Два одлични рецепта за Павлова торта: Најубавиот десерт на светот!

Совршена за празнична трпеза

Нема шанси да не му се допадне некому!

Павловата торта, всушност, е десерт кој се прави по многу едноставен рецепт, а овошјето што ќе го користите за нејзиното приготвување, можете да го приспособите според својот вкус.

Крцкавата кора од белки, слатката павлака и овошјето се основата на ова слатко задоволство.

ПРВА ВЕРЗИЈА

Состојки:

  • 5 белки
  • 250 г шеќер
  • 250 мл слатка павлака
  • 1 лажица шеќер
  • околу 250 г јагоди

Приготвување:

Матете ги белките додека станат пенести, па додајте шеќер и матете додека добиете цврст и густ снег и додека кристалите шеќер речиси исчезнат. На хартија за печење нацртајте круг со пречник од 20 см. Превртете ја хартијата така што страната на којашто сте цртале да биде долу, па распоредете го снегот. Печете на 150 степени Целзиусови околу 1 час и 15 минути, додека кората однадвор целосно се исуши. Не е страшно ако испука, бидејќи таа надворешна површина треба да биде крцкава и крута.

По печењето, ширум отворете ја рерната и оставете ја кората уште 15 минути внатре. Извадете го плехот и оставете ја кората целосно да се олади. Оладената кора внимателно префрлете ја на чинија, одозгора распоредете слатка павлака изматена со лажица шеќер. Нема потреба од уште шеќер, бидејќи кората е многу слатка, а изматената павлака треба да ја разблажи таа слаткост. Одозгора распоредете овошје. Послужете ја оладена.

ВТОРА ВЕРЗИЈА

Состојки:

  • 8 белки
  • 500 г шеќер во прав
  • 2 лажици оцет

За филот:

  • 600 мл слатка павлака
  • 2 лажици шеќер во прав
  • 1 лажица екстракт од ванила
  • 1 банана
  • 300 г јагоди
  • 150 г боровинки
  • 150 г малини
  • 1 лимон

Приготвување:

Изматете ги белките во цврст снег, а на половина од матењето додајте шеќер во прав и оцет. На 3 листови хартија за печење нацртајте кругови со пречник од 20 см и превртете ги листовите наопаку (нацртаниот дел мора да биде оздола).

Ставете ја хартијата на превртена тепсија, на која ќе се печат корите, и внатре со лажица ставајте од снегот во круг. Испечете три кори. Печете ги во рерна загреана на 120 степени Целзиусови, секоја по еден час. По печењето, оставете ги корите во рерна да се оладат, бидејќи така помалку пукаат.

Изматете слатка павлака и додајте шеќер во прав и екстракт од ванила. Пресечете го лимонот и исцедете го сокот од двете половини. Исечкајте ја бананата и потопете ја во сокот од лимон. Исцедете ги јагодите и исечкајте ги на резанки. Малините и боровинките исто така исцедете ги. На оладената кора ставете една третина од филот, по надворешните рабови наредете ги јагодите, а внатре во нив и бананите.

Ставете нова кора и повторете ја постапката со овошјето. Третата кора по шлагот обилно украсете ја со преостанатото овошје. Оладете ја тортата барем еден час пред сервирање.

Торта со малини: Освежителен десерт што ќе ве освои со изгледот и вкусот!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.