Колумна: Дуда Алапача во епизодата… Да не е полошо!

Зошто? Затоа што е баксуз!

Фото: Getty Images

Во некои ситуации, кога човек премногу размислува, си го троши времето, а од тоа нема некаква полза. Затоа да ги слушаме старите… „Не дај боже поголемо зло! Кога гледаш дека мозокот те зема под свое, ангажирај го со нешто друго. Земи читај или прави нешто друго корисно“

Баба ми, која факт е дека не беше некоја учена жена, имаше човечка мудрост, природна. Секогаш кога работите ќе тргнеа надолу, таа веднаш замавнуваше со раката.

„Не дај боже поголемо зло“, велеше, и на тој начин ставаше точка на секоја воздишка, преиспитување или кукање. Сушна година? Да не е полошо! Мразот ги потепал пиперките? Тоа нека е лошото. Поскапела струјата? Само нека ја има. Таа и таа се омажила за некој што е 20 години постар од неа? Среќа што се омажила! Претекло млекото? Ако, ќе даде господ друго. И така по ред, паметно, прибрано, полека. Кога нешто ќе ја заболеше, не се жалеше. Текстот продолжува по огласот…

„Ќе помине. Фала му на бога, убави години проживеав во здравје, редно е и да ме заболи нешто, не можам до крајот на веков да бидам здрава!“ „Бабо, како можеш да бидеш толку смирена? Ти никогаш не се нервираш. Па, погледни ја Миланка – ако денес не доживее три нервни слома, не завршила работа!“

„Мајка ти е луда“, ми шепна. „Но ти ја роди.“ „Па, што ако? И уште стопати да ја родам, не е до мене – од таква сорта е. Цела е на татка си. И на неговата луда фамилија. Се грижи, се нервира, сака сè да исправи, на секоја неправда да ѝ застане на патот, зошто?! Дали нешто ѝ фали? Има ли покрив над главата? Има. Има ли маж? Има. Дете? Да. Работа? Има. И повторно не е добро, повторно нешто не чини…

Зошто? Затоа што е баксуз.“

На некои дефинитивно не може да им се угоди

„Дудо моја, постојат луѓе што се раѓаат со дарба. Некој умее убаво да пишува, некој да свири, некој ужива во животот, каков и да е, но има и несреќници на кои никој не може да им угоди и кои едноставно сакаат да не се среќни. Е, мајка ти не сака да е среќна. Не знае како, и тоа ти е!“ „А јас на кого сум, бабо? Мислам, кога не би била твоја, дали можеш да ми кажеш на кого сум повлекла?“ Баба ми се замисли.

„Ти… личиш на мајка ти во ликот… по малку и во карактерот, но повеќе си на мене, тоа уште од мала се гледаше.“ „А дали сум барем малку на татко ми?“ „Па, да. Носот ти е негов“, ми одговори баба ми. „Но во тоа да е целото зло, душо моја…“ Поминаа годините, баба ми одамна ја нема, но како што стареам, сè повеќе мислам на неа. На нејзината животна школа. Да беше школувана, сигурно ќе стигнеше далеку. Да беше жива, денес сигурно ќе беше најдобриот мотивациски говорник. И тоа благодарение на техниката „чувај боже од поголемо зло“.

Баба ми секогаш имаше само убав збор…

Баба ми во сè и во секого гледаше само добро. Имаше убав збор за сите. Не веруваше во рекла-казала и не озборуваше. Не стоеше на капијата чекајќи некој сочен абер, ниту го туркаше носот каде што не му е местото. Не ја интересираше зошто комшијата ги оставил жена си и трите деца и заминал во град со дупло помлада од себе. Ни зошто Цвета трипати се мажеше. Ни зошто онаа чиј татко е сопственик на земјоделската аптека веќе петта година нема деца. Ни кај кои баби ја носеле и кои тревки пиела. Ни тоа дали жена му на аптекарот Милан е бремена или се здебелила.

„Што ми е гајле мене“, велеше. „Никому не му држам свеќа. Не му ѕиркам во тенџерето, ниту, пак, во џебот или во креветот. Фала му на бога, имам што да правам по цели денови.“ Баба ми никогаш не се лутеше, ниту се жалеше за старите времиња.

