Колумна: Како се откажавме од иднината?

Нокот и месо

Денес, една просечна „ветрушка“ стасува до „Ноктите… до оној со нокти…“, а некогаш барем умееше убаво да состави реченица и гордо, веќе околу својот пети роденден, да изјави: „Ќе бидам Лепа Брена!“

И додека јас сè уште не успеав ни да ги сварам сармите и руската салата што ги изедов за време на новогодишните празници, ме пречека една многу поразителна статистика.

На прашањето „Што сакаш да биде твоја професија“, дури 40 и нешто проценти девојчиња, на возраст од 13-14 години, одговориле со нешто како: „Нокти… Да правам нокти… Убави нокти… Нокти“.

Сармата и руската салата одеднаш побрзаа да излезат надвор од мојот желудник, и тоа на два различни излези. Во исто време, почувствував силна потреба да пуштам и солза, една, машка, најтешка. Како Жељко Бебек, на времето…

По ѓаволите, оваа статистика не ја прочитав во некој весник или на интернет, туку се најдов во друштво на лице што лично ја спровело во едно скопско училиште. Затоа и ја слушнав интегралната, неандерталска верзија одговори, која, во изданието за презентација, ќе биде преведена на јазикот на хомо сапиенсите од сите простори.

Значи, врвната амбиција на скопското девојче не само што е на некоја шмизла да ѝ ги струга ноктите и молерисува рожестите израстоци на рацете туку таа, кутрата, не знае ни како вербално да ги формулира своите желби.

Филозофот, социологот и психолог во мене гласно се запрашаа како стасавме до тука, мајката… Не е вишок да спомнам дека филозоф и психолог не сум, а социолог неуспешно посакав да бидам. Сеедно, тоа ме измачуваше…

Кога бев мал, сакав да бидам пилот. И тоа не беше минлив каприц. Таа желба ја влечев со себе барем 12 години, а се откажав кога слушнав кои услови се потребни за тоа. Тоа спаѓаше во делот професии за кои мечтаеја попаметните и не премногу умислените момчиња.

Сакам да кажам – не беше невозможно да се оствари таа амбиција. Не беа потребни ни 156% среќа ни 7% труд за да се стане, на пример, славен фудбалер или „Терминатор 2“, што сакаше мнозинството.

Во соперничкиот табор, нештата стоеја вака: паметните и рационални девојчиња сакаа да бидат лекарки или архитектки (како гласи родово коректниот израз за женски архитект?), а „ветрушките“ сакаа да бидат глумици, пејачки или балерини. Како и кај момчињата, односот на „ветрушките“ и умниците беше 170:1.

Никогаш не помислував дека еден ден ќе жалам за „ветрушките“. Но еве, дојде и тоа време.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.