За сите што се родени во 1960, 1970 и 1980 година: Како ли само преживеавме?

Се сеќавате?

Се возевме во фичо и сто еден без појаси, петмина на задното седиште, додека мајка ни на цел глас викаше дека ќе не’ остави на улица ако не замолчиме

Сите од маало возевме еден велосипед. Секако дека тоа беше „бемикс“, на кој често му паѓаше синџирот, додека се обидувавме со замастени прсти да го вратиме на место. Во близина немаше родители кои со страв во гласот викаа „Полека“ или деца што носеа шлем додека возеа.

За време на летниот распуст наутро излегувавме надвор, а се враќавме доцна навечер. Сега никој не може да се сети што правевме тогаш, но некои игри не се забораваат: долга магарица, скокање на јаже, граница, народна, штркот бара боја, скокање на ластик…

Кога ќе почнеше да се стемнува, мајките не’ викаа дома, но ни тогаш не сакавме да се откажеме од фаќањето светулки што ги собиравме во стаклени тегли.

Немаше мобилни телефони, никој не можеше да ни се јави и да не’ вика дома. Јадевме овошје што го „крадевме“ така што се качувавме на високите цреши или јаболка на соседите.

Паѓавме, кршевме раце, заби и никој никого не издаваше. Гребаниците и посекотините од кои „не ни течеше многу“ крв, ги игнориравме, сето тоа за да продолжиме да се играме. Знаевме: ако се вратиме такви дома, родителите нема да ни дозволат повторно да излеземе надвор тој ден.

Јадевме колачиња, штрудли, сладоледи, палачинки, но никој не беше дебел, бидејќи постојано трчавме, скокавме, се бркавме, се качувавме… Неколкумина од нас пиеја вода или сок од исти шишиња, но никој немаше афти, ниту се разболуваше од тоа.

Немавме интернет, мобилни телефони, кабелска телевизија, 160 канали и слично, но имавме пријатели!

Излегувавме надвор и се наоѓавме. Немаше претходно договарање. Седевме на клупи, дрвја, на скали и си зборувавме за се’ и сешто.

Ако сакавме да викнеме некого, одевме кај него на врата, тропавме, ѕвоневме или едноставно влегувавме во куќата и ги извлекувавме другарчињата надвор.

Се сеќавате? Сами во овој суров свет! Како ли преживеавме?

Сите играа фудбал, одбојка, но речиси никој професионално не тренираше спорт. Оние што не беа добри во спортот, мораа да научат како да се справат со разочарувањето.

Речиси никој нас ги немаше сите петки на училиште, но ретко кој повторуваше одделение. Родителите не учеа со нас и не ни ги пишуваа домашните задачи.

Татковците мудро ни велеа: „Ако добиеш единица, ти ќе си ја имаш“ или „И тројка е за ученици“, или „Да учеше, ќе добиеше петка!“

Бевме подготвени за последиците. Немаше никој позади кој можевме да се скриеме. Родителите секогаш беа на страната на учителите или полицијата. Ако згрешиш, ќе одговараш! Никој не не’ штитеше и тоа се знаеше.

Имавме слобода на избор, да учиме ако сакаме, да одиме на факултет ако сакаме. Родителите не ни се мешаа во нашите одлуки.

Како ли преживеавме во тој опасен свет?!

ФОТО: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.