АПЈН: „Професијата за јавните набавки мора да се издигне на едно повисоко ниво“

Интервју со Борче Христов и Владимир Петровски од Асоцијацијата на професионалци во јавните набавки

Нашата цел е на сите клиенти претплатници на АПЈН да им дадеме јасни насоки како да постапуваат и како соодветно да ги применуваат прописите од областа на јавните набавки (законот и подзаконските акти).

Во годишното издание на „Економист: Светот во 2020-та“, кое првпат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“, разговаравме со претседателот на Асоцијацијата на професионалци во јавните набавки во Република Северна Македонија, Борче Христов, и со м-р Владимир Петровски, кој е член на управниот одбор, за предизвиците со кои се соочува и за плановите на ова здружение во новата година.

Како произлезе идејата за создавање на Асоцијацијата на професионалци во јавните набавки во Република Северна Македонија (АПЈН)?

Борче Христов, претседател на Асоцијацијата на професионалци во јавните набавки

Асоцијацијата на професионалци во јавните набавки во Република Северна Македонија (АПЈН) е релативно млада асоцијација, која своите почетоци ги бележи во март 2018 година, како резултат на потребата да се обединат професионалците во оваа област (пред сѐ службениците за јавни набавки од страна на договорните органи и лицата што ги подготвуваат понудите и ги следат договорите од страна на понудувачите), нивно поврзување и воспоставување мост помеѓу договорните органи и економските оператори, професионалците и стручните лица и сите други кои се вклучени директно или индиректно во областа на јавните набавки во Република Северна Македонија.

Јавните набавки се карактеризираат со мултидисциплинарен карактер и имаат поврзаност со многу области и гранки (облигационо право, управна постапка, административно право, казнено право, прекршоци, економија, јавни финансии, ревизија, јавна внатрешна финансиска контрола, корупција, судир на интереси, жалбена постапка и др.), поттикнати од неопходноста дека постои потреба од поврзување на сите страни што се дел од оваа проблематика, со што на наједноставен начин би овозможиме решенија и одговор на прашања, поединечни проблеми или дилеми поврзани со јавните набавки.

Што се добива со членството во Асоцијацијата, односно што добиваат членките на АПЈН?

АПЈН на своите членки им нуди советодавни услуги од областа на јавните набавки, и тоа како за договорните органи така и за економските оператори, за успешно спроведување на постапките за јавни набавки преку поединечни барања за мислење, организирање обуки, работилници, како и специјални инхаус-обуки, помош во подготовка на интерни процедури за јавни набавки, изработка на тендерски документи, договори, помош во делот на правната заштита (изработка на жалби/одговор на жалби), помош при спроведена управна контрола, подготовка на планови за јавни набавки како и подготовка на извештаи за следење на реализацијата на годишните планови.

Нашата цел е на сите клиенти претплатници на АПЈН да им дадеме јасни насоки како да постапуваат и како соодветно да ги применуваат прописите од областа на јавните набавки (законот и подзаконските акти).

Владимир Петровски, член на управниот одбор на АПЈН

Зошто е важна професијата за јавните набавки?

Секоја година во државата се трошат околу 900 милиони евра јавни пари преку јавните набавки. Токму луѓето што ја имаат избрано професијата во јавните набавки се клучни за да се обезбеди фер и ефективно користење на парите на даночните обврзници, притоа мора да се обезбедат транспарентност, отчетност, недискриминација и интегритет како клучни столбови на политиката за јавни набавки.

Иако е во зачеток, професијата за јавните набавки мора да се издигне на едно повисоко ниво, затоа што да се работи со јавните набавки е потребно високо ниво на знаење, квалификации и способности. Исто така професионалците во јавните набавки мора да бидат добро платени, затоа што на тој начин индиректно би се намалило и нивото на корупција.

Каде се гледа АПЈН во иднина?

Асоцијацијата на професионалци во јавните набавки во Република Северна Македонија во иднина се гледа како една од движечките организации со чија помош професијата за јавните набавки ќе го добие своето вистинско место како една од позначајните професии во едно општество.

Aсоцијацијата дополнително со своите професионални обуки ќе им овозможи на професионалците во областа континуирана размена на искуства, како и подобрување на своето знаење.

Текст и фото: Економист: Светот во 2020-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.