Анита Ангеловска-Бежоска: „За повисоки стапки на економски раст се потребни реформи со позитивни ефекти врз човечкиот потенцијал, физичкиот капитал и продуктивноста“

Интервју на гувернерката на Народната банка за „Економист: Светот во 2020-та“

Фото: Горан Десковски

Народната банка очекува дека следната година растот на македонската економија ќе биде околу 3,8%, а инфлацијата и натаму ќе биде ниска и стабилна.

„Влезот во НАТО може да донесе голем број придобивки за економијата, вклучително и повисок прилив на странски инвестиции“, вели гувернерката на Народната банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервјуто за годишното издание на „Економист: Светот во 2020-та“ година, кое излезе на македонски јазик под ексклузивната лиценца на компанијата „Колор медиа плус“.

Што покажуваат проекциите на Народната банка за следната година во однос на клучните макроекономски параметри?

Нашите оцени во рамки на последниот циклус макроекономски проекции од октомври посочуваат на умерено забрзување на економскиот раст на околу 3,8% во 2020 година. Овие очекувања ги темелиме на неколку претпоставки. Клучно, се очекува натамошен раст на странската побарувачка, иако изгледите за глобалниот раст се послаби во однос на претходните очекувања.

Макроекономското сценарио претпоставува и стабилен домашен политички контекст и стабилни очекувања на домашните субјекти. Главните извори на растот ги гледаме во извозниот сектор, каде што во последнава деценија се случуваат структурни промени, влез на нови странски компании и позитивни промени во производствената и извозната структура.

Продолжувањето на циклусот на јавните инфраструктурни инвестиции, како и странските инвестиции се клучни фактори за растот на инвестициите. Дополнителен импулс се очекува и од личната потрошувачка, при раст на расположливиот доход и солидна кредитна поддршка.

Во согласност со тековните оцени за цените на примарните производи, странската ефективна инфлација, како и на цикличната позиција на домашната економија, се очекува дека стапката на инфлација ќе остане ниска и стабилна и ќе се движи околу 1,5%.

Во однос на надворешната позиција на економијата, нашите проекции покажуваат задржување на тековната сметка во зона на умерен дефицит и негово финансирање преку странски инвестиции и надворешно задолжување. Ова сценарио упатува и на натамошен раст на девизните резерви и нивно задржување во комфорна зона, во согласност со монетарната стратегија на одржување стабилен курс на домашната валута во однос на еврото.

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на С Македонија; Фото: Горан Десковски

Извесно е дека Северна Македонија ќе влезе во НАТО. Дали може тоа да придонесе за економијата?

Зачленувањето во НАТО ја гарантира стабилноста и на тој начин придонесува за повисока доверба кај инвеститорите, односно за понизок ризик од политичка неизвесност, а со тоа и пониска премија за ризик на земјата. Искуствата на други земји упатуваат на позитивни ефекти во повеќе сегменти во економијата.

Еден од најважните канали преку кои се чувствуваат ефектите се приливите на странски директни инвестиции во продуктивни сектори, коишто придонесуваат за раст на продуктивноста и конкурентноста, а со тоа и за зајакнување на потенцијалот на економијата и за забрзување на реалната конвергенција. Ова е особено значајно за малите економии, како нашата, каде што домашното штедење не е доволно за повисоко ниво на инвестиции.

А што може да придонесе за јакнење на потенцијалите за поголем економски раст?

И покрај остварениот прогрес, доходот по глава на жител кај нас изнесува 37% од просечниот доход во ЕУ, што упатува на потреба од забрзување на краткорочната динамика на раст и зголемување на потенцијалот за долгорочен и одржлив раст на економијата.

Стабилниот економски амбиент и ефикасниот финансиски систем се неопходни предуслови, но еднакво важно е и продолжувањето на структурните реформи коишто треба да влијаат врз трите долгорочни фактори на раст: квантитетот и квалитетот на човечкиот капитал, физичкиот обем на капиталот и продуктивноста.

Оттаму, меѓу другото, неопходно е да се продолжи со реформи во сферата на образованието, здравството и пазарот на труд заради зголемување на човечкиот потенцијал; со политики за стимулирање домашни и странски инвестиции заради повисоки капитални инвестиции; како и со политики што ќе значат повисока продуктивност, како што се поддршка на истражувањето, развојот и иновациите и подобрување на квалитетот на институциите.

Според Вашите согледувања, кои се ризиците за македонската економија наредната година?

Како и секоја мала и отворена економија, и ние во голема мера сме изложени на ризиците од глобалното економско окружување. Тие подолг временски период се поизразено неповолни, а главно се поврзани со ескалацијата на трговските тензии помеѓу големите економии. Исто така, и натаму е присутен ризикот поврзан со брегзит, како и геополитичките тензии. Сите овие фактори дејствуваат врз однесувањето на економските субјекти во домашната економија, како и на странските инвеститори, а ја зголемуваат и променливоста на финансиските пазари.

Остварувањето на овие ризици може да се одрази преку пониска побарувачка за нашите извозни производи, пониски приватни трансфери и капитални приливи, како и преку каналот на очекувањата на економските субјекти. Одредени ризици постојат и во домашното окружување, но тие би имале ефекти на пократок рок, главно преку евентуална поголема воздржаност на потрошувачите и на инвеститорите.

„Народната банка засилено ќе ги поддржува иновациите во финансискиот сектор“, порачува гувернерката на Народната банка на С Македонија. Фото: Горан Десковски

Неодамна, Народната банка ја отвори Портата за иновации. Што да очекуваме од овој проект?

Целта на оваа платформа е поддршка на иновациите во финансискиот сектор коишто треба да овозможат поголема понуда на технолошки понапредни финансиски услуги со бројни предности за корисниците. Портата за иновации е намената за поактивна соработка со сите компaнии коишто нудат вакви услуги.

Покрај тоа што ќе даваме насоки и објаснувања на постојните регулаторни барања, преку комуникацијата остварена преку оваа платформа, ќе ја разгледуваме и потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни бизнис-решенија и проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без прекумерно да се преземаат ризици.

Овие активности се во согласност со подготовката и на новата законска регулатива за платежните услуги, којашто ќе создаде услови за поголема конкуренција и подобри услуги за граѓаните во делот на платежните услуги.

Текст: Економист: „Светот во 2020-та“

Фото: Горан Десковски

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.