Билал Суџубаши: „Влезот на Халкбанк АШ Турција на македонскиот финансиски пазар беше вистински потег“

Интервју со генералниот директор на „Халкбанк АД Скопје“ за „Економист: Светот во 2020-та“

Стратегиската цел на „Халкбанк“ и во наредниот период ќе биде задржување на позицијата на една од водечките банки во секторот.

Со 81-годишна традиција, Халкбанк АШ Турција денес е една од водечките банкарски институции во регионов. Банката, која со работа започна во 1938 година, во изминатите 81 година претрпе низа трансформации и реорганизации.

Денес Халкбанк е профитабилна и ефикасна институција со лидерска позиција во секторот, која работи според современи банкарски принципи и правила за комерцијално банкарство, со високооперативен банкарски пристап кон клиентите, создавајќи значајна додадена вредност за економијата на земјата.

Од 2011 година Халкбанк е присутна и во Северна Македонија, а денес е најбрзорастечка банка и една од четирите најголеми банки во државава. За ова зборуваме со Билал Суџубаши, генерален директор на Халкбанк АД Скопје.

Билал Суџубаши, генерален директор на Халкбанк АД Скопје

Г. Суџубаши, Халкбанк АД Скопје веќе 8 години е дел од групацијата Халкбанк АШ Турција. Од оваа дистанца, какво е вашето мислење во врска со купувањето на банката во Македонија и влегувањето на македонскиот финансиски пазар?

Македонија за Турција секогаш била во сферата на интерес, бидејќи двете земји отсекогаш граделе и развивале блиски односи, како на политички, така и на економски план. Таа блискост резултира и со големи инвестиции на турски компании во Северна Македонија. Од 1997 до 2017 година, од Турција во Северна Македонија имаат влезено 252,3 милиони евра, така што од 2015 година Турција е на шестото место по странски директни инвестиции во Северна Македонија и најголем инвеститор од земјите надвор од ЕУ.

Реализацијата на овие инвестиции во голема мера беше поддржана и од Халкбанк АД Скопје. Но Халкбанк не се ограничи само на ова, туку својата поддршка ја прошири на целокупниот корпоративен сектор во земјата, а се насочи и кон нудење различни услуги за населението. Сите овие активности резултираа со тоа Халкбанк АД Скопје да стане најбрзорастечка банка во земјата, да стане четврта најголема банка и истовремено да влезе во кругот на системски значајни банки.

Ако се погледнат остварените резултати на Халкбанк АД Скопје во минатата година, ќе се види дека банката ја заврши годината со раст од 20,5% и остварен профит од 10,6 милиони евра, при што беа исполнети и целите во сите сегменти на работењето. Во 2018 година нето-кредитите на банката пораснаа за 19,6%.

Во однос на кредитирањето на населението, како банка што нуди кредитни производи со најповолни услови, успеавме да го зголемиме портфолиото на станбени кредити на 63,3 милиони евра, постигнувајќи нето-раст од 39,4%.

Паралелно со растот на кредитното портфолио, се зголеми и депозитната база. Депозитите од клиенти се зголемени за 12%. Лани активата на банката порасна од 686,6 на 768,2 милиони евра, односно за 11,9%.

Според последните објавени податоци на Народната банка, активата на Халкбанк сега изнесува 834 милиони евра, а раст имаме во сите сегменти од работењето. Затоа и слободно можам да кажам дека влезот на македонскиот пазар за Халкбанк АШ Турција беше вистински потег во вистинско време.

Досега неколкупати беше направена докапитализација во Халкбанк АД Скопје. Која беше целта на овие чекори и каков беше ефектот од нив?

Од 2011 година, откако на македонскиот пазар работиме како Халкбанк, нашата стратегија е да станеме една од најголемите банки во земјата. За да може да се постигне тоа, на банката ѝ беше потребен капитал што ќе овозможи ширење и раст. Токму затоа неколкупати досега Халкбанк АШ Турција помогна во зголемување на средствата. Последната докапитализација, во вкупен износ од 20 милиони евра, која ја извршивме во почетокот на годинава, беше уште еден чекор во насока на спроведување на нашата стратегија за раст.

Ваквата поддршка од Халкбанк АШ, како во поглед на зголемувањето на капиталот, така и во поглед на пренесување на знаењето, заедно со успешниот начин на работа и раст во сите сегменти на банкарското работење, овозможи Халкбанк АД Скопје да стане четврта најголема банка во земјава.

Во што друго се состои поддршката што Халкбанк АД Скопје ја има од својата матична банка, Халкбанк АШ Турција?

Халкбанк во Турција има повеќедецениска традиција, која значи поминување низ различни развојни фази и собирање искуство и знаење. Ние во своето работење имаме прифатено еден многу значаен принцип, а тоа е создавање производи и услуги според мерата на клиентот. Таканаречениот тејлор-мејд пристап претставува значен дел од нашата организациска култура и ние секојдневно вложуваме напори во наоѓање начини за унапредување на производите и услугите во насока на пресретнување на потребите на клиентите.

