставете неколку коцки мраз, сипете ладно млеко, а потоа додајте го оладеното кафе. Внимателно промешајте за да се соединат вкусовите.

На врвот ставете две големи топки сладолед од ванила. Тој полека ќе се топи и ќе прави кремлива пена, давајќи му богат вкус на кафето. За љубителите на поблаг десерт, одличен избор е и сладоледот од чоколадо, лешник или карамела.

По желба додајте шлаг, малку чоколадо, цимет или какао. Највкусно е кога ќе се послужи веднаш додека сладоледот уште не се стопил.

Трик за вкус како од кафуле

За уште побогат вкус, можете да приготвите домашен прелив од карамела: во шолја загрејте две лажици шеќер додека се стопи, додајте малку павлака за готвење и прелејте преку сладоледот.

Уште една тајна на шанкерите е тоа што користат замрзнати коцки кафе наместо обичен мраз. Така напивката не се разводенува, а вкусот останува полн и интензивен.

Варијанти на ледено кафе

Мока ледено кафе – Додајте лажиче какао или чоколаден прелив и користете чоколаден сладолед.

Кафе со бисквити – Издробете неколку парчиња бисквити преку сладоледот за ефект на вистински десерт.

Кафе со лешник – Додајте малку прелив од лешник и сладолед од лешник.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе