Коста Петров: „Мора да бидеме подготвени апсолутно за сѐ“

Интервју за „Економист: Светот во 2020-та“

„Денес мора да бидеме активни 24/7 и да ја следиме репутацијата на нашиот бренд. Мора да бидеме подготвени за сите кризи што може да ни се случат.“

Основана во ноември 2010-та, од Сања Поповска и Коста Петров, македонската компанија „Пи ворлд“ денес е организатор на некои од најголемите бизнис-настани во светот. Само за девет години, овој успешен македонски стартап успеа да организира над 450 бизнис-настани во 42 земји во светот, вклучувајќи ги САД, Канада, Јужна Кореја, Италија, Португалија, Египет и Катар.

Девет години по првиот настан во С Македонија, разговаравме со Коста Петров, коосновач на компанијата, за предизвиците во светот на односите со јавност, но и потребната храброст за градење глобален бренд од нашата земја.

Креативната агенција „Пи ворлд“, во која сте коосновач и директор, за девет години постигна импресивни резултати. Кога ќе направите рекапитулација, што ви било најголем предизвик лично вам? Кога ви било најтешко?

Уште од првиот ден, нашата мисија е едноставна – ние сакаме да ја промениме глобалната бизнис-реалност.

Нашиот прв тест-настан се одржи во ноември 2010 година во Скопје, а првиот вистински голем настан ни се случи неколку месеци подоцна, во април 2011 година во Белград.

И ден-денес се сеќавам дека луѓето што требаше да се регистрираат за настанот не веруваа дека настанот ќе се случи.

Почетокот можеби беше тежок, но, на крајот, на настанот присуствуваа над 400 експерти за односи со јавност од целиот регион и ова, всушност, беше и првиот настан што го поддржаа сите регионални здруженија за односи со јавност.

Моделот на работа во нашиот регион со текот на времето го мултиплициравме во над 40 земји во Централна Азија, Источна Европа и Северна Америка.

Оваа наша амбициозност, се разбира, сама по себе носи и многу предизвици. Како компанија што работи на глобален пазар, ние секојдневно сме изложени на ризиците во глобалниот политички свет и економијата.

Во овие девет години јас и мојот тим сме ги преживеале сите можни турбуленции во светот. Од терористички напади и пад на цената на нафтата до државни удари и финансиски колапс на земјите во кои сме работеле.

Како компанија, веруваме дека секој предизвик со себе носи нова можност и, иако во тој момент на криза сме се прашувале како ќе продолжиме понатаму, секогаш сме имале план Б, Ц итн.

Велат, светот денес е едно глобално село и сите, на некој начин, имаат еднаква шанса за глобален успех. Што мислите дека е потребно за да се изгради глобален бренд од помали земји, како С Македонија?

Живееме во ера на технологии и интернет. Ова е ера кога навистина целиот свет ни е на дланка и она што особено ме радува е тоа што многу македонски компании, особено стартапи, ја користат оваа можност да работат глобално оттука, од С Македонија.

Јас искрено се надевам дека во следните години ќе се стави многу поголем фокус на стартапите во нашата земја, бидејќи, реално гледано, само тие ја имаат визијата да направат продукт што може да им парира и на најголемите светски брендови.

Верувам дека сѐ започнува со визијата, со вашето ветување, односно што е тоа што вие сакате да го постигнете со вашиот продукт. Добро дефинираната визија мора да се имплементира во сите аспекти на работење на брендот – од маркетингот и стратегијата за односи со јавност до комуникацијата со вработените.

Тука би ставил фокус и на важноста на креирањето бренд-движење. За да биде навистина успешен еден бренд, апсолутно е потребно да имате вработени, клиенти, поддржувачи што ќе веруваат и ќе навиваат за вашиот бренд.

Многу поважно, за да бидеме навистина компетитивни на глобалниот базар, најважно од сѐ е ние како земја да ја дефинираме нашата визија. С Македонија, според мене, треба да биде центарот за технологии во овој дел на Европа, но за да го направиме тоа, од голема важност е да ги поддржуваме нашите стартапи, бидејќи само тие ја имаат моќта да ја променат перцепцијата за македонската економија, и локално но, многу поважно, и во светот.

Вие сте и експерт за односи со јавност и имате можност, преку вашите настани, да соработувате со многу познати светски експерти на оваа тема. Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите, поврзано со градењето и зачувувањето на нивната репутација?

Денешниот свет на комуникации е многу различен од тој пред пет-десет години.

Лажните вести се навистина огромен проблем и нешто на што треба да се обрне големо внимание, особено во делот на едукација на нашите клиенти.

Компјутерскиот криминал исто така е многу важна тема. Како и во секое кризно комуницирање, при сајбер-напад брзината на нашиот одговор е особено важна. Ние мора да бидеме тие што први ќе излезат со фактите и редовно ќе ги комуницираме.

Најважно од сѐ, во денешниот свет на комуникации, е да комуницираме во вистинско време. Заврши времето на кампањско работење.

Денес мора да бидеме активни 24/7 и да ја следиме репутацијата на нашиот бренд. Мора да бидеме подготвени за сите кризи што може да ни се случат.

Како што вели Доналд Стил, еден од нашите најбарани тренери за кризна комуникација:

Во денешно време, единственото нешто што не можете да го предвидите е напад на вонземјани. За сѐ друго мора да бидете апсолутно подготвени“.

Текст и фото: ПР, Економист: Светот во 2020-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.