„Што било, било. Веќе нема да биде. Не се плаче по истуреното млеко. Туку, гледај како ќе ја поправиш единицата пред да отиде мајка ти кај тебе на училиште. И што ти е гајле кој што ќе каже? Секогаш ќе се најде некој кому нема да му одговара – ниту тоа што го правиш, ниту како зборуваш, ниту како се облекуваш. Не бери гајле, моја Дудо.

Не можеш да му угодиш на светот. И немој да размислуваш многу, кога човек многу размислува, станува тажен. А тагата води во болест. Ќе потрошиш многу време, а никаква полза од тоа. Затоа, кога ќе видиш дека мозокот те зема под свое, ти занимавај го со нешто друго. Земи читај. Или работи нешто. Корисно, ако можеш. Учи јазик. Колку јазици знаеш, толку вредиш“, велеше баба.

… и за секого лек

Дури и кога нештата стануваа неподносливи, баба имаше универзален лек. Кога Гога раскина со момчето, одеше на терапија кај баба ми. „Пууу, ти раскина?!“, се чудеше баба. „На ваква девојка?! А јас помислив ти се случило нешто страшно… Момчето?! Е, душо моја, таму да отиде лошото. Тој не беше за тебе, јас одамна сакав да ти го кажам тоа. Немаше да се усреќиш и да останевте заедно, го познавам чичко му, тешка бараба. И немој да плачеш, живи сте и здрави и ти и тој, ќе има момчиња… Гледај ја, повторно плаче…

А, Дудо, веќе да не ми ја носиш штом вака се лигави! Туку, да ја поставиме масата, па потоа ќе зборуваме за момчињата. Ајде, истреби ми го гравот и гледај да го провериш секое зрно“, велеше истурајќи пред Гога помала вреќа, подготвена специјално за такви пригоди, колку да ѝ ги оттргне мислите од несреќната љубов. „Ама, бабо, тој си најде друга“, шмркаше Гога. „Таа е убава. Многу е убава, има коса до половината.“ „Па, што ако има коса“, фрчеше баба. „Имаш и ти! Деца мои, не споредувајте се со другите. Особено не со оние што не ги познавате. Од каде знаеш дали таа е сега среќна со него? Дека ништо не ѝ фали? Па, не им светиш навечер. И не е поубава од тебе, да ти кажам искрено. Зар не е така, Дудо?“

„Така е, бабо.“

„Се разбира дека е така. Слушајте ја вие само баба и ќе видите дека сè ќе биде во ред.“ „Ама, бабо, јас не можам со очи да ја гледам…“, продолжи Гога. „Вчера ја сретнав пред судот, дали знаеш како ме погледна… пакосно…“ „Немој така, Гордана“, ја прекоруваше баба. „Таа не ти е виновна за ништо. Никој не може да ви биде виновен или должен, деца. Секој си ја крои сопствената среќа. И не зјапај лево-десно, туку истреби го гравот како што треба!“

А денес јас сум животен тренер…

„Ѝ велам јас на неа, Дудо, тоа не е моја работа, да дојдеше вчера, драга моја, навреме, и да не излезеше во три и петнаесет, и да не испиеше седум кафиња во меѓувреме, можеби извештаите ќе ти беа готови. Затоа, не очекувај дека ќе ти помогнам покрај сета моја работа. А таа ме гледа, онака, пакосно… ма, би ме изела да може!“, рече Гога и скрна голтка кафе.

„Смачено ми е, жими мајка… Дали знаеш како е да седиш цел ден со неа во канцеларија…“ „Не седиш цел ден“, ја прекинав. „Како мислиш“, упорна е Гога. „Така убаво. Зар не кажа дека секое утро доцни и дека си оди дома два часа пред сите? Значи, не е цел ден. И таа не ти е виновна што ти не се омажи за богат човек, па сега мораш да работиш. И јас морам, па… И како знаеш дека нејзе ѝ е добро? Дека ништо не ѝ фали? Ни јас ни ти не ѝ светиме…“.

„Ма, ќе побарам да ме преместат“, рече Гога. „Побарај ако си луда. Што мислиш, дека таму нема да се најде некоја што ќе ти ги мрси конците? Не е до нив, душо моја! До нас е! Сè ставаме при срце. Се палиме, што би рекла ќерка ти. И премногу размислуваме. Туку, ај истреби ми го гравот, ручекот нема да се свари сам. И не зјапај во телефонот, туку убаво истреби го!“

Текст: Дуда Алапача за „Убавина и здравје“

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.