Честит именден Јовановци и Јовани! На денешен ден се празнува Свети Јован Крстител, кој е и заштитник на побратимите

Денеска е вистинскиот ден да му кажете на вашиот пријател колку ви значи, така што ќе му се обратите со куме или брате.

Денес, според јулијанскиот календар, е празникот Свети Јован Крстителот, кој имал огромна улога на вчерашниот празник, Богојавление, кога во реката Јордан го крстил Исус Христос.

Уште од првите векови, Црквата утврдила овој ангел во тело да се прославува веднаш по празникот Богојавление.

Тоа е затоа што неговата главна служба, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Божјиот син Исус Христос.

Великиот и славен Крстител Јован бил убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекле главата, Иродијада наредила да не му ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашела дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зеле неговата глава и ја закопале на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можела да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопала, ја однела во Ерусалим и ја закопала на Елеонската Гора.

Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дознал дека Исус врши големи чуда, се уплашил и рекол: „Тоа е Јован кого што јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16). По извесно време еден угледен богаташ поверувал во Христа, ја оставил својата висока позиција и се замонашил, па како монах со името Инокентиј се населил на Елеонската Гора токму на она место каде што била закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си ѕида келија копал длабоко и пронашол земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му било јавено дека е на Крстителот. Тој ја целивал и ја закопал на истото место.

По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одела од рака на рака и понирала во мракот на заборавот па одново била објавувана, додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора – мајка на Михаил а жена на царот Теофил – и во времето на патријархот Игнатиј, не била пренесена во Цариград. Од главата на Светиот Предвесник се извршиле многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека бил жив Свети Јован не извршил ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се дал дар на чудотворство.

Според верувањата, на денешен ден не треба да се јаде и пие ништо црвено, бидејќи таа боја ја означува невино пролеаната крв на светителот.

На денешен ден се слави славата Св. Јован, а фамилиите често се побратимуваат на овој празник, бидејќи се смета дека Јован бил пример за човечност и карактер.

Извор: Википедија
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.