Даниела Адемоска: „Ги надминавме очекувањата на претставниците на ‘Хилтон’“

Интервју на сопственичката и генерална менаџерка на „Дабл три бај Хилтон - Скопје“ за „Економист: Светот во 2020-та“

И покрај предизвиците, максимално му се посветивме на овој проект и докажавме дека и Македонија има знаење и капацитет да стои рамо до рамо со хотелите „Хилтон“ во најразвиените земји во светот.

На 1 јануари 2019 година, хотелот „Дабл три бај Хилтон – Скопје“ (Double Tree by Hilton – Skopje) официјално ги отвори вратите за гостите, со што Македонија стана 109-та земја во светот што доби луксузен хотел под капата на еден од најпознатите синџири хотели во светот.

За предизвиците во првата година од работењето, постигнатите резултати и идните планови разговаравме со Даниела Адемоска, сопственичка и генерална менаџерка на „Дабл три бај Хилтон – Скопје“.

Даниела Адемоска, сопственичка и генерална менаџерка на „Дабл три бај Хилтон – Скопје“

Како би ја сумирале првата година од работењето на „Дабл три бај Хилтон – Скопје“?

Кога ќе погледнам назад во изминатата година, чувствувам како овој хотел да работи веќе десетина години, бидејќи само за една година „Дабл три бај Хилтон – Скопје“ топло пречека неколку илјади гости од целиот свет, угости голем број државници, еминентни имиња од политиката, естрадата и јавниот живот, организираше значајни настани…

Она што за мене е најважно е дека од првиот ден сѐ во хотелот функционира беспрекорно.

А тоа е нашата примарна цел, затоа што „Хилтон“ е бренд што има воспоставено многу високи стандарди во хотелиерството на светско ниво и инсистира на нивно доследно почитување.

Во првата година од работењето успешно се справивме со еден огромен предизвик и станавме репер во хотелиерството во Македонија, но и во поширокиот регион.

Со постигнатите резултати, не само што ги остваривме очекувањата и барањата на претставниците на „Хилтон“ туку и ги надминавме.

Дали беше тешко да се реализира проектот „Хилтон“ кај нас и кој дел од целиот процес беше најголем предизвик за Вас?

Целиот проект беше многу предизвикувачки, бидејќи сѐ почнавме буквално од нула, од првичните преговори со претставниците на „Хилтон“, проектирањето, изградбата, сѐ до комплетното уредување. Нашето долгогодишно искуство со успешно менаџирање на хотелот „Стоун бриџ“ беше голем плус, но искуството со „Хилтон“ е многу различно, бидејќи тука станува збор за еден од најпознатите хотелски синџири во светот, во кој воспоставените стандарди мора да се почитуваат до најситниот детаљ. „Хилтон“ е бренд во кој ништо не се остава на случајот, каде што сѐ е однапред испланирано и беспрекорно реализирано, што целосно се совпаѓа и со нашата девиза на работење.

Еден од најголемите предизвици, всушност, беше да одлучиме да влеземе во целиот проект, бидејќи се работи за целосно наша, домашна инвестиција вредна околу 50 милиони евра. И покрај предизвиците, максимално му се посветивме на овој проект и докажавме дека и Македонија има знаење и капацитет да стои рамо до рамо со хотелите „Хилтон“ во најразвиените земји во светот.

Повеќе од 20 години сте на највисоки менаџерски позиции во успешни компании од различни сектори. Како успевате да балансирате меѓу приватниот и професионалниот живот?

– Начелото по кое се водам во приватниот и професионалниот живот е дека ако знаете што сакате, ќе најдете начин како да го остварите тоа. Сакам професионални предизвици, бидејќи тие ме мотивираат да учам и постојано да се надградувам, а успехот доаѓа како резултат на целиот тој труд. Се трудам да воспоставам баланс поставувајќи си цели на приватен и професионален план и потоа се трудам да ги остварам, верувајќи во своите способности.

Сепак, покрај сите професионални успеси, за мене најголем успех се моето семејство и квалитетно поминатото време со сопругот и со децата. На крајот на секој стресен ден, моето семејството е мојата оаза во која наоѓам мир и спокој и која ми дава енергија за следниот работен ден.

Кои се Вашите планови за 2020 година?

– Честопати знам да кажам дека нашата приказна само што започна. Голем дел од капацитетите на „Дабл три бај Хилтон – Скопје“ веќе се резервирани за претстојната 2020 година, што уште отсега е знак дека нѐ очекува многу работа. Но имаме голем и мотивиран тим, кој е подготвен да излезе во пресрет на сите барања, така што секојдневно поставуваме сѐ повисоки стандарди за тоа како треба да се води хотелски бизнис.

За 2020 година си поставивме нови професионални предизвици, кои ни се дополнителен мотив да напредуваме. Очекувам во наредниот период да обучиме уште повеќе млади луѓе за да станат конкурентни во хотелскиот бизнис и да бидат столбот на оваа гранка, за која искрено верувам дека има голема перспектива за развој во нашата земја.

Текст и фото: „Економист: Светот во 2020-та“, ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.