Ванчо Чифлиганец: „Адора инженеринг“ верува во сопствената земја

Интервју со генералниот менаџер на „Адора инженеринг“ за „Економист: Светот во 2020-та“

Професор д-р Ванчо Чифлиганец во разговорот за британскиот „Економист: Светот во 2020-та“, кој е првпат издаден на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“, апелира „да се најде решение за проблемите и да се создадат услови за рамноправен третман во бизнисот, бидејќи тоа е во корист на домашната економија.“

Ако не можеме да го спасиме целиот свет, можеме барем малку да ѝ помогнеме на една личност и да дадеме придонес во изградба на подобро општество за сите.“

Проф. д-р Ванчо Чифлиганец

Е: „Адора инженеринг“ е компанија што постои 18 години, сега навршува полнолетство и е препознатлива како успешна македонска градителска приказна. На што се должи тоа?

В.Ч.: Нескромно е сами да се декларирате за успешни, затоа ќе се повикам на бројки и факти. Во 18-те години постоење, „Адора инженеринг“ има изградено 40 репрезентативни станбено-деловни објекти. Станува збор за инвестиции со економски обрт од околу 330 милиони евра и изградени 300 илјади m² нето-развиена површина, со околу 3.000 висококвалитетни домови, во кои живеат над 12 илјади граѓани.

Перманентно сме во 200 најуспешни и најголеми компании во државата, шест години бевме меѓу 25-те најуспешни фирми и најбрзорастечки компании. Бројот на вработените од само двајца на почетокот се искачи на околу 500 градители, на кои редовно им се исплатуваа плати, надоместоци и придонеси.

За нашиот удел во националната економија, сведочат 30 милиони евра платени во државниот буџет за купување градежно земјиште и 20 милиони евра уплатени за комунални давачки во општинските каси.

Реномето на компанијата е потврдено со над 40 национални признанија и со 7 интернационални награди.

Вложуваме во заедницата за подобро општество, дониравме 5 милиони евра, што е направено со многу љубов за изградба на поубав, посреќен и порамноправен свет.

Е: Важите за предводник во иновативните решенија во сферата на високоградбата.

В.Ч.: Иновативните идеи, следењето и примената на најновите стандарди и технолошки решенија се приоритет во нашата работа. Со тоа сме во чекор со светските трендови во развојот на недвижностите, а купувачите ги уживаат придобивките од поквалитетно, побезбедно, покомфорно, поекономично и поздраво домување.

Со воведувањето на пионерските решенија во високата градба ја постигнавме целта, нашата држава и граѓани да се рамо до рамо со граѓаните од развиените земји. Во тоа доста ни помогна континуираното усовршување на работниот кадар, со поддршка на компанијата и едукацијата на клиентите за долгорочните придобивки од новите решенија.

Среќен сум што храбрите пионерски чекори резултираа со убави дела-градби, за доброто на градежниот сектор – високoградба и на нашата земја, Македонија.

Е: На што сте особено горд? Дали е тоа некој од станбените проекти, некоја донација за заедницата или друго достигнување?

В.Ч.: Многу е тешко да се издвои, но ќе наведам неколку работи.

Прво, покажав пример со мојата иновативност и пожртвуваност, заедно со вработените, дека нашата земја е плодна почва за создавање добри дела. Затоа, „Адора инженеринг“ е успешна македонска градителска приказна и е признание за бизнис-климата во Р Македонија.

Второ, „Адора инженеринг“ беше пример за враќање на довербата при купување недвижности, како квалитет и вредност за вложените финансиски средства.

Трето, воведовме многу европски и светски стандарди во високата градба. Четврто, задоволни вработени и намирување на сите давачки кон институциите на државата. Петто, паралелно со успешноста, издвоивме значајни средства за заедницата. Сето тоа „Адора инженеринг“ го направи вклопувајќи се во поволната бизнис-клима во високата градба, без привилегии.

Тука се и првиот станбен објект, изграден во 2003-та во Карпош, со првиот покриен базен во Македонија, грандиозниот Flatiron, новиот препознатлив симбол на Скопје, Diamond Garden by Adora и новата урбана целина, со 10 згради во Ново Лисиче. Горд сум што „Адора инженеринг“ ги потврди корпоративното мото и мојот животен слоган „Само делата се вистина“ и што ги изградивме првите енергетски ефикасни објекти во државата.

Она што најмногу ми ја грее душата е подадената рака со помош за немоќните, социјално загрозените, талентираните, стипендираните.

Радосен сум за среќните лица на Ивана и Јован од Дедино, кога се вратија во новиот дом изграден врз пепелта на изгорената куќа, за насмевките на децата од посебното училиште „Златан Сремец“, кога им го реновиравме дотраениот покрив, за крштевките и венчавките во православниот храм „Свети Јован Крстител“ во Аеродром.

Е: Познат сте по спонтаните хумани потфати. Зошто го правите тоа, особено во време на ерозија на вистинските човечки вредности?

В.Ч.: Хуманите активности на „Адора инженеринг“ и Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец се темелат на солидарноста со која сум воспитан и подигнат од најмали нозе, што е и код на македонскиот народ.

Да не биле солидарноста и хуманоста, можеби немало да се случи венчавката на моите родители, како и моето образование до докторската титула. Затоа сакам да му возвратам на општеството и да ги споделам успесите.

Сè е систем на поврзани садови, и океаните се состојат од најситни капки вода. Ако не можеме да го спасиме целиот свет, можеме барем малку да ѝ помогнеме на една личност и да дадеме придонес во изградба на подобро општество за сите.

