Самоизолација: Направивте неколку генералки, читавте, гледавте серии и сега што?!

Филозофии на тема...

Ова се фазите на самоизолацијата низ кои, помалку или повеќе, поминуваме сите

Веќе два месеца како страшилото ковид-19 го тероризира светот и нѐ држи затворени дома. А надвор е толку сончево и прекрасно, просто те мами да го разбудиш спортистот во тебе и да излезеш на кеј (ако успееш да си ги најдеш зафрлените патики за трчање во плакарот, кои очајно се надеваат дека еден ден ќе бидат обуени). Во време кога медиумите се преплавени со лоши и лажни вести, на сите ни треба малку позитива, па ајде да си поиграме малку! Ова се фазите на самоизолацијата низ кои, помалку или повеќе, поминуваме сите. Разгледајте ги, па размислете во која се наоѓате моментално или можеби веќе сте ги поминале сите?!

ПРВА ФАЗА – ВОЗБУДА

Наставата е откажана. Нема одење на работа. Ќе работиме од дома (ако сте дел од оваа група, сметајте се себеси за среќници – почит за сите што мораа да продолжат да одат на работа, особено за здравствените работници и вработените во аптеки, супермаркети и јавен превоз). Јес! Возбудени сте што којзнае по колку време ќе можете да си одморате дома, да подработувате по нешто и да си гледате серии по цели денови. Не ви се верува дека се случува ова! Веднаш почнувате да планирате што сѐ ќе правите, сега кога имате толку време.

ВТОРА ФАЗА – ДОСАДА

Некако не е исто седењето дома кога е принудно. Исто е ама не е исто. Познато е дека кога ќе ги добиеме работите што долго сме ги посакувале, автоматски ни стануваат неинтересни. Во овој случај, тоа е вишокот време. Направивте неколку генералки, ги изгледавте сите заостанати епизоди од омилените серии, прочитавте понекоја книга и сега што? Научивте да месите леб од досада, па дури и си купивте сложувалка од што не знаете што со себе! За среќа, Интернетот е полн со инспиративни идеи и опции. Океј, ќе бидете продуктивни. Сега имате можност да поработите на својот личен развој. Ќе почнете да учете јазик онлајн, да вежбате, да готвите, да ги запишувате вашите мисли, ќе најдете лек за рак… И сето тоа онлајн – ама од понеделник!

ТРЕТА ФАЗА – ПАРАНОЈА

Работава веќе станува сериозна. Секој ден слушате вести, бројот на заразени расте, а крајот на пандемијава изгледа многу далечно. Полициски час, пропаѓање на фирми, отпуштање вработени, намалени приходи. Почнувате да се грижите за тоа како ќе ви изгледа животот кога ќе заврши сето ова. Одењето во супермаркет е како одење на воен фронт. Надвор улиците се празни и тивки. Владее апокалиптична атмосфера, само што, наместо кул кожен аутфит, носите пижами. И наместо да одбегнувате зомбија, одбегнувате луѓе. Не дај боже да кивне некој во вашата близина! Ај да си ги измијам рацете уште еднаш…

ЧЕТВРТА ФАЗА – ПОМИРУВАЊЕ

Што биде – нека биде. Важно да сме живи и здрави. Мора да гледаме позитивно на работите. Ајде, барем природата се одмори малку од нас луѓето, а и ние се одморивме од другите луѓе. Ако сте стигнале до оваа фаза – честитки! Патот дотука беше долг и тежок, полн со пресврти, подеми и падови, но успеавте! Конечно сфативте дека не мора да направите сѐ што некогаш сте си замислувале дека ќе правите ако имате доволно време. Нема да си задавате превисоки очекувања од себе. Во ред е да бидете уморни и од седењето дома. Во ред е да не прочитате ниту една книга додека сте во самоизолација. Во ред е цел ден да лежите и да гледате во ѕид. Во ред е да ви затреба одмор од сопругот и децата, кои сега не одат во градинка и по цел ден се дома.

Па, во која фаза сте моментално? Која и да е, најмалку што ви треба во овој тежок период е да бидете строги кон себеси и да се измачувате поради тоа што не правите сѐ како што мислите дека треба. Послушајте го вашиот внатрешен глас. Што ви се прави? Не, не што „би требало“ да правите, туку што ви се прави вам? Само опуштено. Сѐ ќе биде во ред.

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.