Кога телото и умот ви порачуваат дека е ДОСТА: Ова се знаците дека време е да направите пауза од сè!

Не ги игнорирајте знаците што ви ги испраќа телото

Телото и умот постојано ни испраќаат сигнали дека се на граница на издржливоста, но честопати ги занемаруваме

Има денови кога едноставно сфаќате дека сè ви е преку глава. Меѓутоа, денот завршува и вие некако повторно собирате сили да продолжите понатаму утредента, бидејќи се убедувате себеси дека сè е во ред. Меѓутоа, вистината е дека не е сè во ред.

Навидум е така, но вие едноставно имате чувство дека не можете повеќе – ни луѓе, ни звуци, ни обврски, ни работа…

Сè ве нервира, сè ви пречи, а она што сте го сакале и во коешто сте уживале, сега ви е одбивно. Сте прегореле, сè ви се насобрало, особено ако сте од оние луѓе што многу од работите ги кријат под тепих, додавајќи си себеси уште повеќе обврски.

Сепак, постојат некои знаци кои јасно укажуваат дека време е за пауза, време е за себе, време е да се дистанцирате од сите обврски, стресови и од сето она што ви внесува психички немир и физички ви ја одзема енергијата. Време е за поправка и за нов почеток. И тоа е сосема во ред.

Читајќи ги сигналите што ви ги испраќаат умот и телото, дајте си себеси шанса да бидете подобри…

Ништо веќе не ви звучи интересно

Без разлика дали зборуваме за работа или хоби, најверојатно некогаш сте се нашле во ситуација кога сè ви било здодевно и сте ги одолговлекувале проектите на кои инаку сте се радувале.

„Едноставно не можам да се натерам себеси да работам“, е најчестата причина што ја изговараме.

Тоа е знак дека ви треба малку да се тргнете од сè, да си се посветите себеси и да најдете нова инспирација.
За да бидете креативни и полни со елан, некогаш потребно е да се „нахраните“ духовно, односно да правите нешто друго што во моментот повеќе ви годи, без разлика дали тоа значи читање книга, шетање или нешто друго.

Гладни иако сте јаделе пред малку

Доколку спаѓате во емоционалните прејадувачи, тоа можеби е знак дека треба да забавите и да ги совладате своите емоции на поинаков начин. Ако посегнувате по кесички со грицки или по чинија со храна, а не сте навистина гладни, можно е да имате проблем со прејадување.

Некогаш ќе ви помогне и топла бања или излет во природа, прошетка или разговор со драга личност, ако воопшто ви се разговара. Дозволете си себеси да застанете и да се запрашате дали навистина сте гладни или сакате да јадете, затоа што се чувствувате анксиозно.

Премалите работи ви се претешки

Повеќето луѓе прават повеќе работи истовремено. Сепак, тоа може да доведе до ситуација во која и ситници ќе ве извадат од такт, па и за најмал проблем ќе доживеете нервен слом. Според експертите, најважно е да се запрашате дали навистина е крај на светот и како ситуацијата всушност може да се реши, со помалку стрес и паника. Побарајте помош во извршувањето на обврските. Не морате сè веднаш.

Им се истурате на оние што ги сакате

Често се провлекува мислењето дека оние што најмногу ги сакаме помалку ги поштедуваме од луѓето кои не ни значат ништо во животот. Со непознатите сме љубезни, обѕирни и трпеливи, но затоа многу работи кај семејството и пријателите не ги толерираме. Доколку ве фрустрираат секојдневни ситуации кои предизвикуваат „истурање“ на блиските, можеби дошло време да вдишете длабоко и да си поставите приоритети.

Посакувате да сокриете во тоалет, плакар или каде било, каде што не можат да ве најдат… Оние што го гледале филмот „Сексот и градот“, можеби се сеќаваат на делот кога Шарлот откако доживеа нервен слом, со желба да биде совршена мајка, жена и домаќинка, се обиде да се скрие во шпајзот за да не ја видат дека плаче. Овој момент не се случува само во филмовите, туку секогаш кога ни е потребно да се скриеме, макар 15 минути.

Тишината, изолацијата од сè и од секого, некогаш е пресудна за менталното здравје. Во вакви моменти, ние, всушност, успеваме да се вратиме на „фабричкото подесување“ односно, да го согледаме моментот кој бил пресуден и нè довел до ситуација да не можеме повеќе.

Затоа, од пресудно значење е да го слушаме телото и пораките што ни ги праќа умот. Знаците секогаш се тука. А не е срамота да побарате помош. Не сме семоќни и не може сè да зависи од нас.
Важно е да направите пауза и реално да ги согледате работите, да ги наполните батериите и да си угодите себеси, а не само на другите. Тоа не нè прави себични или егоисти. Нè прави битија од крв и месо.

Доколку сметате дека не можете сами да излезете на крај со проблемите, секогаш подобра е опцијата да побарате помош од експерти.

Вдишете длабоко и чекор по чекор, тргнете на патот кон сопственото оздравување.

Емоционално прегорување: Кога одморот не помага…
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.