Колумна: Те сакам и не можам без тебе…

Колкав хаос во бракот може да предизвика една порака добиена по грешка и што се случува кога ќе се отворат прашањата за довербата, предавството и за количеството љубов што едната и другата страна го вложиле во врската?

Се врткав во кујната кога ми пријде држејќи го мојот мобилен во раката. „За што станува збор тука?“, ме праша. „На што мислиш…?“ „Не прави се наивна за што станува збор, кој ти е овој?“ „Кој е кој?“ „ОВОЈ“, вресна и ми го тутна мобилниот под носот. „Ама не знам за што зборуваш, човече, чекај да видам…“. Го зедов телефонот. Го погледнав дали е 100% мојот. Да, мојот е.

Почнав да ја читам пораката. „Не е моја. Не знам што е ова“, му реков. „Како не знаеш? Па, на твојот телефон е.“ „Знам, Владо, но јас навистина немам поим што е ова…’Те сакам и не можам да живеам без тебе’… Па кому би можела јас да му напишам нешто вакво? Јас дури го немам ни во меморија бројот.“ „Имала-немала, пораката е тука“, рече Владо. „А колку што гледам, човекот ти одговорил: ‘Немаме за што да зборуваме, заборави ме!’“ „Ете, гледаш дека немаме за што да зборуваме.“ „И тоа како имаме!“, рече маж ми вперувајќи го својот долг прст во мене. „Ама јас навистина не знам за што се работи!“

ИМАМЕ ПРОБЛЕМ

„Мислам, како можеш и да помислиш воопшто, па толку години сме заедно, па сигурно нема сега да почнам да се забавувам настрана. Ало, Владо!“, пукнав со прстите. „Погледни ме! Гледаш ли која сум? Твојата Дуда. Што и да е ова, јас немам врска со тоа. ОК? И зошто воопшто ми чепкаш по телефонот?“ „Не го чепкав, пристигна пораката и ја видов“, ми одговори. „Не можев да не ја прочитам. И убаво те прашав. Ти досега ќе ми ги ископаше очите.“ Факт дека е така.

Може да се лажеме дека сме растоварени и дека не се заморуваме со она што го прави другата страна, ама суетата не ти дава мир. Да беше обратна ситуацијата, тоа ќе му беше последната порака во животот. „Гледај, има начин да дознаеме за што станува збор“, реков. „Како?“ „Така што ќе се јавам на бројот. Ало!“ „Кој е?“, праша машки глас. „А кој си ти?“, прашав навредено. „Мислам, имам право да знам кого сакам најмногу на светот, зар не?“ „Јас сум Ненад“, рече. ОК, не познавам некој Ненад. „Ненаде, имаме проблем. Си одговорил на порака испратена од мојот број, а која не ја испратив јас.“ Ненад се замисли. „Јас мислев дека ми ја испрати девојка ми.“ „Во ред, но тоа не сум јас и не сум ти ја испратила пораката.“ „Можеби е грешка“, рече.

„Мојот маж не мисли така. Еве го покрај мене и со нетрпение чека да поразговарате“, му кажав и му го тутнав мобилниот на Владо. Тој се накашла и излезе на балконот. По кратко време, се врати назад. „Беше ли вчера кај Гога?“ „Да, па што?“ „А Ронче има дечко?“ „Има, зошто?“

ДЕТСКА РАБОТА

Не ни требаше многу да ги склопиме коцките. Ронче има дечко. И се скарала со него. И му испраќала пораки, но тој ја блокирал. Па побрзала да се послужи со мојот мобилен. „Па, супер“, рече Владо. „Па, супер“, реков и јас. „А се знае ли зошто се скарале?“ „Ма, детска работа, поради некоја глупост.“ „А ти мене навистина толку малку ми веруваш?“, прашав. „Не е тоа, Дудо, туку… Што ќе помислеше ти на мое место?“

„Искрено, тоа што би го помислила јас тешко дека можам да ти го раскажам. Би го помислила истото како и секоја жена во слична ситуација. Би помислила како е можно тоа да ми се случува мене, па невозможно е тоа да ми го прави човекот што го сакам. Би помислила дека некогаш бевме одличен пар и целиот свет би запрел за миг и ништо не би имало смисла. И знаеш што, би ми било навистина многу жал. А потоа долго време би размислувала како да те отстранам од лицето на Земјава, а никогаш да не ме откријат.“

„Ја излажал.“ „Кој?“ „Ненад ја излажал Ронче.“ „Тоа не е убаво“, реков. „Колку и да се млади и неискусни, лагата не е доверлива валута.“ „Ја нарекол здодевна“, додаде Владо. „И дека му оди на нерви, дека го гуши и оптоварува…“. „Па, добро, умее Ронче да биде напорна, но кога сакаш некого, како може да те заморува?

Па уште му напишала и дека го сака и дека не може да живее без него… Мора да бидеш многу млад и многу луд да му го напишеш тоа некому, нели?“ „Всушност, таа не му го напишала тоа, туку ти“, рече маж ми. „Од твојот мобилен беше испратено.“ „Па и тоа што велиш… Иако, малку е млад за мој вкус.“ „Дали треба да ѝ јавам?“ „Што?“ „Па, дека одговорил.“ „Немој, уште повеќе ќе ја повредиш. Подобро да не знае. Она што не го знаеш, не може да те боли.“

КАКО УМЕЕ ДА БОЛИ СРЦЕТО

Треба да знае, помислив. Мора да знае. Факт дека е млада и целиот живот е пред неа. Да, знам јас колку умее да те боли срцето кога имаш 18 години и кога мислиш дека ништо друго не умееш освен да сакаш. Сите поминуваме низ тоа. Некои луѓе се тука за да учиме од нив. На други, пак, ние сме им лекции. Некој мора да нè излаже за да научиме да ја препознаваме вистината. Некој мора да нè остави за да научиме што значи да си оставен. Знам дека младоста не разбира причини, ни причинители, ни последици, ни логика. Младоста е тука да сака, да се дава, да избрзува и да греши. И ѝ се простува сè. Дури и праќање пораки. „Гога те бара“, рече Владо. „Леле, Дудо, знаеш ли што се случи? Денеска чепкав во телефонот и…“ „…налетав на порака: те сакам и не можам да живеам без тебе!“ „Леле, да! Гледам непознат број, си помислив дека сигурно некој се зафркава, кога – ете ти одговор! Кој е… кога тоа…“ „Ненад.“ „Да, жено, Ненад, момчето на она мое лудо дете… Чекај малку, Дудо, а како ти го знаеш сево ова?“

Текст: Дуда Алапача

Фото: Pixabay, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.