4 најубави велигденски погачи: Меки и вкусни!

Рецепти за паметење

Според традицијата, за Велигден се приготвува погача

Велигденската погача мора да биде богата, тоа се знае! Исто така, мора да изгледа светски! Па затоа, одберете го најдобриот рецепт и засукајте ги ракавите!

1. Сладок куглоф

Состојки:
  • 5 јајца
  • 250 г шеќер
  • 200 маргарин
  • 1 лимон
  • 1 прашок за печиво
  • 2 лажици какао во прав
  • 50 г чоколадо за готвење
  • 100 мл млеко
  • 600 г брашно
  • шеќер во прав за декорација

 

 

Приготвување:

Раздвојте ги жолчките од белките. Потоа, посебно изматете ги белките. Во жолчките додајте шеќер и растопен маргарин, па кога ќе ја изматите смесата добро, додајте кора од еден лимон, млеко, брашно и прашок за печиво. Во изматената смеса додајте ги пенесто изматените белки.

Сето тоа убаво соединете го, а потоа поделете ја смесата на два еднакви дела. Во едниот дел додајте исечкано црно чоколадо, а во другиот дел 2 лажици какао во прав. Во калап за куглоф додајте го прво жолтиот, па темниот фил и печете половина час на 200 степени. Кога колачот ќе се испече, послужете го на украсна чинија, наросете го со шеќер во прав, а неговата средина исполнете ја со бојадисаните шарени јајца.

2. Царска пита

Состојки:
  • 4 јајца
  • 1 чаша јогурт од 2 дцл (истата ќе ни биде мерка за сѐ останато)
  • 1 чаша масло
  • 2 1/2 чаши брашно
  • 1 прашок за печиво
  • 150 г шунка
  • 150 г фета-сирење
  • 5 кисели краставички
  • 1/2 лажиче сол
  • малку бибер
  • 1 лажиче оригано
  • 100 г кашкавал за посипување

Приготвување:

Изматете ги јајцата, па додајте ги преостанатите состојки и матете додека тестото се соедини. Потоа, сипете ја смесата во калап за куглоф и печете околу 40 мин на 200 степени (во зависност од рерната). На врелиот и испечен куглоф изрендајте кашкавал. Послужете го на чинија, а во средина ставете разнобојни велигденски јајца.

3. Традиционална велигденска погача

Состојки:
  • 1 кесичка квасец
  • 1 кг брашно
  • 60 г стопен маргарин
  • 250 г шеќер
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 6 жолчки + 1 жолчка за премачкување
  • 1/2 л млеко
  • рендана кора од портокал
  • 1 лажица сок од портокал
  • 2 лажици рум
  • 1 лажица ракија

Приготвување:

Во голем сад ставете квасец, топло млеко, шеќер и брашно и оставете го сето тоа 10-15 минути. За тоа време, квасецот ќе нарасне, а потоа додајте брашно, топло млеко, стопен путер, кора од портокал и сок, жолчки, рум, ракија, шеќер, ванилин шеќер, а додека го додавате сето тоа, цело време матете со миксер додека добиете убаво тесто кое ќе почне полека да се одвојува од садот.

Тестото мора да биде меко, никако тврдо. Така приготвеното тесто покријте го со крпа и оставете го да стасува 5 или повеќе часа (може и цела вечер). Потоа, префрлете го на набрашнета подлога и поделете го на 3 еднакви дела. Секој дел премесете го малку и формирајте топки. Покријте ги со крпа, па оставете ги да одмораат уште 1-2 часа.

Нараснатите топки од тесто премачкајте ги со изматена жолчка и наросете ги со крупен шеќер, па со мал нож засечете 3 реза од средината на погачата нанадвор. Ставете ги топките да се печат во рерна загреана на 180 степени околу 20 минути.

4. Цвет погача

Состојки:
  • 1 кг бело брашно
  • 100 мл масло
  • 100 г путер
  • 2 јајца
  • сол
  • 1 лажица шеќер
  • 20-30 г квасец

Приготвување:

Потопете го квасецот во малку млака вода и додајте 1 лажица шеќер. Кога ќе се растопи, додајте 1 јајце, млеко, масло, брашно, сол. Замесете средно тврдо тесто. Кога тестото ќе стане мазно, покријте го со фолија и со крпа и оставете го на топло да нарасне.

Нараснатото тесто префрлете го на маса и поделете го на 11 топчиња. Расукајте пет топчиња со големина на тепсија. Секое расукано топче премачкајте го со омекнат путер и редете ги едно врз друго, освен последното кое не се премачкува, туку само се преклопува врз четвртото.

Со нож исечете на четири дела, па на 8 и секој агол завртете го нанадвор. Потоа, на ист начин направете ги и другите пет топчиња и на истиот начин пресечете ги. Премачкајте ја погачата со јајце и наросете ја со семиња кога малку ќе нарасне. Печете на 180 степени.

Најмеката велигденска погача: Вкусна како најубавиот колач!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.