Колумна на Дуда Алапача: Сезона на разводи

Нема-нема па до Дуда ќе пристигне вест дека некој од нејзините познаници се развел. Изгледа владее вистинска епидемија на разводи! Дали станува збор за нова мода? И зошто бракот станува минато?

Ја знаеш онаа Ана, русокосата, работеше во Социјално па замина на породилно?“, ме прашува Гога. „Ја знам, па што?“ „Се развела.“ „И таа?“ „Аха“, потврдува Гога. Нешто ме наведува да помислам дека и таа најрадо би се развела. Нејзе и на Богдан не им цветаат ружи, знам, но тоа не значи дека некој треба да…

Всушност, јас и не знам зошто, но во последно време нема-нема па ќе слушнам дека некој се развел. Луѓето се разведуваат со толкава брзина што епидемијата се заканува да го загрози дури и вирусот на Западен Нил. Дали е тоа некоја нова мода, дали повеќе не е тренди да си во брак?

Ако сум мажена – не сум мртва!

Мислам, има мигови кога ми е по малку срам да признам дека сум мажена. И тоа толку многу години што не смеам гласно ни да кажам. Е, тогаш почнуваат со прашањата, на пример: штооо, зар си со него толку долго?! И толку млада си родила? (Повторно оној поглед како да ми изразуваат сочувство). Па дали го изневери? Па, не. Неее! Како тоа? Не знам, можеби еден ден ќе го изневерам, можеби тој ќе ме изневери мене, но како што стојат нештата – тој филм нема да го гледате. Аман, луѓе, што ви е, па ако сум мажена, не сум мртва!

Страв од врзување

Главно, во денешно време бракот е радикален чекор. Всушност, бракот е минато. Надминат е. Тотално е „аут“. „И тоа немаше да биде страшно доколку се работеше за неприфаќање на институцијата како таква“, се обидувам да ѝ објаснам на Гога, па се расфрлам со термини. Ме гледа бледо. „Дали капираш што сакам да ти кажам? Не? Не мора секому да му се допаѓа бракот, тоа и онака е само лист хартија, потпис, ништо повеќе. Ме плаши тоа што одбиваме да се врземе. Не е нормално да ја газиш триесеттата и да не си имала ниедна стабилна врска. Тука нешто опасно не е во ред.“

Комфор – пред сè

Никој не сака да се жртвува, како што велеше баба ми. Токму така, никој не сака да се жртвува. Ама ни со малиот прст не сака да мрдне. Зошто би се туркала со некого в кревет, кога сакам да спијам сама? Зошто наутро би варела две кафиња, кога можам само едно? Зошто би пеглала нечии кошули, би перела нечии гаќи…? Комфорот стана водечка категорија. Вистина е дека и јас понекогаш копнеам по таков вид слобода. Знаеш, се враќаш дома, а нема хаос.

Сè е онака како што си оставила. Никој не ти го изел чоколадниот пудинг. Никој не ти бурчкал во фиоки. Никој не ја потрошил топлата вода од бојлерот. Можеш да молчиш до мила волја, а никој да не те праша што ти е. Можеш да танцуваш по дома и да зјаеш колку што сакаш! Никој нема да ти забележи што градникот ти виси на вратата од тоалетот, ете, веќе една недела. И повторно си заборавила да купиш кафе. Никој, бидејќи нема никој.

Кој верува во моногамија?

И колку е сето тоа „кул“. Опуштено. Никој не верува во моногамија. Мислам, мора да е грозно сиот живот да го поминеш со една личност? Сигурно е здодевно. Види, светот е полн со црни, руси, високи, убави, паметни, добро градени, ситуирани, разни…

Тогаш, зошто да избереш само еден и крај? Не знам, но сакам да верувам дека да се биде со еден, да се живее со еден – е исправна опција. А дека е лесно – не е. Воопшто не е. Толку нешта треба да научиш. Да истуркаш. Да прегрмиш. Животот е огромен. Долг. Таман ќе помислам дека нешто сум завршила, дека невремето поминало, кога ете ти нова беља. И повторно од почеток.

