Владимир Стајиќ: Со влезот во НАТО и сè поизвесниот датум за почнување преговори за влез во ЕУ, добиваме стабилност во бизнисот

Разговор со генералниот менаџер на „Гулф оил Македонија“ за „Економист: Светот во 2020-та“

Со „Гулф оил“ донесовме квалитет на нафтениот пазар во Северна Македонија. Работиме на развој на компанијата на ниво на целата држава, вели Владимир Стајиќ, генерален менаџер на „Гулф оил Македонија“ во интервјуто за годишното издание на „Економист: Светот во 2020-та година“, кое првпат излезе на македонски јазик под ексклузивната лиценца на компанијата „Колор медиа плус“.

Владимир Стајиќ, генерален менаџер на „Гулф оил Македонија“

Како ја оценувате изминатава година од бизнис-аспект? Дали имаше големи промени на економски план за вас и за вашата компанија целокупната ситуација со датумот за влез во НАТО и недобивањето датум за почнување преговори за влез во ЕУ?

Изминатата година за нашата кoмпанија беше навистина успешна, бидејќи и покрај сите турбуленции во македонската економија, успеавме да задржиме високо ниво на работа, со кое постигнавме извонредни резултати.

Членството на нашата држава во НАТО и ратификацијата на договорот од сите земји-членки, за нас, како претставници на една од најголемите американски компании во светот – „Гулф оил“ (Gulf Oil), претставува стабилност и можност за поголем развој во претстојните години, бидејќи стабилноста што ја носи НАТО како организација е нешто што ни недостига.

Неисполнетите очекувања за добивање датум и одложувањето на пристапните преговори со ЕУ беа разочарувачки за сите, бидејќи беа направени конкретни и големи чекори за нивно започнување.

Но оптимизмот што владее во врска со оваа тема и нијансите што се во прашање за датумот се мотив за нас и за целокупната бизнис-заедница да продолжиме успешно да работиме и убеден сум дека следната година ќе бидат уважени нашите заеднички напори да добиеме датум за преговори, со што ќе ни се отворат дополнителни можности и ќе има сериозно раздвижување на пазарот кај нас.

За првпат по 15 години успеавте да донесете нов бренд на македонскиот нафтен пазар? Како се случи тоа и кои се придобивките од таа голема соработка?

Горди сме што направивме еден навистина голем исчекор и поместување на ситуацијата во нафтениот пазар во Северна Македонија. По 15 години, успеавме да донесеме еден од најголемите светски играчи во нафтениот бизнис, „Гулф оил интернешнл“, компанија што постои од 1901 и е присутна во 100 земји на сите континенти.

Истражувањето на пазарот од страна на „Гулф оил интернешнл“ траеше околу три години, за да дојдат конечно до заклучокот дека е најдобро да остварат соработка со домашен партнер и нè одбраа нас, како една од најуспешните компании во областа на трговијата со нафта и нафтени деривати во земјата.

По потпишувањето на соработката со „Гулф оил“, ја ребрендиравме нашата бензинска станица во „Гулф оил“ и со тоа ја покажавме нашата тежина на пазарот и ја започнавме оваа приказна, не само во Скопје туку и во Тетово, Гостивар, Струга, Неготино, а наскоро и во Гевгелија.

Каква е стратегијата за развој на „Гулф оил“ во Македонија, дали основен столб ќе биде партнерството со „Гулф оил“ или увозот на нафтените деривати и дистрибуцијата на големо за клиенти останува и понатаму еден од клучните бизнис-сегменти?

Стратегијата на „Гулф оил“ во Македонија е да продолжи да се развива како компанија со продажба на нафта и нафтени деривати во земјата и во регионот. Нашата цел е да го подигнеме нивото за квалитетна нафта во Македонија и нашите потрошувачи да бидат задоволни со горивото што го користат.

Придобивката од квалитетните горива е од особено значење за сопствениците на возилата, во однос на потрошувачката на возилото и неговото одржување, како и поголемата моќност. Квалитетните горива се од особена важност за општеството, бидејќи со користење горива што се произведени по стандардите на „Гулф оил интернешнл“ и се подложни на редовни контроли, се намалува загадувањето на воздухот и се грижиме за околината.

Бидејќи нашите градови се едни од најзагадените во Европа, сметаме дека треба да се обрне посебно внимание на нафтата што ја користиме секојдневно.

Од понудата на „Гулф оил“, можеме да ги препорачаме Xtreme Diesel и G-Force, како најдобри деривати на македонскиот пазар, со највисоки перформанси и моќност. Се надевам дека граѓаните на Северна Македонија многу набрзо ќе се уверат во придобивките од користењето на најквалитетните горива и нафтени деривати во регионот.

Какви се очекувањата за 2020 година? Што е она што вие, како компанија, ќе го реализирате?

Нашиот план за следната година е да продолжиме да се развиваме со уште поголемо темпо во трговијата со нафта и нафтени деривати, без разлика дали се работи за големопродажба или малопродажба.

Како новитет, кој наскоро ќе го претставиме на пазарот и со кој дополнително ќе го афирмираме нашиот квалитет, се маслата и мазивата за секаква употреба на „Гулф оил“, од автомобили, мотоцикли, камиони, па до тешки возила и индустриски капацитети.

Планирано е зголемување на мрежата на бензински станици со дополнителни 15-20 нови, на целата територија на државата.

Текст и фото: ПР, Економист: Светот во 2020-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.