Десерт за паметење: Пробајте ја оваа превкусна мус-бајадера!

Гастро-мајстори

Оваа мус-бајадера за 8 лица е по рецепт на Елена Јакимовска

Елена Јакимовска ни ја приготви оваа вкусна и сочна мус-бајадера. Сигурни сме дека ќе ви се допадне, а ако сакате уште, побарајте ги нејзините рецепти на инстаграм-профилот @kitchen_ot_na_elena.

Состојки:

За подлогата:

  • 220 г мелени бисквити
  • 5 лажици какао
  • 2 1/2 лажички шеќер
  • 1 филџан млеко
  • 150 г растопен маргарин

За филовите:

  • 3 јајца
  • 3 лажици шеќер
  • 400 мл слатка павлака
  • 2 лажици шеќер во прав
  • 24 г желатин

Додатоци за филот:

  • 200 г чоколадо
  • 200 г ореви
  • 100 г кокос

Приготвување:

1. Најпрво се приготвува подлогата. Се соединуваат сите наведени состојки и се натапкуваат во правоаголна тава, претходно обложена со најлонска/растеглива фолија и малку навлажнета со вода, за полесно да се залепи фолијата за тавата.

2. Потоа следува приготвувањето на филовите. Прво раздвојте ги жолчките од белките. На тивок оган на пареа (во мало тенџере зовријте вода, но не премногу, бидејќи при вриењето водата не треба да го допира огноотпорниот сад што е поставен над тенџерето), се приготвува крем од жолчките и шеќерот – мешајте непрекинато со маталка. Треба да добиете структура како пудинг. Тргнете го садот настрана да се олади.

3. Во меѓувреме, во поголем сад пенесто изматете ги белките. Потоа изматете ја слатката павлака во друг сад заедно со шеќерот во прав, па соединете ја во големиот сад со белките.

4. Додајте ги жолчките во шлагот и миксирајте кратко. Растворете го желатинот и растопете го според приложеното упатство, па соединете го со филот.

5. По овој чекор, поделете ја смесата на три еднакви дела за три различни филови, во овој случај со стопено чоколадо, со мелени ореви и со кокос. Состојките можете да ги одберете по желба: јатки, бисквити, пасирани банани, желе-бонбони и слично.

6. Пожелно е филот со чоколадо да биде најгоре, за да се одбегне мешање со некој друг фил, бидејќи ќе му треба повеќе време да се зацврсти.

7. Совет плус: Доколку слатката павлака ја замените со растителна, желатинот со агар-агар, а млекото со вода, ќе добиете прекрасна посна мус-бајадера.

Извор: Добра храна

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.