Менталната визуализација, чекор по чекор, ни овозможува подобра подготовка за дела во реалниот живот

Со силата на умот до подобри резултати

Заборавете на изреката „Без мака нема резултати!“. Научниците докажаа дека едноставно замислување на она што го сакаме може да помогне за негово остварување

Веднаш да расчистиме: размислувањето за Дејвид Бекам нема да придонесе тој да се појави на вашата врата. Но ако се замислите себеси со вретенести нозе, големи се шансите да го остварите тоа.

Психолозите со децении зборуваат дека сликите што ги формираме во нашата глава можат да влијаат врз нашето тело. А сега тоа го потврдија и истражувањата“, вели Трејси Стеин, доктор по клиничка психологија на универзитетот „Колумбија“.

Звучи неверојатно, но научните докази покажуваат дека визуализацијата е навистина функционална. На пример, клиничките специјалисти од Кливленд открија дека луѓето што користеле „ментална визуализација“ на мускулите во малиот прст за 12 недели ја зголемиле неговата сила 35 отсто – нешто помалку од оние што практикувале физички вежби за тоа (53 отсто).

Визуализацијата ја активира истата мрежа на неврони како и конкретната вежба, а може да ја зајакне врската меѓу умот и телото“, објаснува истражувачот по неврологија д-р Стивен Кослин.

Истражувањето на „Журнал оф невросајенс“ докажа дека, без разлика на тоа дали испитаниците правеле физички вежби за мускули на прстот или само ги визуализирале, во мозокот дошло до активирање на невроните што предизвикуваат движење на тој прст.

Рефлексијата на менталната визуализација во реалниот живот воопшто не е под знак прашалник“, додава Кослин.

А еден случај го докажа тоа: фудбалската ѕвезда Карли Лојд заслугите за хет-трикот на минатогодишното финале на Светскиот куп ѝ ги припишува токму на визуализацијата. Освен што може да помогне за постигнување подобри резултати, менталната визуализација придонесува за поквалитетен сон, за намалување разни воспаленија, за намалување на крвниот притисок и на нивото на стрес.

Ви нудиме неколку лесни трика што ќе ви помогнат во остварување на речиси сето она што го посакувате.

ЗАМИСЛЕТЕ ДЕКА ЈАДЕТЕ ПОЗДРАВА ХРАНА

Правете го тоа детално: луѓето што ги замислувале сите детали, на пример, од визуализација на јаболко, преку негово земање во рака, чувствување на неговиот мирис, гризење и џвакање, биле двапати поуспешни од оние што го замислувале само делот на јадење на јаболкото, покажа студијата на универзитетот „Мекгил“.

Технички назив за оваа стратегија е сликовен процес.

Резултат е подобро планирање, кое понатаму предизвикува остварување поголеми цели“, изјави главниот истражувач д-р Барбел Кнаупер. Менталната визуализација, чекор по чекор, ни овозможува подобра подготовка за дела во реалниот живот.

ЗАМИСЛЕТЕ СЕ ВО ПОДОБРА ФОРМА

Истражувањата покажаа дека мотивациска визуализација во која се замислувате како освојувате некој врв или победувате во трка може да придонесе да ги поместите сопствените граници и да напредувате. „

Овој вид позитивна визуализација придонесува за зајакнување на самодовербата“, објаснува проф. д-р Маргарет Отли, професорка по психологија на Универзитетот во Пенсилванија. Затоа, применувајте ја за да додадете уште некој километар во вашата маршрута, замислувајќи се како го поминувате вообичаениот „крај“.

ПРЕДВИДЕТЕ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА

Пред да тропнете на вратата на шефот, замислете си како самоуверено барате да ви ја покачи платата. Ако не сте способни за тоа, тогаш замислете си дека сте некоја личност со голема самодоверба, на пример Опра, Бијонсе или некоја ваша наставничка од основното училиште, и работете на тоа нивниот став да го пренасочите на себе“, советува Стеин.

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.