Колумна: Како да знаете дека вашиот маж е подготвен да се жени

Мали сигнали

Кога е подготвен мажот да се жени? Одговорот не е толку очигледен колку што би сакале да биде. Сепак, кај повеќето од нас постојат некои шаблонски знаци, кои можат барем да ви навестат во која насока ви се движи врската, односно дали се движи некаде или паднала во ќор-сокак

Често ги слушам другарките на девојка ми како се жалат дека врските во старт им се осудени на дебакл. Прислушувајќи ги нивните плачки, заклучив дека во денешно време е невозможна мисија да се најде дечко што сака сериозна врска.

Постои нешто заедничко што се провлекува низ сите нивни жалопојки. Момците со кои се впуштиле во авантурата се или во филмот „моментално не сакам врска“ или „се обидувам да го соберам животот“ или „сега не сум во можност, имам толку многу бла, бла, бла“.

Значи, секоја фраза со која се претставуваме како жртва на несреќните околности е корисна за избегнување емоционална интимност.  Кога женското ќе му ги постави на машкото оние директни прашања, во стилот: „сали имаме исти планови за иднината“ или „сакаш ли деца“ или „зошто не ти успеа последната врска“ – совршено е јасно дека веќе не сака да си го арчи времето на тип што не сака да стане сериозен.

Исто така, забележав дека нас мажите таквите прашања автоматски нè ставаат во дефанзивна формација.

Фото: Getty Images

Очигледно, мажите се некој вид на емотивни ларви. Веројатно и јас сум таков, па затоа би ви предложил малку поинаков сет на прашања.

На пример, наместо дали сака да се жени, прашајте го на колку венчавки бил во последно време. Мажот чии другари одлучиле да станат сериозни сигурно добива голем број покани за свадба.

А мажот чии другари се слободни и секој викенд се пијанчат до зори, сигурно нема да биде расположен „да стане сериозен“. Или прашајте го дали неговите родители се во среќен брак. Можно е вашето момче веќе некое време да живее независно од родителите, но доколку нивниот брак му е репер за пропаст и за развод, веројатно нема да сака да ја направи нивната грешка.

Сепак, набљудувајќи ги моите другари и колеги, развив сопствена, тотално ненаучна теорија, за која сум сигурен дека ќе ги „одува“ сите други.

Ако навистина сакате да знаете дали вашиот маж е подготвен за сериозна врска, прашајте го ако напредува неговата кариера. Знам дека ви звучи чудно, но изгледа постои некаква нераскинлива врска помеѓу подготвеноста на мажот да се жени и неговата кариера.

Во нашето традиционално општество се очекува мажот да биде главен ктитор на машко-женските односи, па ако не сме во ситуација да обезбедиме присоен живот, повеќето од нас ќе се чувствуваат непријатно и несоодветно. Чувството на неуспех и на беда умее да ги погуби нашите љубовни амбиции. Познавам голем број успешни момци – новинари, музичари, банкари, програмери, професори…

Сите тие кога почувствуваа бенефит од кариерата почнаа да стануваат поотворени за некои сосема нови работи во животот, вклучувајќи ја и женидбата. Оние што се премногу возбудени за тоа во која насока се движи нивната кариера, го пролонгираат бракот со бескрајни врски, фејсбук-варијанти или бескрајни порно-беспатија на интернет.

Накратко, ако не е доволно задоволен со својата улога во светот, нема да биде задоволен ни со вас…

А веројатно ни со никој друг. Секако, имам видено и ситуација кога дечкото е во комфорна врска со години, па кога ќе доживее успех, станува и одлучува дека сака нов почеток со некоја друга. Па ни ние не сме сите во ист калап, различни сме… Но сметам дека повеќето мажи имаат вроден инстинкт што ги влече кон стабилност и сигурност во љубовта.

Ако го запознаете дечкото за време на неговиот успех и сакате долгогодишна врска со него, имате големи шанси да успеете во тоа. Мажот што не е подготвен да ви се посвети и кој не ве гледа како дел од својата иднина треба да стане дел од вашето минато.

Многу е веројатно од мене да зборува потсвеста, а можеби почнав и самиот да се преиспитувам. Проблемот е во тоа што во последно време сè помалку им верувам на другите, а најмалку на себе.

Текст: Добар Лик за „Убавина и здравје“

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.