ЖОЛТА РУЖА: Збор-два за многу опасна болест што го погодува општеството

Колумна

Фото: Getty Images

„На љубоморна личност не ѝ е потребна ни љубов ни врска за да ја практикува својата нездрава емоција. Тоа не е ништо друго туку недостиг на самодоверба и чувство дека не си доволно добар. Оттука целиот проблем“

Го знаете она кога весниците немаат што да пишуваат, па почнуваат да измислуваат и да шират разни видови паника, а јавноста секогаш се „навлекува“ на тоа? Зависноста од печатените материјали е неизлечива, а јас страдам токму од неа – ретко да ми „кидне“ нешто што е напишано во весниците. Или во она што се нарекува весник…

Малку нешта можат да ме изненадат, бидејќи секојдневното труење со весници може да доведе до зголемена толеранција на глупости во сите агрегатни состојби и нивни појави. Сепак не можев да не се изненадам кога видов дека „новинарите“ од една пара-новинарска формација повторно успеале да пласираат една од најбаналните и најкретенски лаги во историјата на печатот: Црната ружа! Текстот продолжува по огласот…

Опасна секта од сатанистички тип, која ги програмира своите членови да ги убиваат блиските, а потоа да кренат рака и на себе. Понатаму следуваат неверојатни, фабрикувани примери, по принципот „си бил еден, не го знаете вие, а тоа ми го раскажа човек за кој е потврдено дека не лаже…“.

Тоа и ќе беше во ред и немаше да ме натера да си ги касам петиците да не стасав до многу безобразниот и, пред сè, опасен дел од текстот. Авторот „открива“ дека зад убиството на девојките на кои рака кренале нивните дечковци сигурно стои оваа секта. Работата е јасна! Ги врбувале лица во црни наметки, кои се собираат на гробишта, жртвуваат мачки и свеќите ги палат наопаку. Тоа е тоа, работата е решена. Ајде да одиме понатаму…

Вака третираниот проблем, кој веќе поприма одлики на епидемија, е навистина… Ај, да не зборувам многу!

Сите се прашуваат од каде толкаво насилство, и тоа од овој вид? Која е причината? Одговорот е навистина симболично во сферата на цвеќарството, само бојата е погрешна. Се работи за ружа, но не за црна, туку за жолта! Жолтата ружа е стар симбол за љубомора. Љубомората е тешка и опасна болест, која многумина многу ноншалантно ја опишуваат како нормална човекова емоција.

„Беше добро момче, никогаш немаше да крене рака на неа..“ и слично. Или така, или: „Постојано ја тепаше, беше само прашање на време кога ќе претера“. За ова второво веќе реков што мислам. Но што да правиме со „финиот“, кој, наводно, не можеме однапред да го прочитаме?

Како прво, се разбира дека можеме однапред да го прочитаме. Тешко дека некому убиството ќе му биде прва манифестација на љубомора. Сепак тоа се крчка малку подолго време и не треба да си Шерлок Холмс за да сфатиш што се подготвува. Проблем е што љубомората се смета за нормална. Дури и за пожелна! Не еднаш ми се има случено од устата на саканата да слушнам: „Биди барем малку љубоморен. Не е можно да ти е гајле. Тоа значи дека не ме сакаш.“

Искривеното гледиште доведува до резонот според кој недостиг на љубомора е всушност недостиг на љубов. Се смета дека, ако сакаш некого, постојано мора да бидеш загрижен за неговата/нејзината верност. Љубомората нема никаква врска со љубовта. На љубоморна личност не ѝ се потребни ни љубов ни врска за да ја практикува својата нездрава емоција. Тоа не е ништо друго туку недостиг на самодоверна и чувство дека не си доволно добар. Оттука целиот проблем. Ако сметам дека добро ја вршам функцијата на маж/-дечко/љубовник, нема постојано да се прашувам што прави, како е облечена и до кога ќе остане таму каде што тргнала.

Корените на оваа појава можат да бидат длабоки и би било несериозно да се каже дека можам да ги објаснам во една колумна, но со полно право тврдам дека оваа патолошка верзија на љубомората се учи. Ваквиот степен на љубомора е резултат на патријархатот, кој кај нас тешко се искоренува.

Дечкото уште дома го учат дека девојката е негова штом тој така ќе одлучи и нема што тој тука да паметува и да се однесува! Тој никогаш не бил насилен, ама брат, морал да ѝ покаже што може, а што не може! Го полудела со своето однесување! Заборавила кој е мажот. Не сакала да се смири кога си нашла дечко и… Ете, тој малку претерал, но…

Љубомората ниту е слатка, ниту е секси. Затоа немојте со неа да проверувате дали некој ве сака. Резултатите од таквиот тест нема да бидат точни, бидејќи методот е крајно ненаучен, а реагенсот што го користите би можел сериозно да ви го загрози здравјето.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.