„Ритуали“ е само почеток – Луна го најави албумот „Атлас“ со 15 авторски песни
Македонската пејачка Луна официјално го започна најважното музичко поглавје во својата кариера. Со објавувањето на синглот „Ритуали“ и истоимениот видеоспот, таа го најави својот прв студиски албум „Атлас“, кој содржи 15 песни и претставува најобемниот и најамбициозниот проект на младата артистка досега.
Иако на домашната сцена е присутна веќе неколку години и зад себе има повеќе музички изданија, „Атлас“ е првиот проект со кој Луна целосно го заокружува својот музички идентитет.

Албумот е создаван во соработка со продуцентот Лазар Цветкоски и претставува резултат на нивната заедничка работа во изминатиот период.
„Искрено сум превозбудена што конечно ја споделувам музиката на која работев подолго време. Во албумот „Атлас“ има 15 песни. Секоја композиција е различна и носи своја емоција. Посебно е чувството кога си автор на своите песни. Оваа година имав чест да соработувам со имиња од нашата естрада кои неизмерно ги почитувам, како Лозано, Пајак, Антониа Гиговска и Александра Јанева. Во периодот што следува ќе слушате многу моја музика и искрено се надевам дека ќе ви се допадне. Ви благодарам за поддршката“, вели Луна.

„Ритуали“, првата песна од албумот, од вчера е достапна на сите дигитални музички платформи и социјални мрежи. Паралелно со песната беше објавен и видеоспотот, во режија на Steady Flow, кој носи модерен визуелен пристап, а Луна во него се појавува во неколку впечатливи изданија.
„Атлас“ не е замислен како албум што ќе биде објавен одеднаш. Напротив, во периодот што следува Луна постепено ќе ги претставува и останатите песни, секоја со своја приказна и препознатлив печат. На тој начин, публиката ќе има можност чекор по чекор да го открива целиот албум.

Со овој проект, Луна најавува ново поглавје во својата кариера. „Атлас“ е проект во кој се вложени многу време, работа и емоции, а по „Ритуали“, во периодот што следува ќе бидат промовирани и останатите 14 композиции.
А, сега уживајте во “Ритуали”: