Бугаца е највкусниот грчки десерт на сите времиња: Ќе го обожавате овој сладок бурек со крем од ванила

Феноменален вкус!

Задолжително мора да го пробате грчкиот сладок бурек ако не сте го направиле тоа досега – не знаете што пропуштате!

Бугаца, слаткиот бурек од крцкави кори и миризлив крем од ванила, ја крие големата традиција и историја на грчкиот народ, па може да се прогласи за вистинско национално богатство.

Најдобра бугаца ќе најдете во градот Сер или во Солун, бидејќи тука живеат вистинските мајстори на овој занает. Додека да отидете во Грција, ви предлагаме домашен рецепт за овој неодолив десерт.

Состојки:
  • 1 пакет кори за баклава
  • 150 г стопен и оладен путер
  • 1 1/2 л полномасно млеко
  • 200 г пченичен ситен гриз
  • 200 г шеќер
  • 1 прстофат сол
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 2 супени лажици путер
  • цимет и шеќер во прав за декорирање

Приготвување:

Прво се приготвува кремот од ванила. Во подлабоко тенџере се сипува млеко, гриз, шеќер, ванилин шеќер, сол и се загрева на средна температура. Се меша сето тоа додека зоврие. Се добива крем со мазна текстура, не премногу густ. Се додаваат две лажици путер да се стопат во смесата.

Се префрла кремот од тенџере во чинија да се олади. Се покрива со проѕирна фолија така што фолијата ќе го допира самиот врв на кремот. На овој начин се спречува да се создаде коричка на површината на садот при ладењето.

За бугаца ќе ви треба поголема тепсија за пита, добро подмачкана со путер. Се редат накрсно првите пет кори, така што ќе се покријат сите страни на тепсијата, а една четвртина од кората ќе биде надвор. Секоја кора се премачкува со стопен путер.

Се сипува оладениот крем од ванила преку корите и се распределува рамномерно. Слојот крем не треба да биде дебел, затоа е важно да користите поголема тепсија. Остатоците од кората што се надвор од тепсијата се враќаат преку кремот и се премачкуваат со путер.

Одозгора се ставаат преостанатите 5 кори, така што ќе се покрие површината на бугацата. При редењето, со путер се премачкува секоја кора поединечно. Вишокот горни кори се враќаат во тепсијата со мека шпатула. За крај, целата површина се премачкува со путер и бугацата е спремна за печење.

Се пече околу 35 минути на 200 степени додека сите кори добро заруменат. Кога ќе се извади од рерна, се остава да се олади десетина минути, а потоа се сече на помали коцки, се посипува со цимет, шеќер во прав и се послужува.

Совет од искусни домаќинки:

Ако забележите дека рерната не пече рамномерно од долната и горната страна, последните десет минути од печењето можете да ја превртите бугацата наопаку во друг плех и така ќе добиете апсолутно крцкава кора од двете страни.

„Мрзлива пита“ по рецептот на нашите баби: Направете брз колач за цела недела (ВИДЕО)
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.