Има денови кога се прашувам – зошто сето тоа? Има ли смисла? Дали сум згрешила? Има денови кога се прашувам која сила нè споила нас двајца? Помислувам дека ќе полудам ако само уште еднаш сркне од грозната супа. Ако само уште еднаш ги стави нозете на масата што штотуку сум ја избришала. Ако само уште еднаш најдам влакна во лавабото. Ако уште еднаш задоцни да ја земе Бони. Ако уште еднаш ми донесе крдо другари во сабота навечер. Ако најдам уште една празна лименка… Илјада „ако“ преку кои треба да поминеш. Зошто?

Така сакав!

Па, на пример, поради чувството на припадност или поради фактот да имам некој само за себе. Поради тоа што сама си го избрав. И поради извесно олеснување дека повеќе не мора да барам. Го најдов. И тоа не е само мало прифаќање, тоа не е „така треба“, туку „така сакав“.

Јас не ги осудувам оние што се разведуваат. И за тоа треба храброст. Можеби и повеќе одошто за брак. Но не го прави тоа затоа што е тренди. Бракот не е чифт чизми, па да се носи една сезона, затоа потруди се, драга моја. Спаси го она што може да се спаси. Разговарај со него. Разговарај со себе. Трипати мери – еднаш сечи!

Па ако видиш дека не може – океј, барем знаеш дека си се обидела. Само да знаеш, тоа што мислиш дека сега ти е лошо, не е ништо во споредба со она откако ќе се разведеш. Луѓето умеат да бидат пакосни. Знаат да повредат, да убодат, да закасаат. И ќе го нема Богдан да те брани. Знам дека звучам како да имам 100 години – но на сама жена денес воопшто не ѝ е лесно.

Во добро и во зло

Помисли само колку е тешко во денешно време да живееш сама. Тато и мама со секој ден се постари и прашање е уште колку ќе можат да ти помагаат. Дали помисли како ќе ти биде кога ќе немаш никој? Кога ќе нема кој да ти го помести каучот? Да ти ја смени гумичката на славината. Да ти каже „ќе биде во ред“. Да се преправа дека е храбар. Да те испрати во темница. Да ти помогне со пари. Да се јави на телефон среде ноќ. Да не избега кога ќе види дека манијачки се смееш на виц што само ти го капираш. Да ти ја надува топката за пилатес. Да биде тотално неспособен да извршува повеќе работи истовремено.

Некој со кој можеш до мила волја да ги озборуваш заедничките познаници. Некој што ти е поткрепа. Поддршка. Накрај, некој со кој ќе ги делиш сметките. Некој да ти биде жирант. Некој да биде со тебе и во добро, и во зло.

Развод – под итно!

Не велам јас дека Владо е совршен. Далеку од тоа. Но ОК е. Другарче ми е. Нема нешто што не би можела да му доверам. Што и да се случи – знам дека Владо е тука. На милион мали начини – тука е. „Трошче е голема, за некоја година ќе замине од гнездото, и тоа е нормално. Не сакаш тогаш да останеш сама, не сакаш да шеташ куче како бабине во парк. Подобро да го фатиш мажот под рака, па нога пред нога, лесно…

Туку, да направам јас по едно кафе за нас, што велиш?“ „Може“, вели Гога. „Целосно ме урниса, дај ми нешто слатко“, додава. „Имам пудинг. Чоколаден, вкусен, ладен“, велам додека го отворам фрижидерот. „Немам? Ми го нема пудингот? Ма, мене не ми е до пудингот, станува збор за принцип! И, знаеш што, душо, заборави што ти кажав. Всушност, мислам дека треба под итно да се разведеш.“

Текст: Дуда Алапача за „Убавина и здравје“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.