Сето ова знаење и искуство, како во примената на нови технологии, така и во креирањето производи по мера на клиентот, ние ги пренесуваме и во Халкбанк АД Скопје уште од влезот на македонскиот пазар, што, според остварените резултати, беа успешни чекори. Банката и во иднина ќе го следи развојот на новите технологии и ќе настојува да создава нови производи, кои ќе донесат ново корисничко искуство и задоволство кај нашите сегашни и идни клиенти.

Водечка улога во воспоставувањето на Халкбанк во Турција имаше Мустафа Кемал Ататурк, кој во тоа време посочи дека новата институција ќе овозможи не само големите индустријалци туку и малите трговци и занаетчии да можат да добијат заеми по нормални услови. Оттогаш до денес Халкбанк е првата банка за средната класа, односно за трговците, занаетчиите и малите бизниси. Дали сметате дека Халкбанк АД Скопје ја следи оваа политика и дали е успешна во тоа?

Халкбанк АШ Турција од своите почетоци има мисија да ги поддржува со современ банкарски пристап трговците, занаетчиите и малите и средните претпријатија, кои се основата на Турција, како и сите претприемачи што придонесуваат за инвестирање и вработување. Оваа мисија преку Халкбанк АД Скопје ја пренесуваме во сите земји каде што сме присутни.

Уште од влезот на македонскиот пазар, наша целна група се малите и средните претпријатија (МСП), кои, според нас, претставуваат камен-темелник на економијата. Оваа поддршка е особено важна за Северна Македонија, во која најголем дел претпријатија (речиси 98% се со помалку од 50 вработени) влегуваат токму во оваа категорија. Халкбанк АД Скопје во делот на кредитирањето на малите и средните претпријатија минатата година оствари пораст од 41,5 милион евра, или 21,6%.

Притоа е задржано ниското ниво на лоши пласмани од само 0,56%. За оваа категорија клиенти се воведуваат нови производи, преку кои се поддржуваат нивни тековни потреби за основни средства и обртен капитал. Работењето на Халкбанк АД Скопје во овој сегмент и поддршката на МСП се препознатливи, поради што банката има добиено значајни признанија. Во 2017 година, од „Глобал банкинг“ и „Фајненс ривју“ беше добиено признание за најдобра банка за мали и средни претпријатија, а банката токму поради овие ангажмани ја доби и наградата „Креатори на столетието“.

Но, секако, Халкбанк паралелно со поддршката што ја дава за МСП ги поддржува и сите сектори на економијата и сите бизнис-слоеви, а дава и поддршка на проектите на бизнис-заедницата преку кредитните линии од меѓународните финансиски институции.

Какво е вашето мислење за македонскиот финансиски пазар, на кој имаме неколку крупни банки и повеќе помали. Со оглед дека Халкбанк Турција денес е тоа што е, во голема мера благодарение на аквизицијата на неколку банки во Турција, дали мислите дека мал пазар каков што е македонскиот може да издржи 15 банки, колку што дејствуваат кај нас?

Северна Македонија има стабилен банкарски сектор со банки што се висококапитализирани и ликвидни. Но сепак, гледајќи го нашето искуство, сметам дека за вака мал пазар, постоењето на 15 банки, во некоја рака, е ограничувачки фактор. Тоа, впрочем, се истакнува и од Народната банка, која постојано нотира потреба од окрупнување. Меѓутоа, за да дојде до тоа, потребно е да созреат услови.

Еве, гледаме дека веќе се случува тоа. Со купување и присоединување банки неодамна во банкарскиот сектор создадоа уште еден голем банкарски играч. Значи, поместувања на македонскиот банкарски пазар веќе се случуваат и истите тие мислам дека ќе донесат корист и за корпоративниот сектор, за населението и за целата економија, бидејќи ќе значат поголема конкуренција и борба за клиенти, а тоа ќе резултира со нови и подобри услуги од банките.

Кои се вашите очекувања за Халкбанк АД Скопје за 2020 година?

Стратегиските цели на банката и во наредниот период ќе бидат задржување на позицијата на една од водечките банки во секторот, остварување стабилен раст и одржливо ниво на профитабилност. Притоа, нема да ги заборавиме малите и средните претпријатија и добрите корпоративни проекти, кои се значајни за економијата и додаваат огромна вредност, но нема да се заборават и населението и неговото кредитирање.

Во согласност со стратегиските планови, во наредниот период очекуваме да се зголеми учеството на кредитите на населението во вкупното портфолио на банката. Во однос на депозитите од клиенти, исто така очекуваме интензивирање на растот, пред сè, во делот на населението.

Текст и фото: „Економист: Светот во 2020-та“, ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.