Е: Забрзаната локомотива на „Адора инженеринг“ се пренасочи во финансиско-банкарскиот сектор. Што беше причината за инвестирање во Комерцијална банка?

В.Ч.: Претприемачките вештини се отсликуваат и во способноста при заситеност или немање доволно простор за работа, да се почувствува моментот и да се инвестира во друга сфера.

Во 2018 година започнавме со инвестирање во купување акции во повеќе компании, по што акцентот го ставивме на Комерцијална банка, за да бидеме активни и овој македонски банкарски бренд, да се етаблира на челната позиција во финансиско-банкарската сфера во државата и за поголем развој на економијата.

Со купување на над 11% од акциите на банката, „Адора инженеринг“ е најголем поединечен акционер во Комерцијална банка АД Скопје, а јас како член на Надзорниот одбор, учествувам во насочувањето на севкупните политики на банката. За моја среќа, направен е добар потег, бидејќи Комерцијална банка е голема и сигурна банка, со добар менаџмент и вработени, да се бори со сите присутни предизвици.

Е: Низ годините, во топ-менаџментот на „Адора инженеринг“, се зацврстија и вашите деца, Драгана и Душко. Што значи тоа за компанијата, тешко е или лесно кога бизнисот го водат различни генерации?

В.Ч.: Мислите на генерациските судири? Тоа е нормално, кога се во прашање различни возрасти, со различно искуство во животот и професионалниот пат. Најважно е различните мислења да се продуктивни и да резултираат со избалансирани, мудри одлуки.

Јас сум основач и сопственик на „Адора инженеринг“, што е семеен бизнис со традиција од три децении.

Драгана е во компанијата 13 години, како извршен директор, таа ги воведе интернационалните стандарди и иновациите во домувањето, што е наш препознатлив имиџ.

Во 2015-та дојде Душко, кој како заменик-генерален директор даде придонес во воведувањето на новите трендови од светската урбана архитектура и дизајн. Во текот на петгодишниот престој во Дубаи, покрај стекнатото образование од економија и бизнис на Американскиот универзитет, кај него длабоко се врежа уникатната архитектура на овој мегалополис, што го инспирира дел да пренесе во нашите проекти.

Се обидувам да го извлечам најдоброто од богатството на генерациските различности. Сите сме со иста цел, успешно раководење и развој на „Адора“.

Дали е добро или не, во тимот на „Адора инженеринг“ има вредни, иновативни и одговорни високообразовани луѓе и вработени, кои имаат рамноправен третман. Им благодарам на сите!

Е: „Адора инженеринг“ сега нема ниеден нов проект во реализација. Зошто?

В.Ч.: По 18 успешни години и 40 изградени објекти, 2019 година ја завршуваме со голема неизвесност за иднината. Компанијата што градеше по пет објекти во година, или една зграда за 31 ден и продаваше над 300 стана годишно, потврди дека знае и умее да работи успешно и квалитетно, за што има видливи дела.

Поради мораториумот, забраната за градење во одредени скопски општини, не можеме да започнеме со реализацијата на готов проект на наше градежно земјиште со детален урбанистички план. Бевме принудени бројот на вработените да го намалиме под 100.

Освен институционалните пречки, се соочуваме и со нерамноправен третман на домашните и странските инвеститори и меѓу самите домашни инвеститори. Апелираме да се најде решение за проблемите и да се создадат услови за рамноправен третман во бизнисот, бидејќи тоа е во корист на домашната економија.

Е: Ќе инвестирате ли надвор од Македонија?

В.Ч.: Доколку имаме можност, ќе работиме тука, но ако ни се отвори шанса, зошто не би инвестирале надвор од државата, каде што имаме извесни инвестиции, а го испитуваме пулсот и за нови. Не стравуваме од настап на странски пазари, со искуството во високата градба, докажаниот квалитет и препознатливиот имиџ на „Адора инженеринг“ и на македонските градители прочуени во светот.

Ние секојдневно размислуваме за кој било бизнис што ќе носи добро за вработените и просперитет на економијата на нашата земја.

Е: Пред кои предизвици е исправена „Адора инженеринг“ во 2020 година? Како ги гледате Македонија и светот во новата деценија?

В.Ч.: Плановите за иднината зависат од нашата визија и од условите во кои дејствуваме. Колку се стимулативни или дестимулативни бизнис-климата и политичкиот амбиент во државата и регионот и каков е статусот на Македонија во евроатлантските асоцијации, од што очекуваме позитивни импликации.

Во меѓувреме ние во „Адора“ анализираме, остваруваме средби, работиме на нови иницијативи. Доколку светот треба да биде подобро место за живеење, ние сè ќе направиме и Македонија да биде дел од прогресивните процеси. Но, за да сме во чекор со развиените земји и современи трендови, треба стратегиски да сме подготвени и, конечно, во новата деценија државата да се сврти повеќе кон националната економија, бизнис-заедницата, стандардот и животот на граѓаните.

Сметам дека доколку во 2020 година нема видливо подобрување на економски план, ризикуваме и тие луѓе што останаа да се иселат, со што и најдобрата бизнис-иницијатива ќе биде тешко остварлива, при недостиг од квалитетна работна сила. Верувам дека во тешки времиња треба човек да биде позитивен и да не се откажува.

Ние, во „Адора инженеринг“, за време на светската економска криза ги направивме најголемите успеси, бидејќи бевме одлучни и храбри.

Текст и фото: „Економист: Светот во 2020-та“, ПР

loading...
Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време